Сонувани и будни песни (1)

06.02.2019 15:43
Сонувани и будни песни (1)

 

СОНУВАНИ ПЕСНИ

8.
Пиеме пиво во мрачната крчма во која Карвер
некогаш напишал расказ. Овде ќе доаѓам
секоја вечер! вели некој, а и ќе пробам

и јас да напишам расказ во сепарето до
билјардската маса. На шанкот се трупаат
пивски кригли. Џубоксот голта нова банкнота

и исплукува четири песни од времето на
Карвер. Таа е љубопитна што ли тој
запишува во тефтерот со корици

од крокодилска кожа. Гледа како
пријателите му носат нови кригли
пиво и како тој ги празни без да го

прекине пишувањето. Почнува трета
тура од по четири песни од џубоксот,
а тој се тетерави кон тоалетот.

Сега му е мајката! си вели таа и фрла поглед
во неговиот тефтер: Пиеме пиво во мрачната
крчма во која Карвер некогаш напишал расказ.

12.
Легнува тешка ко прејадена панда,
камион шестотон со крадени дрвја,
џиновска тиква што не ја мери кантар.

Легнува тромава како мечка стрвна,
ко трудна камила на сточниот пазар,
ко тапа секира за одмазда крвна.

Легнува тажна ко октопод во казан,
како роднини што не се веќе наши,
ко гурбетчија кој не се врти назад.

Дека ќе попушти леглото се плаши,
но среде сон шепоти едно „Прости“
и веќе од ништо на свет не се страши.

Се буди лесна ко покана на гости,
како снегулка врз тазе плетена капа,
ко бакнеж врз кутиче со свети мошти.

Се буди силна како татнеж од тапан,
како некој што знае да дава прошка
и запира баш точно кога е доста.


13.
На прекуокеански лет таа в полусон
гледа филм кој се случува далеку во
Вселената. Еден од астронаутите ги

прегрнува своите чеда постари од него.
Тој, пак, се загледал во црно-бел вестерн
и потскокнува на секој истрел. В полусон

таа тивко липа за луѓето кои стареат
со различно темпо. А тој заспива со
стрела во грбот. Стјуардесата ги буди

за да појадуваат пред слетувањето.
Тој прашува каков е тој летечки воз,
а таа му вели дека во нејзино време

авионите биле надмината работа.
Слетуваат. На пасошката контрола
полицаецот ѝ вели: Девојче, па твојот

датум на раѓање е во наредниот век!
Цариникот му вели: Што ќе пријавите,
освен коњот, пиштолот, сабјата и пушката?


18.
На појадок тој ѝ го раскажува
најновиот сон: Трчаа диви коњи,
зебри и жирафи по булеварите!

Јагуар им рикаше на статуите лавови.
Мајмуни го поминуваа стариот мост!
Сакаш да ти направам уште еден тост?

Ама тројански коњ и алигатор влегоа во
Собранието. Трговскиот центар замириса
како кокошарник. По пешачката улица

шетаа лами, антилопи и тигри. На плоштадот
крокодили јадеа сладолед и шеќерна волна,
бизони и јакови зобаа печени пченки!

Градот беше преполн со сите можни
ѕверки: фоки, моржови, хиени, носорози
и многу пауни и мечки... Помислив дека

ноќва некој ги ослободил сите животни од
сите кафези од сите зоолошки во светот!
Знам, јас им отворив. Сакаш уште јогурт?


БУДНИ ПЕСНИ


2.
          Човек се буди како шаховска фигура.
Не знае дали е топ, пион, коњ или ловец.
          Знае само дека не е ни крал ни кралица.
Не знае ни дали е црна или бела фигура.

          Ни дали е веќе одлучено да падне курбан 
за некоја необјаснива, но повисока цел.
          Знае само дека мора да чека некој друг 
да одлучи каде и кога ќе киниса.


3.
Штрк се буди како човек.
          Од празните гнезда
сфаќа дека сите негови
          блиски веќе одлетале.

Оди во првата продавница
          и си купува бели алишта. 
Додека вечера жабји копани
          упорно гледа во небото.


7.
Ловец се буди како огромен слон.
          Го будат далечни истрели. Ги слуша 
од многу далеку, оти има големи уши.
          Може да начуе дека бргу ќе дојдат ловците

и почнува да трча заедно со своите чеда.
          Трча ли трча, ама истрелите се доближуваат.
Посакува да може да се сокријат зад стебло.
          Го препознава звукот од својата стара пушка.


15.
Се буди како октопод. Се прашува што ли да прави
          со толку многу раце. Со едната ќе ги фаќа
харпуните 
в лет, си вели, со другата – фрленото ѓубре, со третата
          ќе негодувам против сите неправди на светот.

Со четвртата ќе милувам без прекин. Со петтата ќе им го
          покажувам патот на сите што заталкале. Со шестата ќе пливам, со седмата – ќе танцувам. А со осмата?
          Ќе го чистам стаклото на аквариумот.

 


Влада Урошевиќ
Тонење в сон, изнурнување од сонот

Тонење в сон, изнурнување од сонот: две точки на закривената линија време-простор на кои го осознаваме, секогаш одново, нашето место во светот и помеѓу кои може да се смести и смислата и бесмислата, и случајот и предопределеноста, и причината и последицата, и свеста и несвесното. Од премините помеѓу тие две агрегатни состојби на духот, Владимир Мартиновски извлекува алармантни ситуации, панични глетки, вртоглави препознавања. Неговите песни се раскошни азна преполни блескави слики, изненадувачки споеви на одеднаш откриените сродности, рески пресеци на времиња и на простори. А за да покаже дека сето тоа има своја внатрешна неопходност и неминовност, тој ни дава да го насетиме, прескокнувајќи го хоризонтот на очекувањата, тајниот код што ги спојува овие песни со двете големи соништа на човештвото – Илијада и Одисеја.

 

          Белешка за авторот
          Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар, преведувач. Работи како редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. 

          Автор на поетските книги: Морска месечина (2003), Скриени песни (2005), И вода и земја и оган и воздух (2006), Квартети (2010), Побрзај и почекај (2011), Пред и по танцот (2012), Вистинска вода (2014), Внатрешни планини (2016) и Сонувани и будни песни (2017). Неговите песни се објавени на дваесетина јазици.

          Објавил три книги со хаибуни: Ехо од бранови (2009), Мачка во магла (2016) и Небо без ѕвезди (2016). Автор и на книжевно-теориските книги: Од слика до песна (2003), Споредбени триптиси (2007), Les Musées imaginaires (2009), Слики за читање (2009), Споредбени диптиси (2011), Зоон поетикон (2013) и Narro ergo sum (2015). 

          Добитник на неколку книжевни награди: „Браќа Миладиновци“ (за поезија), „Нова Македонија“ (за расказ) и „Димитар Митрев“ (за книжевна критика). Се занимава и со други уметности: музика, сликарство, фотографија. 

Песните од книгата Сонувани и будни песни ги отсонувал и ги одбдеал за време на книжевната резиденција на Универзитетот во Ајова (International Writing Program 2017), меѓу 19 август и 7 ноември 2017 година.

Слики: Deedee Cheriel
Извор: Владимир Мартиновски, Сонувани и будни песни (Кликер книги, 2017)

ОкоБоли главаВицФото