Другарот Тито и гаќите за капење

07.02.2019 01:15
Другарот Тито и гаќите за капење

Дали може да замислите кој било светски државник да се соблече на гаќи за капење и да ја собере плебисцитарната популарност на екумената? Тешко, навистина тешко. Доналд Трамп не смее да облече ни кошула со кратки ракави, а камо ли да ги соблече панталоните. Неговиот претходник, Барак Обама, дојде во Белата куќа на бран либерални вредности, но се покажа како доминантно конзервативен фактор кој за осум години не повлече ниту еден добар потег во насока на ослободување на духот и телото.

Од другата страна на идеолошкиот спектар, Владимир Путин божем се соблекува, но само до половина. Секогаш се соблекува до половина, но во комбинација со долен дел од униформа на специјалните единици. Полуголоста на Путин не е славење на слободниот дух, туку посвета на некој глупав руски мачизам, комбинација на сибирски затвор и ловечки кукавичлук. Наводно храбриот Владимир, гол до половина, претпладне храни и милува тигри, а попладне затвора и убива неистомисленици и политички противници.

Погледнете колку нашиот Јоже е напреден во однос на сите нив. Тој е единствениот државник во историјата кој се фотографијал гол (таа историја ја бележи уште само Жаклин Кенеди Оназис, но таа не беше државничка, туку државничка ханума. Ах, грешиме, и Ангела Меркел има нудистичка фотографија, а тоа го крева нашето воодушевување до небото). Главно, нашиот Јоже се досетил на генијална идеолошка инверзија. Во поранешниот социјалистички свет најсилни нудистички сили беа ДДР и СФРЈ. Клервоајантниот маневар, неслободата на политичката мисла и јавното изразување се компензирани со контролирана либерализација на телото. Додека во Романија, Унгарците и Бугарите, за Албанците и да не зборуваме, со затвор го плаќале секое мини здолниште и секое деколте, Југословените и оние од ДДР со гордост ги клателе своите куриња, куришта и цициња на плажите на Јадранот. Тоа е вистински политичар - ќе им земеш нешто, па божем малку ќе им дадеш.

И погледнете ја оваа прекрасна фотографија. Трикратен народен херој, почесен доктор на Универзитетот во Загреб и Уганда, откако го истерал окупаторот и ги обезвластил народните експлоататори, се оптегнал во брионската лежалка и се излежува. Кога ќе ни донесете фотографии од Бакир, Драган или Марио Караматиќ, како се сончаат во спидо капачки гаќи, и притоа сите да ги сакаат и обожаваат, евентуално тогаш би смееле и да му приговарате на овој наратив.

А, дотогаш, покријте се и замислувајте колку е убаво да се биде нудист.

Слични содржини

Балкан / Музика / Историја
Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Балкан / Книжевност / Историја
Балкан / Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото