Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (5)

07.02.2019 11:21
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (5)

Андреј Волкашин, Тажна приказна за среќни луѓе (Антолог)


2 МАЈ 2008 ГОДИНА

ВО МАЈ ПРОЛЕТТА Е ЗРЕЛА, НЕБОТО Е СИНО, ОБЛАЦИТЕ лесни и меки како шеќерен памук. Земјата е сочна, животот бучи на сите страни. Гранките на буките се покриени со новородени лисја, безобразно зелени треперат на јужниот ветрец. Сноп сонце се пробива меѓу нив како низ витраж, се прска по дното на шумата како јато мали призраци. Во буковите корења, во гниежот на ланските лисја, се прчат темјанушки. Темносини, виолетови, мудри како вселената, тие им шепотат на пчелите и на мајските бумбари. Муварчиња и ливадарчиња летаат ниско над потокот, жуборат и клопотат посилно од водата. Мирисот на дивото нане ги замајува пеперутките низ ливадата. Последниот снег блеска врз сините врвови во далечината.

Каков убав ден за умирање.

Една старица седи на пластичен стол зад младата шума од бел бор. Очите ѝ се сини, сребрени, сјајни, ама лицето ѝ е потемнето, извеано од времето. Оддалеку кога ја гледаш, ќе речеш не е вистинска среде бујното зеленило посеано со шарени цвеќиња. „Мила пролет, мила младост“, велеше некогаш, многу одамна мајка ѝ. Еве ја таа шума пред неа, до вчера гола, пуста и јалова, завеана од ледовита тишина, сега ѝ се потпезува со својот раскош, со својата вратена младост. Мелодијата на таа тажна песна, за паднатите лисја, за неповратната младост, трепери речиси нечујно во ветрот и ѝ доаѓа да пее, но глас не излегува од неа. Не ѝ е до песна, иако целата гора пее. Иако песната е тажна.

Сонцето блеска во нејзината бела коса, блага топлина ѝ го гали лицето, ја потсетува за радоста во животот, за времето што мирува. За оние моменти кога беше најсреќна, кога пролетта не беше лажна, кога младоста цветаше во неа. Убав ден за умирање, си мисли таа, во неа грее последниот зрак од некогашната мудрост.

На Стана ѝ се восхитуваа. За нејзината борбеност и сила. За нејзината мудрост и несебичност. За нејзината стројна убавина, за нејзините очи на срна, за нејзиниот глас од кој очите на другите се полнеа со солзи. На Стана ѝ се восхитуваа каква ќерка беше, каква сестра беше, каква жена беше, каква мајка беше. Овој мајски ден таа е повеќе себеси отколку што сака да биде. Додека пчелите зузукаат околу неа, таа посакува овој ден да е последен. Посакува да си тргне одовде токму во тој момент, во тоа време, кога пеперутките танцуваат, кога потокот жубори, темјанушките шепотат, дивото нане замајува, а сончевите одблесоци се бркаат како зајаци врз килимот од лисја во буките. Тој ден, Стана знае која е, знае каде е, знае дека имаше тежок, ама буен живот. Живот исполнет љубов. Тој ден, таа знае дека живееше со мудрост, дека си ја заврши работата најдобро што можеше. Затоа посакува да замине, пред да заборави сосема на тоа дека некогаш одамна беше царица на светот. Беше царица на светот трипати.



Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.