Историјата е испишана

07.02.2019 13:21
Историјата е испишана

Кога во 2008 година „за влакно“ не го избегнавме грчкото вето за македонското асоцирање во НАТО, на самитот во Букурешт ми пријдоа десетици колеги, познати и непознати, експерти и дипломати, мене – еден од присутните Македонци таму, вон официјалните состави на делегациите – да ми изразат искрена поддршка и жалење за однесувањето на нивниот грчки сојузник во НАТО.

Денес, десетина години подоцна, пет-шест мина од тогашното букурешко дружење, ми испратија пораки и поздрави за приемот на Македонија во НАТО – еден од нив ми порачува, „Браво, историјата е испишана!“

Се чини дека важноста на потпишувањето на протоколот за прием на Република Северна Македонија во НАТО нашите пријатели вон Македонија многу подобро го сфаќаат од многумина овде. Една голема национална аспирација е остварена, дотолку поважно поради несигурните времиња во кои живееме дури и на Стариот континент, а не пак во светот. Што и да мислите за Северно-атлантската безбедносна алијанса, како и да го проектирате нејзиниот опстанок, колку и да сте задоволни или незадоволни од поединечни нејзини членки – нам „газот“, фала на прашање, сега ни е покриен!

Дури и локалниве политички „керови“, кои направија сè што беше во нивна моќ до нашето членство во НАТО да не дојде, сега се растрчани да честитаат и да наздрават, макар и со фуснота за промената на името, за да бидат видени овде и онде каде што е важно да се биде за да се обезбеди барем сенката да им влезе на фотографиите кои еден ден ќе сведочат за тоа кој и како ја пишувал оваа историја. Па и оној побегнатиот, па забеган во Будимпешта, како Бонапарта од егзилот на Св Елена среде Атлантикот, мисли дека треба нешто да каже – ќе пишувал некаква нова парадигма за тоа како требало борбата да продолжи, во услови на македонското членување во НАТО. Гатала бабата да нема мраз, а изутрина снег до колена.

Туку, да си кажеме верно, оваа работа без упорноста на Заев и без вештината на Димитров немаше да ја биде. Тие двајцата се најзаслужни за тоа што сега се случи, иако и пред нив многумина газеа по таа козја патека во надеж дека ќе се искачат до врвот. Тие двајца, по име и презиме, ќе се запишат во историските читанки. Хорхе, пак, ќе се чита во учебниците по музичко, во лекциите за народниот инструмент шупелка.

Сепак, Шекеринска ја даде клучната политичка квалификација за она што го означува нашето пристапување во НАТО: „Се наоѓаме на влезот на иднината“, мудро вели таа. Баш така: да влезеш е подобро отколку да мрзнеш надвор, но од влезот до првите редови во салата каде што се дава претставата има уште многу скали да се качуваат.

Со Македонија во НАТО, на Балканот завршува една триесет годишна епоха започната со распадот на Југославија. Со нашиот влез во Алијансата, НАТО го „пломбира“ своето јужно крило, зацврстувајќи ја својата безбедносна цитадела што сега поцврсто се протега по копно од Црното Море до Јадранот. Следното што ќе се решава е српско-косовскиот проблем, во постабилно окружување и со Преспанскиот договор – тоа е оној меѓународен контракт што вмровците еднострано ќе го поништеле кога ќе дошле на власт – како модел за решавање и на тој конфликт. Босна е за крајот.


Слики: Alex Roulette
Извор: Цивил Медиа