Етичките, политичките и социолошките импликации од долгиот живот

08.02.2019 01:37
Етичките, политичките и социолошките импликации од долгиот живот

Колку долго би сакале да живеете под услов медицината да ви обезбеди квалитетен живот? Не мора да се грижите дали ќе бидете неподвижни, ќе можете да се движите без помош, нема да имате никакви траги од деменција, на 80 години би имале тело како кога сте имале 20. Да речеме дека медицината напреднала толку што може да ви го овозможи сето тоа - значи, колку би сакале да живеете? Можеби 100, 150, 200, 250 години? Повеќе?

Тоа сега звучи како научна фантастика, но повеќето футуролози предвидуваат дека човекот некогаш ќе ја отстрани смртта. На сите ни е јасно дека просечно живееме подолго од порано. Додека се движите низ град, голема е веројатноста дека ќе наидете на некој кој е во своите осумдесетти години. Нема дури ни показатели дека модерната наука ќе престане да се развива, така што веројатно ќе го продолжиме просечниот живот уште повеќе. Веројатно не постои болест која некогаш нема да може да ја излекуваме, иако тоа нема да се случи додека сме живи. Иако, којзнае, можеби веќе нашите правнуци ќе дочекаат да живеат во свет во кој просечната должина на животот е 160 или повеќе години!

Денес луѓето се делат околу тоа колку би сакале да живеат (кога би можеле да изберат, секако). Некои би сакале да доживеат длабока старост, додека некои повеќе би сакале да живеат квалитетно и да умрат порано, за да немаат проблеми кои доаѓаат со староста, како алцхајмерот. Но, кога би успеале да ги елиминираме сите проблеми што неминовно ги носи староста, тешко дека некој и натаму би сакал да умре млад. Кога староста со себе не би создавала различни и бројни здравствени проблеми, речиси сите би сакале да живеат што подолго. Сепак живееме само еднаш.

Се чини дека ова звучи супер. Кога луѓето би умирале многу подоцна отколку што се случува денес, би можеле да проживееме многу повеќе нешта. Но, дали тоа е нужно и добро? Иако двојното зголемување на просечниот живот звучи предизвикувачки и убаво, и тоа да живееме десетпати подолго отколку што можеме сега - дали тоа е нужно добро за општеството?

Одложувањето на смртта се чини добро, но тоа со себе носи сериозни политички, етички и социолошки проблеми. Во таков свет тешко дека ќе можеме да замислиме да живееме како што живееме денес. Кога би знаеле дека ќе живеете 160 години, дали би биле подготвени во своите дваесетти или триесетти да изговорите „додека смртта не нѐ раздели“ и да стапите во брак со партнерот? Дали би биле подготвени не да поминете 60-тина години, туку 160 години со истата личност? Браковите денес пропаѓаат заради влијанието на времето на врската, замислете да се трудите бракот да опстане повеќе од 100 години.

Иако, добро - факт е дека денес религиозноста на Западот опаѓа и дека повеќето луѓе прифатиле дека бракот може да се раскине без поголеми проблеми. Но, секојдневниот живот секако ќе се промени. Како воопшто би изгледал работниот век кога ќе живеете многу повеќе од еден век? Денес е јасно како функционира тоа - човекот ги поминува своите први две децении учејќи, за наредните четири да ги помине работејќи го она што го учел - и на крајот ќе помине неколку години во пензија одморајќи. Малку би било апсурдно доколку знаеме дека луѓето се активни и дека ќе ја дочекаат 160-та година за да се пензионираат во својата 65-та. Замислете пензијата да трае 100 години! Можеби би било убаво за поединецот, но тоа би имало сериозни економски последици.

Очигледно е дека ќе мораме да го промениме начинот на кој сме го организирале работниот век. Прво, не е можно да се учи само до своите 20-ти и потоа да се работи во следните 100 години. Со брзината со која се менува нашиот свет, факт е дека знаењето што сме го стекнале ќе биде надминато порано од нашата пензија. Лекарот ќе мора да се образува многу подолго и константно да ги следи трендовите. Сите ќе мора да го правиме тоа, зашто работите и денес брзо се менуваат, а камо ли тогаш.

Школувањето нема да престане кога ќе имаме 20 или 40 години. Луѓето ќе мораат константно да учат и да го надоградуваат своето знаење и своите вештини. Но, кога ќе работат? Ова е најголемата дилема за долгиот животен век - од една страна не е мошне чесно да работиме 40 години и потоа да добиваме бенефиции 100 години, но и идејата да работиме повеќе од 40 или 50 години повторно е проблематична.

Макс Планк рекол дека науката напредува „од погреб до погреб“. Со ова сакал да укаже на еден логичен факт, односно дека новите генерации донесуваат нови идеи кои го менуваат светот. Светот на науката, технологијата, политиката... Сите млади луѓе денес веќе замеруваат што шефовите често им се мошне стари луѓе и не се баш запознаени со модерните трендови и начинот на живот. Замислете дека сега живееме во овој свет каде и животниот и работниот век се двојно подолги. Без оглед на тоа какво е вашето занимање - дали би сакале вашиот шеф да е личност која завршила факултет додека на престолот бил кралот Александар Први Караѓорѓевиќ?

Да, Александар Ѓорѓевиќ умрел 1934 година, така што личноста која живее 160 години денес, хипотетички, сѐ уште би била вработена. Дали е реално и оправдано да се очекува од некој кој работел во времето на СФРЈ, добро да е упатен во најновите трендови во ИТ индустријата? Дури и ако ги „улови“ сите технички и технолошки новитети, таа личност пораснала во сосема поинаков политички и социјален свет. Колку нешта се променети од тогаш, а колку пак е променет светот од времето на Александар Караѓорѓевиќ.

Замислете ја политичката сцена. Многу претседатели имаат желба да бидат доживотни претседатели. Некои дури имаат и можност да бидат тоа. Владимир Путин има 66 години, Реџеп Таип Ердоган 64, Ким Џонг Ун 34... Ако двојно го зголемиме животниот век тие би биле на власт уште 100 години! Или - Сталин сѐ уште би бил на власт во Москва и би бил мошне здрава личност на 140 годишна возраст (можеби полека би почнал да размислува за пензија, иако не поминал ни 100 години на власт). Тоталитарните режими не сакаат промени. Замислете само диктаторите да живеат толку долго.

Општествените промени би биле толку бавни што практично не би постоеле. Да речеме дека морате на својот прадедо кој израснал во патријархален свет да му објасните дека жените треба да имаат право на глас и еднакви права. Би требало дури и да му ја објасните повеќепартиската демократија, а замислете да полемизирате за смртната казна, правото на слобода на вероисповед, но и одвојувањето на црквата од државата, а да не ги споменуваме и истополовите бракови. Со среќа.

Можеби би било идеално да се живее двојно повеќе и да се проживее уште повеќе. Но, двојно подолгиот животен век двојно ќе ги забави сите општествени промени. Ако живееме во таков свет сега - штотуку би почнувало хипи движењето. Сѐ уште не би имале бројни права кои ги имаме денес. Дали искрено сакаме да живееме во свет кој се менува толку бавно? Од една страна - да. Живееме долго и поквалитетно, но од друга страна - со самото тоа што работиме двојно подолго - го забавуваме и нашиот и сеопштиот развој. Да не се споменува и пренаселеноста на нашата планета и тоа дека многу држави стареат. Просечната старост во Србија сега е 43 години. Само замислете за политиката и општеството да одлучува народот чија просечна старост е 100 или повеќе години.

И, секако, како да се одлучи кога е доволно? Дали ни е доволно да живееме 160 години? И во таков свет ќе се јави некој кому ни тоа не е доволно. Ќе сака да живее 250, 500, 1 000 години, а во капиталистички свет сѐ додека има побарувачка ќе има и луѓе кои ќе финансираат истражувања, зашто знаат дека тие производи лесно ќе може да се продадат. Замислете ако го поместиме просечниот животен век на 1 000 години. Би поминале 150 години школувајќи се и би ги запознале вашите пра-пра-пра-пра- пра-пра-пра-правнуци и би им давале совети за животот. Да ја оставиме настрана нашата идеја дека постарите лица се помудри, дали би послушале совет од вашиот предок кој живеел во 11 век?

Животот го правиме сѐ подолг, а и сѐ поквалитетен. Единствено прашање е колку ќе успееме да ја оддалечиме смртта. Многу научници се оптимистични и тврдат дека до половината на овој милениум потполно ќе ја отстраниме смртта. Ќе станеме практично бесмртни. Ако во оваа мера се создадат проблеми кога двојно го зголемуваме животниот век, што ли ќе се случи во оној монет кога сосема ќе се ослободиме од смртта?

Илустрации: Thomas Dambo

Извор: https://pulse.rs

ОкоБоли главаВицФото