Отворено писмо на еколошко здружение „Фронт 21/42“ до премиерот Заев

08.02.2019 02:23
Отворено писмо на еколошко здружение „Фронт 21/42“ до премиерот Заев

Писмото од еколошкото здружение „Фронт 21/42“ до премиерот Заев го пренесуваме интегрално:

Почитуван Премиере,
Ви се обраќаме со надеж дека овојпат нашите апели, укажувања и барања ќе резултираат со вистинско почитување на демократските принципи од Ваша страна, наспроти дoсегашните реакции, односно отсуството на истите. Ја почитуваме и целосно поддржуваме врвната стратешка определба за интеграција на Македонија во Европската унија – определба во име на која побаравте (и добивте) мандат од нас, граѓаните на оваа земја, и во име на која тврдите дека ги носите тешките државнички одлуки.
Она на што сме сведоци се постапки и одлуки кои не само што продолжуваат да го прошируваат и продлабочуваат јазот помеѓу реалноста која ја живееме ние, граѓаните на Македонија, и онаа во Европската унија – туку и постапки и одлуки со кои целосно се игнорираат, изигруваат, дури и флагрантно прекршуваат апели, барања, препораки и одлуки на Европската Комисија, Европскиот парламент и Советот на Европа; како и на меѓународната заедница.

За нас, приклучувањето на Македонија кон Европската унија подразбира приклучување кон, односно живеење на цивилизациски вредности кои одамна се подразбираат во развиениот свет. Одредени постапки и одлуки на Вашата влада, исто како и оние на Вашите претходници, продолжуваат, на клучни теми, да ја градат и зацврстуваат реалноста во која ние, граѓаните на Македонија, не сме ни блиску до живеење на основните цивилизациски придобивки, за кои не се потребни никакви финансиски средства или други вообичаени изговори:

1. „Европски Охрид“

Неодамна, при посетата на Охрид и учеството на трибината „Силна економија – шанса за сите“, а според информацијата на интернет страницата на Владата „посветена на економските политики и перспективи“, со Ваше обраќање за „ плановите и проектите од интерес на граѓаните на Охрид на кои засилено се работи и се во фокусот за следниот период, во соработка со локалната самоуправа“, покрај останатото, изјавивте и (пренесено преку дел од медиумите, но не и во горенаведената официјална информација):

• За бесправниот хотел во Лагадин – „Дури и да има правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, одговорот на општинските служби не смее да биде „не може“ или „не бива“, туку треба да најдат начин одговорот да биде „да““.
Од присутните на трибината дознавме и за Вашето ветување на инвеститорот дека „ако треба лично ќе ја донесете Второстепената комисија и ќе го решите случајот“. Многу брзо по Вашата јавна „заложба“ и „укор“ кон општинските служби, според изјава на инвеститорот наведена во „Сакам да кажам“, Второстепената комисија носи одлука дека жалбата му е усвоена.
Деновиве, веднаш по овие настани, прочитавме и изјава на в.д. Градоначалникот на Охрид чиј тон, благо речено, не запрепасти: „… Сите тие засегнати структури од невладини организации, активисти, граѓани требало да делуваат кога се носел планот. На донесен план на 50 метри од брег да има објект, завршена е работата“.

Како дел од засегнатите страни Ве известуваме и всушност потсетуваме дека од 2015 година до денес, недвосмислено, многу јавно и многу енергично делуваме и против тој и против сите други урбанистички планови и проекти со кои нашето единствено светско природно и културно наследство се доведе до закана да биде ставено на листата на светски наследства во опасност – закана која сеуште е многу реална. Разликата е што во предизборниот период Вашите кандидати даваа јавна и безрезервна поддршка на нашето делување и ветуваа целосно спроведување на препораките на УНЕСКО; а во 2018 како Премиер, истo какo и претхoдната власт, целoснo гo игнoриравте дописoт со барање да се почитува една од клучните и итни мерки побарани од УНЕСКО – „Да се вoспoстави мoратoриум на сите крајбрежни и урбани трансфoрмации на пoдрачјетo на Светскoтo наследствo, барем дoдека не се изгoтват и усвoјат сите релевантни плански дoкументи, не се oдoбрат ефективни закoнски регулативи за заштита, и не се вoспoстават ефективни механизми за кoнтрoла.“, кoј Ви гo испративме алармирани oд инфoрмациите кoи ги усвoивте на седница на Владата за планирани активнoсти на теритoријата на Oхридскиoт региoн.

Вo oваа прилика пoвтoрнo алармираме дека сите oбиди да се прикаже грижа за нашетo најгoлемo нациoналнo бoгатствo, дoдека вo реалнoста се прoдoлжува сo планoви и прoекти кoи значат негoвo уништување, на ниеден начин нема да ги спречат неминoвните и извесни пoследици oд истите. Пoкoнкретнo мислиме на „преведувањетo“ на мнoгу јаснoтo барање за мoратoриум oд страна на УНЕСКO вo „барање за умерен развој“ и прикажувањето на прекршувањето на препораката како „делување со почитување на препораките на УНЕСКО“.

Плановите за плажите, марина, легализација на дивоградби како хотелот во Лагадин, пренамена на земјиште и легализација на авто-кампот Градиште, изградба на индустриска зона кај Лескоец, Коридорот 8, одлуките за продолжување на легализацијата на огромен број дивоградби, итн. – значат флагрантно непочитување не само на Препораката бр. 6 за мораториум на сите урбани и крајбрежни трансформации, туку и Препораката бр. 1 за Коридорот 8, Препораката бр. 3 за проценка на кумулативните влијанија на железничката пруга и Автопатот А2, Препораката бр. 9 за инвентар на дивоградбите, отстранување на сите дивоградби и доследно спроведување на строги мерки за спречување на секакви идни дивоградби.

Во оваа насока алармираме и за последниот извештај на Македонија до УНЕСКО во кој се наведуваат „факти“ кои прикажуваат многу поразлична слика од реалната. Во услови кога од страна на општините се усвоени стотици одлуки за градби, од кои најголем дел за легализација на дивоградби, информацијата дека Комисијата за управување со Охридскиот регион од 33 барања за градби дала само 6 позитивни мислења претставува манипулирање и на јавноста и на телата на УНЕСКО. Во истиот извештај, организирањето и заклучоците на надзорната расправа за спроведување на препораките на УНЕСКО, од страна на Собранието на Република Македонија, е прикажано како значаен чекор во заштитата на светското наследство, додека во реалноста немаат никакво значење.

Во оваа смисла, уште еднаш Ве потсетуваме и Вас и в.д. Градоначалникот на Охрид на:

Точка 4 од заклучоците усвоени во јули 2018та, од страна на Комисијата за култура при Собранието на Република Македонија: „Владата на Република Македонија да ги исполни сите 19 препораки од реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО (април 2017), со посебен акцент на препораката број 6 за прогласување на времен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот Регион, сè до донесување на потребните планови (План за управување со Доброто, граници на Доброто, инвентар на природното и културното наследство, подобрување на релевантните законски одредби и друго).“

Точка 14: „општините Охрид, Струга и Дебарца да постапуваат согласно 19-те препораки на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО (април 2017 година), со посебен акцент на препораката број 6, како и по Акцискиот план на Владата на Република Македонија за постапување по Одлуката која се однесува на состојбите со природното и културното наследство на Охридскиот Регион донесена на 41-та седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Краков, Полска, 2017 година“.

На 29. 11. 2о18 и Европскиот парламент побара од Македонија да ги почитува препораките на УНЕСКО, односно усвои Извештај за Македонија (2018/2145(INI)) во кој, покрај останатото „Усвојува забелешка во врска со планирани инфраструктурни проекти во рамки на заштитени подрачја кои многу веројатно ќе имаат значително влијание врз идните Натура 2ооо подрачја…. и повикува да се почитува Одлуката на Комитетот за светско наследство при УНЕСКО (40 COM 7B.68) која се однесува на природното и културно наследство во Охридскиот регион, да се спроведат интегрирана Стратешка оцена на влијанието врз животната средина и Оцена на влијанието врз културното наследство пред да се продолжи со било какви понатамошни работи;

Покрај евидентните непочитувања и неспроведувања на барањата и повиците на Обединетите Нации и Европската унија, она што сериозно не вознемирува и алармира се последните обраќања поврзани со Охрид е јавното демонстрирање на моќ на извршната власт и нејзино отворено мешање во работата на локалната и судската власт. Указите кон општинските служби и ветувањето за лична заложба кај Второстепената комисија се кривично дело и повторување на праксата од деценискиот режим која, бевме убедени, дека со Вашето доаѓање на власт засекогаш остана во многу мрачното блиско минато на нашата земја.

• Во врска со Вашата изјава за туристичкиот развој на Охрид – „Насочени сме кон туристичкиот развој и целта е да се обезбеди доходовен туризам. Да има поквалитетна понуда за да дојдат гости со поголема платежна моќ, во чија насока се и напорите за изградба на марина која ќе привлече и малку побогати гости“ – Ви укажуваме дека:

Визијата која ја претставувате не само што е во спротивност со препораките на УНЕСКО и ЕУ, туку е концепт кој развиените држави почнаа да го напуштаат во осумдесеттите години на минатиот век. На крајот од втората деценија на 21 век „европски“ Охрид, едно од само седумте мешовити светски наследства на европскиот континент, е Охрид во кој: наместо Буково и сите останати диви депонии – има нула отпад односно целиот отпад се рециклира; користи 1оо% обновлива енергија; наместо автомобили (од кои дел се увезен „отпад“ одамна забранет во Европската унија) има велосипедска мрежа низ целото подрачје и јавен транспорт со електрични возила; беспрекорно чиста и здрава вода од јавниот водовод; езеро со кристално бистра вода и богат ендемичен растителен и животински свет; наместо скарите на отворено, баровите со гласна музика, пластични лежалки, пластични шишиња и пакувања од храна по плажите, дури и кај изворите на Свети Наум, глисери и моторни чамци, итн. –1оо% плажите се во изворна природна состојба и на истите се слуша звукот на птиците, брановите и ветерот; има 1оо% органско земјоделие; автентични населби, села, автентична архитектура во градот со автентични материјали; итн. Во ера во која богата, чиста и недопрена природа и автентична култура се ретки вредности со висока цена ваквиот Охрид, ќе привлече доходовен туризам, гости со поголема платежна моќ и туристичка сезона низ целата година.

Во оваа смисла, наместо стандардите во Црна Гора, на кои се повикувате во изјавите, ве поттикнуваме да го истражите феноменот на Исланд – друга мала држава која во рок од 4 години од целосен банкрот стигна до една од пет држави со највисок БДП по глава на жител исклучиво благодарение на туризам развиен врз основа на недопрена, дива природа. Доколку веќе „учиме“ од Црна Гора Ве повикуваме да следите еден од навистина позитивните примери во оваа земја – мораториумот за градби во светското наследство Котор. Додавање на марина, згради во Градиште, хотел во Лагадин, инфраструктури на плажите , итн. во веќе алармантно деградираниот Охрид, ќе донесе материјална корист на мал број инвеститори, а голема (и материјална) штета на локалното население и целата македонска нација, вклучувајќи го и нашето потомство.

Оваа точка ја завршуваме со цитат на Ваша изјава дадена како одговор на пратеничко прашање во Собранието на Република Македонија пред само една година, на 22.02.2018:

„Охрид е наше, но и светско културно богатство кое е под заштита на УНЕСКО. На градот му треба економски развој, но во никој случај по цена да го изгуби овој статус. Затоа се стопирани сите насилно најавени градби, а се што во иднина ќе се прави ќе биде во консултација со УНЕСКО и врз основа на неговите препораки.“ „На Охрид му треба развој, но пред се развојот на Охрид ќе се димензионира преку пролонгирање и целосно експедизирање на туристичката сезона.“

Бараме да ги почитувате домашните, европските и меѓународните закони.

2. „Европски Национален парк Маврово“

Во 2013 година, Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција отвори случај „Маврово“ поради основано сомнение дека Македонија ги прекршува одредбите на Конвенцијата со развојот на хидроенергетски проекти на територија на Националниот парк „Маврово“. По разгледување на случајот и експертска анализа, вклучувајќи и посета/мисија на европските експерти во нашиот национален парк, во 2015 година Комитетот усвои препорака (бр. 184) со која побара од тогашната Влада предводена од Никола Груевски да го „суспендира спроведувањето на СИТЕ владини проекти, особено предвидените хидроенергетски проекти и инфраструктура, на територија на Националниот парк „Маврово“.

Со истата препорака се суспендира и постапката на тогашниот Нацрт – закон за ре-прогласување на Маврово за категорија II заштитено подрачје, поради констатацијата дека истиот е спротивен на Бернската конвенција (а со тоа спротивен и на Директивите на ЕУ).

Во гореспоменатиот Извештај на Европскиот парламент за Македонија во ноември 2о18 година (2018/2145(INI)), во делот со „забелешка во врска со планирани инфраструктурни проекти во рамки на заштитени подрачја кои многу веројатно ќе имаат значително влијание врз идните Натура 2ооо подрачја… се повикува и на „почитување на препораката на Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција и суспензија на имплементацијата на проекти на територија на Националниот парк Маврово, се додека не се комплетира Стратешката оцена на влијание врз животната средина со целосно почитување на европската еколошка легислатива“…

Не само што, ниту претходната ниту Вашата Влада не ја почитува одлуката од меѓународното право, ниту повикот на Европскиот Парламент, туку продолжува со серија на прекршувања на домашната легислатива за да реализира нови хидроенергетски проекти на територијата на НП Маврово, инаку еден од најстарите национални паркови на европскиот континент. Последната активност во оваа смисла е новата концесија за користење на вода за производство на електрична енергија на реката Жировничка од 3ти јануари 2019.

Застрашувачки е фактот дека и за Маврово се повторува епизода која укажува на горенавденото однесување на извршната власт, во случајов демонстрирано преку наложување на ЈУНП Маврово да го достави штетниот Предлог закон за ре-прогласување на НП Маврово за заштитено подрачје во владина постапка најдоцна до 15.05.2019 година без да изврши ревизија на истиот. Со други зборови, имајќи ги предвид законските прекршувања во предметниот Нацрт закон, препораката на Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција и повикот на Европскиот парламент, Владата на Република Македонија во заклучок на 117 седница одржана на 29.01.2019 година, му налага на јавно претпријатие да делува во спротивност со меѓународното право и со тоа да го прекрши Уставот на Република Македонија. Ова е идентично со заклучокот на Владата предводена од Никола Груевски со кој во 2013 година му се наложи на Националниот парк Галичица да донесе нов Закон во точно дефиниран рок, кој исто како и овој кој Вие го налагате, беше во спротивност со домашните, европските и меѓународните закони.

Оваа постапка е уште позбунувачкапоради фактот што за ревизија на предметниот Нацрт закон за Маврово, а во насока на (наводно?) почитување и намера да се спроведе пропораката на Бернската конвенција, во октомври 2018 година Министерството за животна средина и просторно планирање испрати барање до Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција за експертска мисија со цел ревидирање на законот и негово усогласување со Европските конвенции и закони – барање кое е одобрено, а експертската мисија на Советот на Европа се планира за ова лето!

Исто како и кај Охрид, „користа“ од овој и други можни хидроенергетски проекти во НП Маврово, но и во останати заштитени подрачја, е во финансиските придобивки на многу мал број луѓе – инвеститорите, наспроти штетите за локалното население и македонската нација.

Односот меѓу придобивките наспроти шетите на малите хидроенергетски проекти го потврдува и анализата во Регионалната енергетска стратегија на Енергетската заедница, чиј потписник е и Македонија:

„Додека 39о мали хидроцентрали во регионот на Западен Балкан претставуваат речиси 9о% од сите хидроенергетски проекти, тие продуцираат само 3-5% од вкупната генерација на хидро-енергија и сочинуваат само 7% од вкупниот хидро-енергетски капацитет, најголемиот дел од хидро-енергијата и капацитетите во регионот го испорачуваат големите хидро централи. Ова го поставува прашањето за улогата на малите хидроцентрали и смислата на понатамошно развивање на вакви инфраструктури. Нивното учество кон глобалната енергетска продукција и кон сигурноста во снабдувањето, или кон целите за обновливи извори на енергија, е есктремно ограничено. Истовремено, нивното влијание врз животната средина е многу сериозно, поради фактот дека создаваат повеќекратни прекини во водните текови и премините на рибите, ја зголемуваат детериоризацијата на живеалиштата и изискуваат индивидуални пристапни патишта и мрежни поврзувања…“

Во оваа прилика сакаме да Ви укажеме и на фактот дека водните ресурси, односно реките во Македонија се последниот природен ресурс кој го имаме и во изобилие и во состојба на која може да ни позавиди Европа – имено во овој регион, вклучително и нашата земја, се наоѓаат последните таканаречени „диви“, односно „слободни“ реки кои ја разубавуваат и збогатуваат нашата природа, во чиј природен тек се развива богат растителен и животински свет, претставуваат ресурс за развој на планински и спортски туризам, и се од суштинско значење за животот на локалното население.

Како последица на одлуките на сите претходни структури кои раководеле со Македонија денес дишеме најзагаден воздух во Европа, не ретко и во целиот свет; почвите не ни се сеуште детално испитани, но имајќи ги предвид анализите кои се направени, а особено постоењето на еколошките жешки точки низ целата држава, со екстремно загадување кое трае и се акумулира повеќе од 4о години, сите неевидентирани депонии, познатите депонии кои континуирано загадуваат и неказнето ги прекршуваат законите (Дрисла) и „новооткриените“ високо токсични депонии (Охис), пестицидите и инсктицидите кои се користат во земјоделството, итн. – со голема веројатност може да се претпостави дека и овој ресурс е во алармантна состојба како последица на одлуките на сите претходни одговорни структури; доколку ги реализирате плановите за мали хидроцентрали на целата територија на Македонија, одлуките кои Вие ќе ги донесете ќе ни го одземе, односно уништи и нам и на следните генерации, последниот недопрен природен ресурс.

Бараме да ги почитувате домашните, европските и меѓународните закони.

3. Како за крај…

Ние сме здружение на граѓани кои си ја сакаат земјата и вистински почитуваат (се помалкуте) природни богатства. И ова што го живееме и сведочиме нема никаква врска со европската цивилизација.

Ова е релативно детален приказ на само две од многуте теми со кои се соочуваме секојдневно. Не споменавме многу други исклучително важни теми – на пример фактот дека и оваа, како и сите претходни власти, дозволува најголемиот загадувач во земјава, РЕК Битола, да работи надвор од законот; и оваа, како и сите претходни власти најголем дел од буџетот за животна средина троши на експерти и консултанти за студии, стратегии и акциони планови кои не ги спроведува; итн…

Сметаме дека под итно мора целосно да се промени односот на власта кон природата и животната средина, како и кон спроведувањето на принципите на владеење на правото; и истите да се сфатат онолку сериозно колку што се сериозни последиците од неодговорноста во сите сфери на општеството врз сите граѓани на Република Македонија.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото