Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (6)

08.02.2019 15:58
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (6)

Живко Грозданоски, Последното име на иднината (Антолог)

 

Беше тоа во 1993, годината кога Русите ја отворија првата уметничка изложба во вселената, во есента кога Мајкл Џексон го напиша текстот за Странец во Москва – неговата песна за осаменоста во чиј ритам ќе го вметне и биењето на своето срце – и во оние денови кога во Мостар, Босна, беше срушен Стариот мост, изграден во 1567 година, своевремено најголемиот сводест мост на светот.

Во Германија, пак, сѐ уште беше актуелна прославата на тригодишнината од обединувањето на земјата.

Јоха имаше триесет, а Ирис триесет и две години. Можеби затоа три часа по седнувањето во кафулето на плоштадот ја пиеја третата кригла темно пиво, живо расправајќи за разликите помеѓу растењето во поранешната ГДР и Западната Германија.

Јоханес тврдеше дека раснењето во ГДР не се одразило добро на неговата генерација, односно дека поранешниот систем зрачел со неубава енергија и со тесноградост, што не можело да влијае особено добро врз развојот на луѓето.

Ирис, пак, имаше поинакво мислење.

Таа беше родена и израсната во Прим, малечко гратче на границата со Белгија. Прво студирала медицина, а потоа се премислила. Во времето кога ги завршувала студиите по ботаника во Фрајбург, многумина од источниот дел на земјата се селеле на запад, и токму оваа тенденција ѝ ја создала желбата да се пресели на исток, и така да придонесе за одржувањето некоја космичка рамнотежа. Така, дошла во Јена. Зошто баш во Јена? Затоа што ѝ се допаднало името. Јена. Тоа било доволно. Тоа и, секако, фактот дека таму се наоѓа ботаничка градина стара четиристотини години.

Ирис сметаше дека нема никаква разлика во сфаќањата на истокот и на западот од земјата, и тоа е нешто што може да го тврди како некој што има големо искуство со лица од обете страни на она што некогаш беше ѕид.

„Види, сѐ зависи од духот на сопствените сфаќања: ако се убедуваме дека тие педесетина години нѐ осакатиле, тогаш сами си развиваме проблем – чувство на потиснатост. Ова е најбитно од сѐ: вашата, поточно нашата традиција – е далеку подлабока од ова, и погрешно е, ограничено е, да се водиме од сеќавање што се протега едвај половина век.“

Јоха пиеше од пивото и ја гледаше Ирис во дланките што како пеперуги леткаа над масата. Но, она што го слушаше не го убедуваше.

„Да, но тоа е приказна што ни го обележала сиот живот“, одговори тој. „И, најважно од сѐ – детството“.

„Точно, ни го обележала и детството. Но, што знаат деца за системи?“, не се предаваше Ирис. „Човек детството си го памети пред сѐ по конкретни личности. А тие личности често со себе носеле традиција на борбеност, на слободарство...“

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.