Свет без ѕидови: поетско читање

09.02.2019 11:42
Свет без ѕидови: поетско читање

Свет без ѕидови (For a World Without Walls) е светско поетско движење кое во февруари оваа година во повеќе од 130 земји во светот организира поетски настани придружени со танц, музика, филм и театар.

На 7 февруари во кафе-галеријата „Котур“ се одржа поетско читање на кое свои песни прочитаа: Катица Ќулавкова, Јулијана Величковска, Јосип Коцев, Долорес Атанасова-Лори, Ѓоко Здравески, Исток Улчар, Андреј Ал-Асади и Наташа Сарџоска.

По читањето беше проектиран „Автопортрет“, документарен филм за Адам Загајевски, минатогодишниот добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

 

Катица Ќулавкова
ПЕСНИ – ПИСМА ДО ЈУЛИЈА

6.
Кај и да си сега, Јулија
ти не си своја на своето

Ти си претворена во копнеж
во сенка, сон и привсон
во привид и призрак
во получовек
или, зошто да не -
во полужена, опседната
од носталгија и меланхолија
од меланхолија и носталгија

при дом без дом

стоиш молкум, пред куќи
и кршиш еден црн сомун леб
со мирис на земја
земјата со мирис на тартуфи
тартуфите со мирис на љубов
и сласт на љубовник
љубовникот со мирис на див риган
бескрајно поле чај
етерично масло или есенција
од портокали, Јулија

не било кој љубовник
не било кој маж

туку оној обожуваниот
оној по когошто доаѓа Потоп

и ништо помалку
од Потоп.

7.

Некогаш седиш крај прозорецот
со поглед на море
свртена кон Исток
рано пред зори
чекајќи го изгревот
на сонцето
секогаш малку по-на-југ
или понасевер на хоризонтот
зависно од сезоната

изгревот го чекаш
небаре очекуваш Божество
без коешто животот би отишол
по ѓаволите, Јулија

(па и онака веќе не е живот, нели?)

А јас те гледам, без да трепнам,
од Македонија -
провинција тогаш, провинција сега.

Некогаш стварна, сега имагинарна.

Гледам и чувствувам, Јулија –
Кај што има залез, ќе има и излез.


Јулијана Величковска
АФРИКА

Долетаа нови птици
во паркот
велат дека се од Африка
Не го разбирам нивниот јазик
сѐ уште не ми проговориле.

Донесоа жега со себе
африканска жега
и песок
од новонастанатата пустина
онаа
што некогаш беше река
онаа
во чија кал
зебрата станува обично ждребе
и осамено го следи стадото
чекајќи дожд
со месеци
или, пак, сопствените солзи да го измијат
за неговите риги
повторно да ги препознае мајка му.

Има нови птици во паркот
метеоролозите го предвидоа тоа
најавија животни од Африка
очекувам лавови.

 

Јосип Коцев
АЛЕФ

Алеф,
ти си првата буква од азбуката
на која ми пишува душата.
Градот во којшто играв криенка
одненадеж ми се скри,
па морав да го плукнам
и преку ноќ да пораснам.
Алеф,
вчера падна цената на крвта
на светските берзи,
и домот што го напуштив
одеднаш никна во мене.
Алеф,
сега прозорци и врати
саноќ ми трескаат во градите,
чиниш некој доаѓа и си оди
од празнината во која и мене ме нема...
Алеф,
ако напишам тешки зборови на ѕидовите,
ќе се урнат ли?
Ако го распнам и последниот кошмар,
пак ќе сонувам ли?
Алеф,
ти си првата буква од азбуката
на која ми пишува душата:
Ако го изодам и овој пат,
некаде ќе стигнам ли?

Долорес Атанасова – Лори
УРБАН ВЕК

Го шетам градот,
го роварам градот,
претурам низ градот
како низ полна фиока,
барам едно, наоѓам друго:

Радиото отчукува точно време.
Радиото се дере, цвичи и мјаука,
седнува до мене растресениот задник
на последниот светски хит.

И поминувам покрај старица,
седната млитаво на клупа пред болница,
нозете преклопени ко олабавена плетенка,
главата потпрена на рака, бел превез преку окото,
стара душа стуткана среде сопствениот бродолом.
Анти-пират.

И поминувам бавно,
пешачкиот е празен,
ама чекам некој да помине.
И ете ти ја нејзе, во голема машка маица,
свиснати гради, искината коса,
лице на прегладнет војник
кој се враќа од фронт;
голема маица на која пишува
LIFE IS FUN!
Паднат борец.

И поминувам мижечки,
возам по претпоставки,
подотворам очи со страв,
и го гледам него,
клекнат покрај трошен велосипед,
врти педала, затегнува синџир,
тродневна брада, изгорен од сонцето;
да беше темнината во неговата глава
сенка-ладовина, да излади душа.
Сам свој маченик.

(треба почесто да седам дома,
треба почесто да подзамижувам,
а ретко ми успева)

 

Ѓоко Здравески
ВОЈНИЦИ

многу е просто: во тој спроти себе
би пукал ли, иако првпат во животот
го гледаш, само затоа што некој одозгора
ви рекол дека сте си душмани?

а тој спроти тебе има дома
жена и деца, ко за почеток
на приказната. ноќе старите негови
не спијат. мајка му требе ориз во
трпезаријата, татко му легнат на грб
зјае во таванот од спалната соба.
има и куче и маче и памук
чува во папокот. сака да игра шах
со старците во паркот, а во ранецот
шета некоја книга за
смислата на животот. на бога
му се обраќа со свои зборови. главно
се разбираат со поглед. сонува длабоко
и затоа ретко се сеќава на соништата.
а кога се сеќава, насон обично учи
да лета. инаку, дење приземјен човек. ништо
особено, значи. ко и ти: едно тело и купишта сништа.

па, во себе
би пукал ли?

 

Исток Улчар
(ВОЈСКИ ОД ВОДА)

Војски од вода
ми наврнаа врз рацете,
па посегнав по отров
за да се одбранам не од нив,
туку од болеста што со себе
без да знаат ја носеа.

 

КУСО НОКТУРНО

Ноќното небо е очувана шапка
положена крај чекор на секој случаен минувач,
а Месечината е жолта паричка,
пофално во неа фрлена за уличниот свирач.

 

НА МОСТОТ

Трепери мембраната под неговите дланки,
а в грло му ‘ржи шансона на искривоколчен јазик,
со надеж оти денеска дома ќе однесе парички повеќе од вчера,
за да не го удира татко му многу погрубо
отколку што тој ја удира својата тарабука,
обојувајќи му ја кожата многу помодро
отколку што му се кога свири потечените прсти.

Андреј Ал-Асади
(ОЈ, ТИ, СВЕТУ)

Ој, ти, свету
- непоколеблив пакоснику,
безимен пророку,
што во девет грла огнени
го таиш плачот исконски свој,
под судбински мрак што ги закопа
сите бисери свои, свету,
нели го турна Ибрахим кон пустината,
за првпат да се прелажеш – Ибрахим почна да разговара
со пустината во себе,
свету, о, не,
што со лесна рака расфрлаш
деца ко полен да се
од едно кон друго катче на векот,
и танцуваш ко жар
под кожата на вљубеникот, свету,
грст луѓе – бегалци – што фрлаш
ко пердуви да се в море,
на долго и болежливо патување
со усвитена надеж и бесконечно разочарување
обременети,
ги пречекуваш од другата страна
со дланки полни трње,
- на твојта златна чинија крастав мор,
„Грозомор!“, еднаш олцна црноокиот поет,
свету, о, ти,
љубиме
да те љубиме
и ќе те љубиме, свету,
сврти се
и бар еднаш прости,
сепак, ние мора да стигнеме.

 

Наташа Сарџоска
БЕЗДОМНА

Ако треба да го опишам хоризонтот ќе ти дадам конец што влече
возови подземни без шофери без секунди ни насоки

Ако треба да ти кажам што научив од овие талкања
шардоне виното смрди на мочка од мачка

А јас се вртам намачкана под мостот Бир-Хакаим
како сребрен нож брцнат во ферментиран путер
се мачкам ко мачка по лимен кров
квачам семе
врачам лаги
лачам траги

Кога ќе ја видиш црната жена книга што чита на минус 20 степени
и на валканиот париски булевар влече со себе слоеви континенти
и се грее од гнасен воздух од подземниот воз


сети се и ти
на својот
воз
отаде мостот
во твоите гради


Ако ме прашаш каков звук имаат авионите пред полетување
хиени пред расплод
Ако ме прашаш каков вкус имаат усните на патниците
остриги глави в песок што бутаат
Ако ме прашаш како изгледаат мугрите слеани во автопатите
љубовни симфонии од кафе кроасани портокали и надеж

Но ако ме прашаш која сум
ни 44-те страни на светот не се доволни да сфатиш
како се влечам и пелтечам и квичам
како змија под вжештена маша

Но ако ме прашаш што ме бодри да тргнувам
без да знам каде одам
додека хостесата ми продава крема против бори
додека чекам во Монте Карло олицетворение на плот
да се губам без страв низ лицата на бесознанијата
да се веам по снежни долини
да го барам неуморна
зборот
глаголот
нервот
тебе

ќе ти го кажам домот
ќе ти кажам домот
домот со себе што го носам
а те немам
а го немам
а се немам
себеси
уште

Фотографии: Валентина Бактијаревиќ

ОкоБоли главаВицФото