Зла политика

10.02.2019 03:06
Зла политика

На овој начин сакам да ја изразам својата огорченост од одлуките по Конкурсот на Министерството за култура за проекти од национален интерес во културата за 2019 година и против политиката што ја одразуваат тие одлуки.

Министерот за култура, господинот Адеми вели дека не се мешал при донесувањето на тие одлуки. Па, како е можно кога тој назначува членови на комисиите, негова е политиката што треба да ја реализираат тие комисии. Впрочем, како може да не се меша!? Па должен е да се меша во работи кои ги прифатил како должност, во смисла да ги насочува така што да дадат максимални резултати во духот на Стратегијата за културен развој. Тој, меѓутоа, со своето „немешање“ нанесува штета, оневозожувајќи остварување на важни и вредни проекти, за сметка и на недоволно ветувачки, но со јасен етнички предзнак. Вели дека за него не би било проблем да си даде и оставка, но според она што го кажа, а во еден момент истото го презеде и премиерот - требало првин да се види дали можеби во некои од случаите кои завршиле со негативно решение, постоел проблем на несоодветно аплицирање. Со ова еден сериозен проблем се сведува на ниво на административни пропусти.

Не, овде не се работи за административни пропусти.
Овде се работи за многу сериозни работи кои навлегуваат во меѓуетничкото ткиво кое со толку грижа сакаме да го држиме здраво. Со одлуките кои се донесени и објавени и коментирани, Министерот во пракса (повторувам: нека не каже дека тој не се меша!) го оневозможува нормалното функционирање на редица важни „македонски“ културни институции, а ги поттикнува и ги наградува „албанските“. Врз кои критериуми? Еден најбегол поглед покажува дека не се работи за културни вредносни критериуми, туку во игра е политика на поделба на „наши“, и „нивни“. Тука е она што најмногу боли. Со тоа, Министерот ги потценува и своите албански културни дејци: тој има потреба да се наднесе над нив како патрон.

Се согласувам со она што веќе е речено - дека „Владата на РМ очајно се зафркнала што срамно го потцени фактот што културните работници се јавни личности коишто имаат огромно влијание врз јавното мислење“ (Бужаровска Р.) Ќе додадам дека тнр. Шарена револуција, во која се залагавме за сосема спротивни нешта од оваа зла политика што се одрази во одлуките по Конкурсот за националните вредности во Министерството за култура, не ќе можеше да се оствари без учеството и поддршката на културните работници и уметници Македонци, Албанци, Турци и сите други.

Сепак верувам, дека она што сега го видовме како политика на министерот за култура во Министерството, е сосема настрана од начинот на мислење и од главните посоки и стратегии на Владата во овој момент. Овде, се работи за разијдување кое не трпи компромис! Штетата што веќе е направена е многу голема, зашто мора да се знае дека после овој скандал во кој мораше да интервенира и премиерот, ни еден поединец или институција кои ја разбираат штетата од една ваква политика, не ќе сакаат и не ќе можат со радост да соработуваат со сегашниот министер.

Слика: Nate Kitch


 

ОкоБоли главаВицФото