Скопските возачи предупредуваат: околу дупките се појавуваат улици

11.02.2019 11:38
Скопските возачи пријавуваат дека околу дупките се појавуваат улици

Скопје, 11 февруари 2019 (Пара вести) – Возачите во Скопје почнаа да забележуваат дека во главниот град околу неколку ударни дупки се појавуваат улици.

Илјадници загрижени возачи од утринава се јавуваат во полиција и пријавуваат дека нивните автомобили чудно се однесуваат додека преминуваат преку местата каде што некогаш имало дупки.

– Како и секој ден, возев од Кисела Вода, каде што живеам, кон своето работно место во Влае и ги заобиколував во слалом сите дупки на кои наидував. Меѓутоа, во една од улиците во кои редовно си ги убивав амортизерите, забележав дека мојата кола чудно се однесува. Исчезнаа звуците на тресење, удирање на тркалата на дното од дупката, а и воланот не морав да го држам цврсто. Малку фалеше да ја изгубам контролата над возилото, затоа што сѐ изгледаше поинаку – вели за Пара вести еден возач што сакаше да остане анонимен. – Ќе поднесам тужба против градските власти затоа што не ме предупредија дека можам да наидам на улица наместо на дупките на кои мојот автомобил веќе се навикна – додава тој.

Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, им се извини на сите возачи во Скопје поради појавата на улици во определени делови од градот.

– Како и секогаш по топењето на снегот, на градските улици се појавуваат дупки. Санирањето на ударните дупки во определени делови од градот предизвика оправдан револт кај многу возачи ненавикнати на рамен асфалт. Екипите се веќе на терен, а час поскоро ќе отпочнеме истрага за пронаоѓање на одговорниот за крпењето на дупките – изјави Јанчева.

Како што дознаваме, откако дознале за овој проблем, многумина возачи утринава на работа тргнале со автобуси на градскиот превоз во кои, како што велат, се чувствуваат сигурно затоа што „сѐ се тресе, има гужва и можат однапред да го планираат доцнењето на работа“.

 

Прилагодено од njuz.net