Култура за сите?

11.02.2019 17:57
Култура за сите?

Не знам колку ќе звучи сериозно ако кажам дека го разбирам министерот за култура. Или, барем – се обидувам да го разберам. И се обидувам врз база на неговите јавно искажани зборови да најдам објаснување за ова што се случува. Следствено од тука и ќе го почнам моето гледање на игрите за и околу конкурсот. Значи, главно, според она што го читам како негова изјава („Плусинфо“, 10.02.2019) речиси сум сигурен дека го мисли тоа што го кажува. (Онаа резерва искажана со зборот „речиси“ ќе ја дообјаснувам понатаму). Зошто мислам вака?

Прво, човекот, објективно, не може да процени што и како направил со чинот, како што вели, „јас ставив потпис на финалното решение“. Не може зашто културата како област му е далечна, непозната, дури нејасна, особено нејзините специфични врски со државата. Врските држава – култура се нејасни, необјасниви и за многу (самонаречени) професионалци кои цел живот работат во културата. Како што, впрочем, тоа им е апсолутна тајна и на оние „вработени“ во Министерството за култура на кои се повикува министерот, а во најголем дел и на „членовите на комисиите“ кои „едногласно одлучиле“ и му ги донеле на потпис предлозите. И тој ги потпишал!


Дека сето ова не го говорам напамет потврдува реченицата на министерот каде тој вели дека рекол дека ќе се погрижи „културата да биде еднаква за сите“. Такво нешто не успеа да реализира ни руската авангарда, тоа го немаше ни во југословенскиот социјализам, денес поготово, а нема ниту да има зашто такво нешто едноставно – не постои. Или, можеби, ќе постои некогаш, во некое далечно идно време. И ова некој морал да му го објасни на министерот, некој од неговите советници, од „вработените“ во Министерството, од тие некои „докажани професионалци“ на кои се повикува. Некој таму нешто читал ама недочитал, не разбрал или недоразбрал, или читал „дијагонално“, што е најлошо, особено ако не знаеш да читаш. За „култура за сите“ односно за достапноста на културата за сите говори и спомнуваната Национална стратегија, ама тоа нема врска со овој конкурс, ниту пак со кој и да е друг конкурс на Министерството за култура, барем од овие кои сега постојат.

Култура за сите не се решава со конкурс, особено не со овој конкурс. Овој Годишен конкурс има точна, прецизна назнака на што се однесува и тука не може / не смее да има забуни. Освен ако некој не ги креира намерно, па потоа го лаже министерот дека тој постапува правилно. Односно, токму спротивното: Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата сосема јасно вели дека е апсолутно селективен, дури тенденциозно „дисквалификувачки“ зашто бара проекти не од сите или за сите туку проекти од национален (јавен) интерес за државата / културата! А тука има огромна разлика!!! Тие проекти можат односно треба да бидат и проекти за сите односно еден проект од национален (јавен) интерес за државата треба да ја има и таа димензија – да биде за сите, колку може – но тоа не е единствениот ниту најважниот услов. Или, ако сакате, како една книга, на албански или македонски, ќе биде – за сите? Невозможно, зашто, прво, се печати во околу 500 примероци, нели. Или една претстава, па и филм. Колку од тие „сите“ ќе ги видат? И ова морал некој да му го објасни на министерот, некој од неговите советници, од „вработените“ во Министерството, од тие некои „докажани професионалци“ на кои се повикува.

Врз основа на претходното, бројките со кои што се оперира, а нив ги користи и министерот, се токму спротивното од тоа што треба да биде. Која тоа држава, па нека е и културно најсилната, финансира 2.700 (не сум докрај сигурен во бројот) проекти од национален интерес за државата?! Тоа е contradictio in adjecto! Да имавме ние барем 100 такви проекти, проекти навистина од важен, јавен, национален интерес, ќе бевме културно успешна и среќна држава. Ама немаме. Од сите 2.700 финансирани проекти нема ни стотина навистина важни, сериозни, такви на кои што може да им се закачи брендот „национален“ односно „јавен“ интерес. Вака, со преку две илјади такви проекти – ние сме светски шампиони, ама не во културата туку во глупоста! Оттука, вака поставено односно со таквите бројки во игра, оние фамозни „советници“ и „професионалци“ кои што го излажале министерот, го излажале добро. И тој ја прифатил лагата и – потпишал. А впрочем, ако, како што вели министерот, предлозите „беа десет пати проверени од страна на вработените во Министерството за култура“ (што, повторно, е приказна за себе!) и дека „за бодувањата решаваа докажани професионалци“, тогаш зошто повторно би се преиспитувале одлуките а тој би поднесувал оставка (ако треба!)? И понатаму, ако таа цела армија „професионалци“ навистина нешто гледала и проценувала, дури и десет пати, зарем не видела дека пари се даваат и за фирми основани само неколку дена, или неколку месеци пред конкурсот? Или токму тоа се вклопува во флоскулата „култура за сите“?

Повторно, велам, се обидувам да го разберам министерот, зашто тој е нов таму, а нова му е и областа. Но, сите други околу него не се баш така тазе и морале да знаат дека Годишниот конкурс не е форма за промоција на идејата „култура за сите“ и дека за тоа можат да се бараат други форми низ работата на Министерството за култура. И тука, повторно, по којзнае кој пат се навраќаме на стручноста, компетентноста, знаењето на „вработените“ во Министерството и тие некои „докажани професионалци“ кои по правило остануваат непознати за јавноста. А во таа насока и т.н. стручни комисии кои се сè само не тоа што треба да бидат! Да беа стручни, имено, ќе му укажеа на министерот дека нивната работа не е да бираат проекти за „култура за сите“ туку проекти од национален (јавен) интерес за македонската култура. Што се две дијаметрално спротивни нешта. И во оваа прилика морам да бидам и индискретен и да посочам дека пред околу два месеци – додека сè уште бев во Министерството како надворешен соработник – од мене беа побарани предлози за членови на тие комисии. И ниту еден мој предлог, ниту едно име од листата сериозни професионалци во сите области не беше прифатено! Е па, извинете … И кога сме веќе кај т.н. стручни комисии, уште од 2017 година, во неколку наврати говориме за јавен конкурс, со строги критериуми за избор на членови на овие комисии кои мора да работат според закон и стручност, а не според партиски диктати. Најмалку пак според флоскулата култура за сите!


Цртежи: Владимир Лукаш
Извор:
teodosievskiumetnost

ОкоБоли главаВицФото