Токсична машкост

12.02.2019 00:55
Токсична машкост

Во неодамна објавениот текст во „Политика“, Зоран Миливојевиќ пишува за „машкоста како патологија“. Авторот, тука предупредува дека 1) Американската асоцијаца на психолози ја прогласила машкоста за патолошка појава; 2) дека таа дијагноза станала општо позната работа; 3) и дека тука спаѓа и идеолошката војна што е масло на радикалните феминистки. Иако текстот е напишан на вообичаено лесен и популарен начин, неговата основна цел е искривено прикажување на фактите (тврдењата 1 и 2), за да се докаже постоењето на идеолошка војна (тврдење 3) во која мора да се тргне со убиствената вистина – дека патријахатот е единствениот можен облик на односи кој е вреден да постои.

Сметаме дека овој текст може да се чита како информација за уверувањата на авторот за тоа што се мажите и жените по својата природа, што значи да се биде маж и жена, кои особини треба да ги имаат вистинскиот (и здрав?) маж и вистинската (и здрава?) жена и врз кои основи жените и мажите треба да ги базираат своите односи. Меѓутоа, иако без сомнение има право на свое лично видување, па и на промовирање на одредена идеологија, треба да се истакне дека со овој текст, тој го прави токму она за што неоправдано ги обвинува другите – наметнува една идеологија и сака да ја прикаже како единствена исправна вистина.

Во интерпретација на Миливојевиќ, Водичот за психолошка пракса за работа со момчиња и мажи, тврди дека „машкоста е негативна особина и дека возрасните мажи треба да се лечат од неа, а на машките деца треба превентивно да се делува за да израснат во „нови мажи“. Исто така, авторот тврди дека Водичот наметнува слика на новиот маж кој треба да биде подготвен на подреденост и соработка. И бидејќи погрешно ја прикажал содржината на Водичот, авторот се скарува со него, тврдејќи дека примената на овие ставови водела кон напуштање на основната функционалност на половите улоги: отстапување од „природната“ комплементарност и спречување на мажите и жените да ги изразат потребите по другиот пол.

Дали Американската асоцијација на психолози од машкоста направи грд збор и дали навистина ни се насмевнува иднина во која издржливите, храбрите, агресивните и компетитивните мажи заминуваат на кауч за да извршителите на радикално феминистичките сили ги претворат во предвидливи бета мажи?

Водичот за психолошка пракса за работа со момчиња и мажи е незадолжително упатство, напишано врз основа на синтеза на бројни научни сознанија, кое ги информира психолозите дека момчињата и мажите се многу хетерогена група луѓе кои на различни начини можат да ја разбираат, доживуваат и практикуваат својата машкост. Всушност, во него се истакнува дека постојат момчиња и мажи кои можат да имаат специфични психолошки тешкотии затоа што живеат модели на машкост што им се наметнати и што ги спречуваат да водат слободен, автентичен и здрав живот. Во таа смисла, авторите на Водичот спомнуваат „идеологија на машкоста“, која од секој „здрав и прав“ маж бара редица особини како оние кои ги наведува Миливојевиќ во својот текст.

Значи, Водачот никако не тврди дека „традиционалниот“ модел на машкоста сам по себе е токсичен и патолошки: нема ништо нужно лошо во насоченост кон постигнувања и успех, склоност кон авантури и ризици, издржливост, физичка сила, храброст, емоционална воздржаност – без оглед на тоа дали сте родени како маж или жена. Но, кога тоа е единствената општествена норма во однос на која се мери машкоста на секое момче и маж, таа навистина може да стане токсична не само за здравјето на некои момчиња и мажи, туку и за заедницата во која живеат.

Токму на тоа е насочен Водичот кој на психолозите им дава насоки за работа со момчињата и мажите, кои наспроти воспитувањето и другите облици на социјализација, не ја наоѓаат својата цел во натпреварот, кои не се изразуваат на асертивен, груб или воздржан начин, кои не се склони кон ризик, не тежнеат кон недостижни успеси, сакаат да искажуваат емоции, не тежнеат кон физичка сила и во неа не гледаат доказ за своите квалитети. Водичот ја објаснува идејата дека во таквите случаи не станува збор за плашливци, слабаци, неамбициозни кастрати, а тоа пак не значи дела негова цел е производство на бета мажјаци со скриена агенда со светот да завладеат феминистите (женските и машките). Водичот е базиран на претпоставката дека сите оние момчиња и мажи, макар биле малцинство, кои не достигнуваат до нормата за митскиот маж, имаат право на психолошко здравје и адекватна услуга на психолог.

Според тоа, Водичот за психолошка пракса за работа со момчиња и мажи кажува една проста вистина: не постои само една „машкост“. Маскулинитетите се различни. Тоа не значи дека по светот шетаат алфи, бети и гами, туку дека нема само еден позитивен склоп на својства што ја одликува машкоста. Исто така, тоа подразбира отворање на можности за различни начини на кои личноста, од кој било пол, ќе стекнува и одржува самодоверба и психичко здравје, а не само еден кој треба да ги исклучи и обезвредни сите останати.

Оттаму, се чини дека Зоран Миливојевиќ погрешно го интерпетирал Водичот припишувајќи му намера што во него ја нема: дека еден модел на машкост, според Миливојевиќ, единствениот исправен се сака да се замени со друг, кој пак, е сосема погрешен.

Во желбата што поуспешно да го спроведе овој реторички пресврт, Миливојевиќ во својот текст, самиот си противречи кога кажува дека „е точно дека во текот на воспитувањето и социјализацијата, заедницата влијае со прифаќање на половите улоги кај момчињата и девојчињата да се развијат едни особини, а да се обесхрабри развојот на други особини на нивните личности“. Ако се тргне од идејата дека врз дефинирањето на нашите улоги влијае заедницата, тогаш автоматски се дисквалификува тезата дека тие израснуваат од нашите биологии и дека спаѓаат во доменот на универзалните и природни вистини, каква што е, на пример гравитацијата.

Родовите улоги, тука се согласуваме со Миливојевиќ, се резултат на договор внатре во заедницата во која секогаш и повторно може да се преговара, договара и кој може да се менува. Тоа е она што овој Водич и го прави. Признанието дека постојат различни облици на носење со својата родова улога не е навреда за машкоста, туку можноста за редефинирање на системите на норми кои за различни човечки битија не произведуваат среќа, психичко здравје и хармонични односи со себе и со светот.

П.С: Треба да се укаже и на еден факт кој е спореден за текстот. Авторот греши и во базичното разбирање на природните и општествени науки. На едно место тој кажува: „Додека во природните науки се опишува стварноста онаква каква што е, во општествените науки, во кои спаѓа и психологијата, се застапува за идеи каква треба да биде каква стварност. Заради тоа овие науки се подложни на идеолошки влијанија и политички акции“. Првата грешка на авторот се однесува на дефиницијата на општествените науки. Општествено – хуманистички науки (овде ќе го прошириме тврдењето и на хуманистичките науки) не зборуваат за тоа каков треба да биде светот, туку се занимаваат со опишување, разбирање и толкување на општествените процеси, како што е, на пример, процесот на формирање на половиот и родов идентитет.

Второ, авторот погрешно смета дека само општесвените науки се подложни на политички и идеолошки влијанија. Имено, сите науки, акко и секоја друга човекова пракса се подложни на идеолошки и политички употреби и злоупотреби и тоа всушност општествено – хуманистичките науки јасно го покажаа. Конечно, некои од најголемите злоупотреби на науките во историјата биле поврзани со злоупотребата на природните науки (на пример, расистичкото движење во Америка, кое врз „научен“ темел, доведе до масовна стерилизација на припадниците на Афроамериканската заедници, или масовно истребувањаво нацистичка Германија кои биле оправдувани со наводни сознанија од природните науки).

Слики: Paul Richmond

Извор: Peščanik

 

ОкоБоли главаВицФото