За изборот на македонски претставник на Уметничкото биенале во Венеција

12.02.2019 02:40
За изборот на  македонски претставник на Уметничкото биенале во Венеција

Изборот на наш претставник на Уметничкото биенале во Венеција (Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2019 година, во организација на La Biennale di Venezia) и оваа година предизвика контроверзи и дубиози.

Министерството за култура на Република Македонија и оваа година не успеа да ги надмине партизацијата, приватизицијата, примитивизмот, културниот бандитизам, незнаењето и неспособноста што до сега ги одредуваше културните политики што ја уништија националната култура.
На 29 јануари 2019 година Министерството за култура објавува соопштение дека национален претставник на нашата држава оваа година ќе биде проектот на Музејот на современата уметност „Субверзија во црвено“ од авторката Нада Прља. Два дена потоа, на 1 февруари 2019 година заврши рокот (последна можност) за пријавување на проекти во Венеција.

Доцниме на Уметничкото биенале во Венеција толку многу што поради неажурноста и небрежноста на Министерството за култура се доведува во прашање нашето претставување. Уметниците и кураторите се ставаат во невозможна ситуација и мораат да се снаоѓаат како умеат со невозможни рокови. Сето тоа драматично влијае на квалитетот на нашето претставување во Венеција.

Иако постојат основи за сомневање во целосното исполнување на критериумите предвидени со Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на меѓународната дејност за учество на Република Македонија на 58-та Интернационална ликовна изложба во Венеција од страна на избраниот претставник, сметам дека тоа не е суштествено и дека не е спорно тоа што проектот на Музејот на современата уметност „Субверзија во црвено“ од авторката Нада Прља е избран од Комисијата, туку е спорно тоа што не е избран и проектот на Музејот на град Скопје „А-Reaction“ на авторката Марија Павловска. Не постои ниту една причина поради која овие два проекти не можеле рамноправно да учествуваат на Венециското биенале, особено имајќи предвид дека проектот на Марија Павловска е речиси целосно финансиран од страна на донатори и е поддржан од значајни американски и европски фондации и институции чии уметнички критериуми се неспорни.

Дозволете ми накратко да ја објаснам целата ситуација. Да се сложиме дека проектот на Нада Прља како и проектот на Марија Павловска ги исполнуваат правно-формално сите конкурсни услови.

 Нада Прља има добиено простор во Венеција. Просторот се наоѓа во Lunga Santa Caterina (каде точно, колку голем е просторот и кој го плаќа до сега не е објавено званично). Lunga Santa Caterina е долга улица на периферијата од Венеција во кварт зад Железничката станица на чиј крај се наоѓаат неколку магацини и простории кои ги дава под наем фондацијата Garvasuti Foundation. Тоа дали овој простор и одговара на творечката замисла на Нада Прља не го менува фактот дека се работи за мал, неугледен, несреден и запуштен простор на крајот од градот.

 Марија Павловска има, исто така, добиено простор во Венеција. Просторот се наоѓа во центарот на градот до мостот Риалто, дестинација која секому е позната. Станува збор за централен простор од 173 м2, две сали на прв спрат во луксузна палата (Palazzo Mora). Просторот е ексклузивен, репрезентативен, добро уреден и во него се изложуваат дела на значајни светски уметници.

 Фондацијата што ја кани Нада Прља (тоа е конкурсен услов) е фондација што соработувала со Венецијанското биенале само два пати и се занимава со рентање на простор (rental venue). Просторот што оваа фондација го рента е официјално оценет како простор со лош квалитет, недостапен и запуштен. Фондацијата е редовно критикувана поради ниското ниво на организација и лошиот простор што го рента (Hidden Venice: Garvasuti Fooundation, a combined set of rough houses in the rough Castello district)

 Фондацијата што ја кани Марија Павловска е една од највлијателните во Европа. Европскиот културен центар (ECC) менаџира уметнички проекти и е една од најзначајните вакви институции. Има организирано над 50 меѓународни изложби, траен соработник е на Биеналето и стои зад презентацијата на 12 национални павиљони во Венција. Поканата да организира преставување на Македонија со проектот на Марија Павловска е добиена врз основа на оригиналноста и атрактивноста на проектот и е избор на самиот ECC. Зад проектот на Марија Павловска стојат и Global Art Affair Foundation, MANA Contemporary Museum/Art Centre NY, Carole Feuerman Foundation и Eileen Kominsky Foundation NY.

 Проектот на Нада Прља е финасиран од страна на Министерството за култура на Република Македонија со околу 60.000 евра.

 Проектот на Марија Павловска е финансиран преку добиен грант во износ од 230.000 ЕУ од фондацијата International Affairs, Despacho Elizondo Cantu која претставува важни групи на Мексикански и интернационални фондации вклучувајќи ја и фондацијата Sebastian. Остатокот од потребните средства е покриен од грант на фондацијата Европски културен центар (ECC) во износ од 60.000 ЕУ.

Од изложеното е сосем јасно дека се работи за огромна разлика во квалитет меѓу обезбедените простори каде ќе се претстави Република Македонија и огромна разлика во нивото на презентација и на обезбедените финансии. Од една страна имаме проект финансиран со скромни средства од страна на Министерството за култура на Република Македонија, а од друга проект кој има значајни странски донации.

Прашувам јавно каде е тука националниот интерес на Република Македонија? Дали национален интерес е презентирање на проект на периферијата на Венеција во минорен и девастиран магацински простор со проект застапуван од фондација што има лош рејтинг или е национален интерес на Македонија да се претстави во центарот на Венеција во палата со ексклузивен простор при што овој проект е застапуван од значајна европска институција што соработува секоја година со Венецијанското биенале и која менаџира изложби на значајни светски уметници по нејзин избор и врз основа на строги уметнички критериуми?

До колку некој се обиде да го оправда овој чуден избор врз основа на правото на Комисијата да избере проект кој таа смета дека е најдобар од уметнички аспект, би сакал да Ви укажам дека според официјалното образложение на Комисијата „сите проекти (се мисли на проектите кои ги исполнуваат условите на Конкурсот) се одликуваат со високи уметнички карактеристики, дека се професионално конципирани и ги одразуваат квалитативните параметри нотирани во Конкурсот“.

 Според Комисијата е издвоен „проектот на авторката Нада Прља кој, според тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи, е актуелен и интернационално референтен проект во културениот контекст и во однос на темата на Биеналето“. Ова општост исто важи и за проектот на Марија Павловска од збор до збор.

 „Комисијата, исто така, ги зеде предвид и квалитетите и искуството на авторката (Нада Прља) со учество и изведба на дела со сличен контекст, кои се многубројни и имаат освоено награди и признанија на меѓународната сцена.“ Марија Павловска има иста таква авторска биографија, признанија и учествувала на повеќе значајни изложби и манифестации во светот.

 „Истовремено, Комисијата изрази уверување дека и соработниците (на Нада Прља) што се вклучени во реализацијата на проектот, во однос на уметничката критика и стручност, имаат големо интернационално искуство, особено во претходните учества на оваа манифестација.“ Зад проектот на Марија Павловска стојат исто така значајни соработници кои имаат големо интернационално искуство и кои претходно учествувале на оваа манифестација како што се Ysabel Pinyol, Rene Rietmeyer, Mila Sarkisian, Sara Danieli, Valeria Romagnini, Lucia Pedrana, а кураторот Емил Алексиев досега двапати ја претставувал Македонија на Биеналето во Венеција.

Значи, одбиена е донација во износ од 230.000 евра од страна Американска фондација, 60.000 евра од страна на Европскиот културен центар, ексклузивен простор во центарот на Венеција во палата, обезбедени материјали, техничка опрема, екипа и техничка помош за поставување на проектот на сметка на ECC, бесплатен шест месечен надзор на павиљонот (пет луѓе), печатење на пропаганден материјал и публикација (каталог), бесплатен адвертајзинг (покриени 45 000 адреси во светот), банери (8 м.) Vip opening, организирање прием за претставниците на владата на РМ и меѓународна промоција на проектот на Марија Павловска. Одбиени се исто така, и препораките на значајни европски и светски институции и фондации и тоа без образложение.

Ако Конкурсот е распишан во согласност со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2019 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/2013) за остварување на националниот интерес во културата, тогаш каде е тука националниот интерес? Што тоа ние правиме?

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото