Предавање на Аленка Зупанчиќ во Скопје

12.02.2019 04:10
Предавање на Аленка Зупанчиќ во Скопје

Програмата на Критичко преиспитување на правото / Critical Re-examination of Law го започнува летниот семестар (2019) со јавно предавање на проф. Аленка Зупанчиќ, со наслов „Сакај го соседот свој како што се сакаш себеси“.

Предавањето ќе се одржи на 13 февруари (среда), со почеток од 19 часот, во кино-салата во Музејот на современата уметност во Скопје.

Проф. Аленка Зупанчиќ е словенечка авторка и една од членовите на тн. Словенечка психоаналитичка школа, заедно со Славој Жижек и Младен Долар. Работи како истражувачка во рамки на Филозофскиот институт, Истражувачкиот центар во рамки на Академијата на науките и уметностите на Словенија, ZRC SAZU (Љубљана), а редовно предава и на European Graduate School.

Автор е на бројни научни текстови и книги во областа на психоанализата и филозофијата, меѓу кои и: Ethics of the Real: Kant and Lacan; The Shortest Shadow: Nietzsche’s Philosophy of the Two; Why Psychoanalysis: Three Interventions; The Odd One In: On Comedy, и најновата книга What is Sex?

САКАЈ ГО СОСЕДОТ СВОЈ КАКО ШТО СЕ САКАШ СЕБЕСИ

Референците на христијанството и христијанската традиција се некои од клучните состојки во ширењето на десничкарската политика на идентитети во Европа (или пошироко, на Западот), вклучувајќи ги помалку или повеќе експлицитните националистички и расистички политики. Заповедта да се сака својот Сосед како себеси, претходно-споменатата политика ја соочува со проблем и изискува (ре)интерпретација на нејзиното значење. Предавањето ќе се задржи на некои примери од овој интерпретациски обид, и на тоа како се афектира фигурата на Соседот.

Истовремено, ќе бидат истражени причините заради кои Зигмунд Фројд ја согледува оваа заповед како срцевина на она што тој го нарече неугодно (Unbehagen) во културата (Kultur). Каква е оваа агресивност која постојано никнува заедно со фигурата на Соседот, дури и како неразделива од неа? За да се одговори на ова прашање, во текот на предавањето ќе се користат ракурсите на Лакановската психоанализа, но не со цел да се застрани од политичката димензија на прашањето, напротив, туку и со нејзина помош при обидот за одговор и интерпретација.
Дополнително, обидите за одговор и интерпретација ќе се одвиваат во контекст на најголемата мигрантска криза после Втората светска војна, која е во тек.

За сите понатамошни информации, следете ја Фејсбук фан страната на проектот или обратете се на електронската адреса kritika.pravo@gmail.com

Настанот се одржува со несебичната поддршка од Фондацијата Фридрих Еберт-канцеларијата во Скопје/FES Skopje и хотел „Парк“, како и во соработка со тимот на Музејот за современа уметност во Скопје.

ОкоБоли главаВицФото