Русија се зацврстува на Црното море

13.02.2019 00:26
Русија се зацврстува на Црното море

Ривалството околу излезот на ова затворено море е последна ставка на долгата листа спорови помеѓу Русија и Украина. Инцидентот од 25 ноември е само најновото, и најсериозно, во низата навлегувања и ненајвени инспекции на бродови во Азовското море од почетокот на 2018 година.

Според договорот од 2003 година тоа море, правно гледано, е заедничка територија на Русија и Украина. Овој документ гарантира целосна слобода на движење на цивилните и воените бродови на двете земји преку водите на Керчкиот премин. Меѓутоа, откако го презеде Крим, Русија де факто стекна контрола над влезот во Азовското море, бидејќи сега го поседува од двете страни на преминот кој го одвојува од Црното море. Нејзината воена надмоќ во однос на Украина е зад тенденцијата за претворање на азовскиот поморски простор во „руско езеро“. Во мај 2018 година, Русија го отвори мостот со кој се спои со Кримскиот полуостров.

Неговата изградба, која чинеше приближно три милијарди евра, дополнително го зголеми притисокот на Керчкиот премин. Москва ги заостри правилата за поминување, еднострано воведени заради заштита на територијата. Русија верува - основано или не - дека Украина ќе се обиде да го уништи мостот, на што отворено повикуваа одредени гласови од Киев, како пратеникот Ихор Мосијчук.

Ноемвриската криза изби затоа што Украина, одбивајќи да се покори на процедурите за премин кои ги наметнува Русија, одлучи да го наруши новото статус кво во кое таа е губитник. Ако постоела желба, овие мали бродови можеле да бидат донесени по копнен пат, како што во септември се постапи со два патролни чамци. Исто така, на 24 септември, две украински воени пловила - реморкер и спасувачки брод - поминаа преку Керчкиот премин без никаков инцидент, откако Украина ја објави својата намера и настанот беше под близок надзор на руските сили. Овојпат, одлучувајќи да не ги остави своите бродови, во согласност со договорот од 2003 година, да чекаат во долгата колона која се протегнува од пред преминот, украинската морнарица сигурно сметала дека Русите ќе одговорат со сила. Нејзина желба била да добие воена помош од НАТО, кон што Киев, засега безуспешно, се обидува да пристапи.

Кон крајот на септември Вашингтон за десет милиони долари на Украина ѝ продаде два мали патролни чамци направени за американската крајбрежна стража кон крајот на осумдесеттите. Повеќе се работеше за политички гест отколку за вистинско зајакнување на украинските поморски капацитети. Патролните чамци се доставени без вооружување и електронски системи. Покрај тоа, земајќи ја предвид нивната застареност, тие можат да бидат лесна мета по која стрелаат руските крајбрежни батерии и воздушните и поморски сили.

Предизборните калкулации секако играа улога во обидот да се пробие керчката блокада. Украина на изборите во март и април 2019 година ќе го избира својот претседател. За моменталниот шеф на државата Петар Порошенко овие избори се деликатно прашање: пред поморската операција за која станува збор, тој, според анкетите на јавното мислење, можеше да смета на поддршка од само 10 проценти од гласачкото тело, што значеше дека се наоѓа на четвртото место, далеку зад фаворитката Јулија Тимошенко. Покрај тоа, одредени гласови - во Москва, но и во Киев - тврдат дека сакал да воведе вонредна состојба и воена управа за да го наруши изборниот календар и да ја зголеми веројатноста на своето влегување во вториот круг. Меѓутоа, наместо 60 дена воено владеење кое се стремел да го воведе на целата територија, заради критиките упатени на негова сметка во парламентот, морал да се задоволи со триесет дена во десет области на истокот од државата. Иако оваа одлука нема да влијае на изборниот рок во март, таа ќе го зацврсти имиџот на претседателот како воен лидер, на што тој смета за да може да ја зголеми својата загрозена популарност.

„Меурот на забранетиот пристап“

Поентата на инцидентот за Русија беше потврда за суверенитетот за кој таа тврди дека го има над Крим и Керчкиот премин, како и укажување на залудноста на обидите да се изменат правилата на игра кои таа де факто ги диктира. Во резолуцијата за територијалниот интегритет на Украина која на 27 март 2014 година ја изгласаа 100 држави, со 11 гласови против и 58 воздржани, Генералното собрание на Обединетите нации го доведе во прашање рускиот суверенитет и потеклото на валидноста на референдумот за спојување на Крим кон Русија, организиран 10 дена претходно...

Гушењето на поморскиот премин во украинските пристаништа од Азовското море кое се одвива од почетокот на 2018 година има цена: загуба од 20 до 40 милиони долари годишно за Мариупол и Бердјанск. Товарниот сообраќај во овие две пристаништа опадна за 27 проценти, односно 47 проценти помеѓу 2015 и 2017 година - иако руското мешање не е исклучив виновник. Блокадата на Донбас која ја воведе Киев ги отсече овие два градови од остатокот, додека падот на БДП од 40 проценти од 2013 година го загрози нивното работење. Вршејќи притисок на украинските бродови, Москва обезбеди механизам кој може да го користи во поволен момент за да добие отстапки, како повторно отворање на каналите што го снабдуваа Крим со слатка вода. Киев ги блокираше по анексијата на полуостровот и оттогаш мора да се потпира на сопствените залихи и извори.

Инцидентот од 25 ноември го одржува постепеното зголемување на руското воено присуство во областа на Црното море од анексијата на Крим. Азовското море и Керчкиот премин се дел од стратешкиот коридор кој преку каналот Волга-Дон го поврзува Каспиското со Црното море. Во тие води сѐ почесто се движат мали руски бродови, а некои од нив, тргнувајќи од своите воени бази во Каспиското море, испловија до источниот Медитеран каде крстари Шестата американската флота, главната сила на НАТО под чија несомнена контрола се наоѓа овој предел.

Со анексијата, Крим ја врати својата традиционална улога на истурена база на јужната граница на Русија. Москва го утврди со поставување ПВО системи, вклучувајќи ги батериите против бродови и ракетите С-400, крајбрежната батерија Бастион, како и средства за електронско војување. Комбинираното дејствување на ова вооружување, способно да пресретнува ловци-бомбардери како и ракети со долг дострел, го претвори Црното море во зона од повеќе стотици квадратни километри во која е загрозен потенцијалот за дејствување на НАТО силите. Тоа сега е еден од „меурите со забранет пристап“ кои ги загрижуваат големите западни сили. Зајакнувањето на руската флота со новите дизел-подморници, фрегати и мали ракетни бродови (сите овие пловила се вооружени со крстосувачки ракети од типот „калибар“, кои се користени во Сирија против џихадистичките групи) на Русија ѝ овозможува да ги одбие сите противници кои би ги загрозиле нејзините интереси.

Руската поморска моќ е компаративно поголема, затоа што дејствувањето на странските морнарици во Црното море е значително ограничено со Конвенцијата од Монтре. Тој документ, усвоен 1936 година, на Турција ѝ овозможи контрола над Босфорот и Дарданелите. Таа мора да им гарантира премин на трговските бродови, но може да ги запре воените пловила, особено во период на војна. Договорот исто така го ограничува бројот, големината и должината на присуствата во Црното море за воените бродови на државите кои не изглегуваат на неговиот брег (член 18). Додека турските премини и западната поддршка на Анкара некогаш го ограничувале ширењето на царството, а потоа на Советскиот Сојуз кон Средоземното море, Конвенцијата од Монтре денес ја спречува американската поморска сила да одговори на јакнењето на руската флота во Црното море.

Порошенко е свесен за тоа: еден ден по инцидентот кај Керч, објави дека смета дека треба да се забрани минувањето на руските бродови преку турскиот премин. Таа изјава ги покажува размерите на распадот во Киев, зашто Турција отсекогаш бараше одредбите од Конвенцијата од Монтре строго да се почитуваат. Тој нејзин став нималку не го променија ни анексијата на Крим, ниту подемот на руската воена сила. Од перспектива на Анкара и Москва, каква било ревизија на договорот од 1936 година би била на нивна штета. На тој начин на надворешните воени актери би им бил отворен пристап до локалниот поморски простор. Таквото сценарио би го нарушило модус вивенди според кој Црното море претставува заедничка руско-турска сигурносна зона, уште од распадот на СССР. Покрај тоа, Турција отсекогаш водеше сметка да не се претвори во бојно поле за конфликтите на Русија и НАТО, вешто и суптилно одржувајќи рамнотежа помеѓу своето членство во Алијансата и фактот дека Русија ѝ е прв сосед. Пристапувањето во 2014 година во НАТО на Бугарија и Романија, држави со занемарливи поморски сили, не го измени значително односот на силите.

Солидно партнерство со Турција

Турција се наоѓа на пресек од три меури забранет пристап кој го воспостави Русија: еден на Крим од 2014 година, друг на Кавказот, во вид на руски сили во Ерменија, и трет, од 2015, олицетворен во трупи на сирискиот брег. Иако е загрижена заради таквата состојба, Анкара засега не повлекува потези кои би ја довеле во прашање заедничката воена контрола над црноморскиот простор. Солидните односи со Москва во енергетскиот домен - зацврстени со гасоводот Турски тек, чија подводна секција е изградена во ноември - како и тоа што рускиот Росатом ја изгради првата турска нуклеарна централа во Акују, на јужниот брег, спроти Кипар, се олицетворение на безбедносните мрежи на кои може да се потпре Турција.

Сепак, она што најмногу придонесува за преживување на партнерството на овие две држави е можноста Русија и Турција да се фокусираат на заедничките задачи, наместо залудно да бркаат посебни стратешки цели. Москва и Анкара се ривали на геополитичко ниво кои спроведуваат селективна и ограничена соработка на Црното море, Кавказот и Блискиот исток - во рамки кои им овозможуваат да го канализираат својот ривалитет. Астанската платформа за време на војната во Сирија е еден пример; друг пример би била поморската интервентна сила BlackSeaFor, која ги обединува сите крајбрежни држави. Основана во 2001 година, оваа руско-турска иницијатива овозможи спроведување на операцијата „Active Endeavour“ (една од НАТО мисиите покренати како одговор на нападите од 11 септември) за која Романија и Бугарија сакаат да ги отворат вратите на Босфорот.

Оваа тенденција ќе продолжи, имајќи го предвид спорот на Вашингтон и Анкара кој се создаде по обидот за државен удар против Реџеп Таип Ердоган, летото 2016 година, како и заради воената соработка на Америка и курдските сили во Сирија заради што се налути Турција.

Како може НАТО да одговори на порастот на тензиите во Азовското море и околу Керч? Една можност е воспоставување перманентна мисија со воздушен надзор според балтичкиот модел. Атлантскиот сојуз исто така би можел да разгледа создавање сопствена флотила. За да ги надомести воздушните капацитети на Бугарија и Романија, исто така би можело привремено да го стави знамето на некоја од тие држави на бродовите на морнариците на земјите кои не излегуваат на Црното море, што би овозможило заобиколување на ограничувањата од Конвенцијата од Монтре. Меѓутоа, сличната иницијатива на Романија, предложена на самитот на НАТО во 2016 година во Варшава, беше одбиена заради силната резерва која ја изрази Бугарија. Покрај тоа, таквиот потег ризикуваше да ја разлути Анкара, која во него сигурно би видела преиспитување на духот од Монтре.

Во секој друг случај, единственото оружје кое ѝ преостанува на евроатлантската заедница е заострување на санкциите кон Москва. Меѓутоа, на тој план не се совпаѓаат интересите на Америка и Европа. Европскиот совет во декември усвои необврзувачка резолуција и не ги зголеми санкциите против Русија. Наспроти тоа, американското противење на Северен тек 2 се зголеми после инцидентот во Азовското море. Гасоводот чија изградба веќе започна, треба да доставува гас во Европа преку Балтикот, заобиколувајќи ја Украина. Резолуцијата на претставничкиот дом на САД од 11 септември 2018 година, во која се критикува преголемата енергетска зависност на Европа од Русија, извесно претставува подготвителен чекор кон вртење нов лист за рускиот сектор за нафта и гас. Администрацијата на Трамп исто така најави можност за воведување санкции против европските фирми кои ќе учествуваат во проектот.

Игор Деланое е заменик директор на Француско-руската опсерваторија (Москва).

Извор: Le Monde Diplomatique