Сонувани и будни песни (2)

13.02.2019 13:01
Сонувани и будни песни (2)

 

 СОНУВАНИ ПЕСНИ


19.
Полесен од балон со хелиум
лета над градот што се
гуши во магла и смог.

Лебди над маалото на првиот бакнеж.
Со две длабоки воздивнувања
се вивнува кон врвот на

својата омилена планина.
Од горе ја гледа брезата под која
обично чита книги. Сака да се

спушти долу, ама не знае како.
Помислува дека дома веќе го оплакуваат
како да е на средновековна фреска.

Се буди со книга под лицето.
На левиот образ има траги од букви.
На пат кон терасата забележува неколку

пердуви на пижамите. Загледан кон брезата
ги подига рацете како штрк во лет. Полека
ги спушта, како да вежба слетување.


22.
Иако е мрак, таа на сон гледа безброј светлини:
светат илјада огнови под илјада ѕвезди,
оклопи на кои се гравирани и

сонцето и месечината,
светат мечови со пот од
уплашени воини, глинени ламби во

љубовни одаи, кандилца во утробата на
огромен дрвен коњ. Светат потпалени
кораби, шатори преполни

со запленети оклопи и други
светкави трофеи. Светат клади со
тела на јунаци. Светат очи на загрижени

мајки, сестри, деца, сопруги и робинки.
Светат остри стрели што паѓаат како
комети од ведро небо.

Од толку многу светлини
таа знае дека се буди на пладне.
И дека некаде некој град одново гори.


23.
Разбојот е нејзиниот брод.
Дење плови по волнени
океани, ноќе морски

ветришта го расткајуваат
ткаилото. Пред да заспие на
разбојот е оптегнато ново едро,

нов килим за лебдење
над приземните сплетки.
Разбојот е нејзиното море.

Ноќе го сонува идниот ткаеж,
додека надвор кучешки лаеж
потсетува дека претходниот

е вратен во клопчиња волна.
Собата со конци и јазли е полна.
Ја чекаат да отвори очи,

да измие лице и веднаш да ги
оптегне за нова пловидба. Разбојот
е нејзиното море, весло и едро.


24.
Обично пишувам три романи
истовремено. Го завршувам
само тој што ќе ме повлече,

вели една писателка, пиејќи чај.
А начнатите романи?
Што правиш со нив?

Им ги оставам на други да
ги довршат. Ако немаат
попаметна работа.

А како си сигурна кој е
вистинскиот од трите романи?
Место одговор го бакнува и си заминува...

Се буди со вкус на филмски бакнеж
во устата. Се двоуми дали
да ги четка забите.

Натечен, се гледа во
огледалото и тивко вели:
јас сум, сепак, недопишан роман.


БУДНИ ПЕСНИ


17.
Ја буди мирис на прегорени букви
          и испарени метафори. Сфаќа дека е
книга што гори на клада поради
          нечиј страв од напишаното.

Прашалниците горат најзагадочно.
          Додека се претвора во прав што личи
на три точки, знае дека поради нечиј
          внатрешен пламен пак ќе се роди.


19.
Се буди како петел. Му иде кукуригу да викне
          ама гледа дека сите се будни. Му иде да крикне
дека многу е мемливо, смрдливо, мрачно, тесно...
          Речиси е смачкан: два слона лево, две жирафи десно.

Гледа само една кокошка зад опашки на лавови.
          Прави пресметка и сфаќа дека сите се во парови. 
Само гулабицата е сама. Гледа низ малото окно.
          Мажот ѝ одлетал во потрага по копно.


22.
Се буди како овца в пештера.
          Мириса на скиселено вино.
Има впечаток дека сето ова
          го има гледано во кино.

Некој ја гушнал од доле цврсто.
          Сфаќа дека има силен скокот
оти и од горе ја грепка прстот
          на киклоп со извадено око.


24.
Се буди како жица од виолончело.
          Ја затегаат силно, па ја отпуштаат.
Ги слуша и другите струни и
          заедно треперат со часови.

Потоа ја бришат со крпа и ја
          пуштаат да одмори до концертот.
Заспива со мирисот на едни прсти.
          Се надева дека пак ќе ја разбудат.


Влада Урошевиќ
Енциклопедиска информираност и детски поглед на свет

Широкиот опсег на знаења не му пречи на Мартиновски да ги поседува во својот поетски израз чистотата и леснотата на еден речиси детски светоглед. Зад таа свежина на сетилните сензации, изразена особено во неговите хаику и хаибун збирки, стои секогаш и едно длабоко впиено искуство на лектирата, енциклопедиската информираност и космополитската ориентираност. Тие две насоки кај Мартиновски не се исклучуваат туку, напротив, се проникнуваат и заемно се подржуваат.
Сега, во „Сонувани и будни песни”, кај овој поет доаѓаат до израз, можеби најсилно, одликите на постмодернизмот: цитатноста како своевиден пододдел на модерната поетичност, препуштање на заводливоста на книжевните алузии, двосмисленоста скриена во потпирањето врз некои големи дела од минатото. Зад стиховите на оваа книга нè пречекуваат, честопати, асоцијациите што нè упатуваат кон Стариот завет, кон Илијада и Одисеја, кон кинеските филозофи-таоисти.
(...)
Потрагата по упатувањата што се насочени кон Илијада и Одисеја содржат многу елементи на книжевна игра. Песните од циклусот “Сонувани песни” имаат, сите, по осумнаесет стихови, а песните од циклусот “Будни песни” по осум. Ако од сонувањето (18) се одземе будењето (8) се добива десет - еден од клучните броеви на двата епа: десет години опсада и десет години лутања. А и двата циклуса кај Мартиновскии имаат по 24 песни - што и во Илијада и во Одисеја е број на пеењата. Овие паралелизми можеби можат да продолжат и натаму - песните на Мартиновски несомнено даваат многу поводи за воспоставување возбудливи совпаѓања и секавични коинцидирања.
Но овие учени алузии не значат дека пред нас е поезија која се потпира само на акрибичност и на интелектуални шаради. Владимир Мартиновски е еден поет кој во својот талент, покрај смислата за книжевни спекулации, поседува значајна доза на спонтаност и неочекуваност. Неговите стихови многу често носат во себе една експлозивна енергија скриена во парадокси. Парадоксот носи изненадувања, а изненадувањата содржат секогаш во себе хумор.
Хуморот, пак, е разбивач на секаков вид вкочанетост и вкалупеност во конвенции, ефикасна одбрана пред опасностите што ги носат сувопарноста и преголемата сериозност.
Ироничен, ведар и снабден со диспонибилитет пред предизвицоте на лудистичките пориви, Владимир Мартиновски е поет кој на еден блескав начин го спојува знаењето со играта, ученоста со имагинацијата, дисциплината со слободата.

Слики: Deedee Cheriel
Извор: Владимир Мартиновски,
Сонувани и будни песни (Кликер книги, 2017)

 


 

ОкоБоли главаВицФото