Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (9)

13.02.2019 14:46
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (9)

Илко Димитриески, Карангел Бруснички (самостојно издание)

Веднаш, истата есен ме предложија во Младинската организација на касарната, оттаму како претставник во претседателството на Младинската организација во градот и, се разбира, ме предложија за прием во Сојузот на комунистите.

Само што ги прашав: „Зoшто толку брзо?“ - веднаш го известиле генералот и тој пуштил абер: „Ако не сака да биде во Сојузот на комунистите, каков ли педагог и воспитувач ќе биде?“

И ме предложија и ме примија и во Сојузот на комунистите. Ми го запамети тоа и бараше подлабоки поводи во мене. Мене тогаш сѐ уште ми беа туѓи тие полемики и не беше тоа време на крутост, но младоста беше таа што бликаше во мене, а обврските натежнуваа. Од младинците во Општината бев предложен за делегат во Собранието и во Градскиот секретаријат на Сојузот на комунистите во Охрид. Во сферата на политичкиот свет стигнав млад, недооформен, па во движење морав да учам, да се подготвувам и да се збогатувам со сознанија. Станав политичар, а не бев ниту свесен за тоа. Тогаш не постоеја никакви привилегии на општинските делегати, на кои не сум ни помислил во ниту еден миг. Но обврските се состоеја во изнесување на некои проблеми, учество во работна група, што подразбираше читање и запознавање со материјалите и подготовка за дискусии.

Еднаш и генералот учествуваше на собраниска седница, на која настапи со студиозно излагање и предлози за уредување на платото на Билјанини Извори во иден спортски центар. Подоцна разбрав дека до таа идеја дошол на Сеармиското првенство што се одржа во Охрид. Исто така, подоцна ја разбрав безуспешната борба на екологистите недооформени и неорганизирани за тој дел од огромно значење за микроклимата, инаку наречен Пенелопа. По седницата ме покани во Домот на ЈНА. Откако заминаа гостите, во кругот со командантот и други старешини со мене поведе разговор, мислам меѓу првите, што беше практика на секоја средба со него, освен на официјалните средби.

- Слушам не си сакал во Сојузот на комунистите - ме праша во негов стил, тивко и спокојно, без желба да остави впечаток, да застраши или да ги извулгаризира односите.

- Не Ве информирале добро, другар генерале - му одговорив како од топ и без калкулации.

- Не би рекол дека не ме информирале - не се промени ништо на неговото спокојно лице. - Мислам дека моите информации се точни, младинец.

- Јас, другар генерале, за вистината зборувам. Само предложив дека е добро малку да ми дадат време да здивнам и да се снајдам и да се средам - како да се бев подготвувал за оваа средба или ми помогна информацијата што ја имаше попатно пуштено за мене, па таа ми го разбистрила умот за да го анализира овој проблем од повеќе аспекти.

- Какво време барате Вие? - благ нагласок со видна веселост на тонот му даде.

 

Слика: Leonardo Digenio

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.