Културата на Бети, на Роберт и на Асаф

13.02.2019 14:51
Културата на Бети, на Роберт и на Асаф

Деновиве сме сведоци на уште една бесмислена политичка дебата и ад хоминем препукувања. Овојпат тема е културата и Годишната програма на министерството за култура за финансирање на проекти од национален интерес. Културата до неодамна и во период од десет години беше на Бети, денес таа е на Асаф, а многу кратко време (не)беше на Роберт.

Бети

Кога културата беше во сопственост на Бети, повеќето молчеа. Големите директори на културните институции триеја раце од парите добиени по партиска фамилијарност и водеа жестока кадровска политика по партиска линија. И да, патем нечујно ги поткопуваа расклатените културни темели на своите институции додека во Скопје паралелно се ставаа вистинските темели на најкорумпираниот проект во историјата на оваа држава, Скопје 2014. Оние кои молчеа тоа го правеа од страв или надеж, сеедно. ВМРО беше вешто да ги „намири“ потенцијалните врескачи и успешно да го купи мирот во куќата. Кога културата беше на Бети сите беа задоволни, а оние кои беа незадоволни и патем гласни беа предавници и комуњари.

Оние, пак, кои не молчеа и остро критикуваа го поседуваа атрибутот наречен безнадеж: или работеа во странство на големи и успешни проекти (Унко и Ацо) или сосема се помирија дека никогаш од ВМРО нема да добијат ниту еден проект. Со еден збор, немаа што да изгубат. Бети, затскриена и раскрилена зад вистинскиот министер за култура (Н. Груевски) направи парампарче од културата. Ги измести сите претходно воспоставени критериуми и вредности кои колку-толку ја крепеа културата и ги држеа во живот културните работници. Незамисливите работи ги направи редовна појава. Партиската книшка како никогаш претходно стана пасош за добивање пари и проекти од министерството. Забоде оловни клинови во нашиот идентитет, ја партизираше до непрепознатливост културната сцена, и списка баснословни суми на пари. Потоа Бети го реши името, ја внесе Македонија во НАТО и сите, вклучително и ОЈО, заборавивме на нејзините дела.

Роберт

Кога културата беше под Роберт, надежите беа огромни. Постреволуционерниот период ни даде (лажна) претстава дека сега конечно СДСМ здраво ќе се фати за културата (ако треба и со пиштол, да го парафразирам Гебелс) и ставајќи несомнено непартиски, компетентен и признат културен деец ќе успее да ја нормализира состојбата. Да се потсетиме, комплетна ревизија (естетска, финансиска и функционална) на проектот Скопје 2014 беше еден од столбовите на секоја предизборна програма на СДСМ.

Но, партијата го голтна Роберт и потоа го исфрли „на улица“ како резултат на партиските пазарења и повисоките цели. Роберт е единствениот реконструиран министер од почетокот на мандатот на оваа влада. А соборците уживаа да го растргнуваат Роберт, на начин на кој може да се растргне само соборец и брат. Бидејќи кога се копа во окото на братот, дупката е најдлабока. Вистинската причина, која никогаш не ја кажа Роберт, е дека нему му беа „одземени“ структурните ингеренции во и за културата за да може да почне да се справува со неа.

Асаф

На ред дојде Асаф. Кај Асаф е малку поинаку. Не го знае(в)ме, вака пристојно изгледа, културен човек што би се рекло колоквијално. „Албанец плус, плус изгледа некако неволно во својата фотелја“, мрмори просечниот културен деец. Како да му е сеедно дали е министер или не е. Конечно, не е од ДУИ, а за ДУИ знаеме дека не ги интересира културата освен онаа која е врзана со корупцијата т.е. културата на корупција. Нели гледате како ни се повторува истата „драма“ од лани и распнувањето на министерот Алаѓозовски на истата оваа годишна програма за култура.

Овогодинешната реприза покажува дека проблемот не е во Бети, Роберт или Асаф, туку во целокупниот системски парадокс на културната политика (секако најрасцутен во времето на Бети): културата и парите во културата се трошат на партиски, а не на приоритети од областа на културата, а перцепирањето на ресорот култура како само еден обичен ресор за коалициски пазар е еутаназија на културата. Еписибир дали Бети постоеше или беше само десетгодишен призрак во културата. На СДСМ тоа очигледно никогаш не му било важно. На СДСМ му е важно дека културата не му е важна. Јас сѐ уште тврдам дека Роберт беше нашата најдобра шанса, (само)прокоцкана и веројатно неповратна.

Идеали и будали

Па кој е крив конечно? СДСМ е крив. СДСМ направи злосторство од нечинење. Па нели ја сфативме лекцијата за моќта на културата во промената на општествената свест? Па нели се колневме во Бети и ја колневме Бети дека веднаш штом дојдеме на власт ќе го растргнеме нејзиното (не)дело? Нели велевме дека треба исто како Бети да правиме, само сосема обратно? Ех, идеали и будали...

Да не заборавиме дека во културната политика, како и секаде, има и политика во културата. Министерот Адеми доаѓа од партијата Беса, една мала, сѐ уште недефинирана партија која влезе во владата за да го дополни куферот со кој патуваме кон НАТО. Одговорите на реторичкото прашање на премиерот „А ме прашал ли некој како од 49 пратеници стигнав до 80?!?“ секојдневно ги добиваме и преку вакви ситуации. Појавувањето на добитници на конкурсот на министерството за култура кои не ги знаеме, кои не биле дел од црвливиот културен естаблишмент или дури и оние кои се регистрирале неколку дена пред истекувањето на рокот за конкурсот, е легитимна (партиска) политика во културата.

Внатрешната политичка динамика во албанскиот корпус се прекршува и овде. На Беса ѝ требаат гласови, ѝ треба да покаже дека е власт и дека одлучува за некакви пари, а притоа ако може да го спушти ДУИ уште повеќе, дотолку подобро. Дури склон сум да мислам дека министерот Асаф интимно не ја одобрува ваквата политика на својата матична партија. Но од каде пак да знае како е да бидеш партиски министер кога никогаш претходно не бил. Умешноста во политиката е Беса да успее да најде добри кандидати и да ја подобри сликата за културата кај Албанците. Дали во тоа ќе успее не знаеме, барем не сѐ уште. Но факт е дека алтернацијата на Беса во владата во областа на културата (заменик министер за култура, национален координатор за култура итн.) тука затаила. СДСМ по којзнае кој пат покажува дека не само што не ја интересира културата како потенцијален ресурс и алатка за општествени промени (и да! И за добивање изборни гласови), туку и дека нема што да даде и покаже во културата. Тоа е поразително за сите нас, особено затоа што знаеме колку многу ВМРО-ДПМНЕ даде во културата, се разбира притоа земајќи уште повеќе.

Горан

Состанокот кој го закажале алтернативниот премиер Зоран Заев и министерот за култура Асаф Адеми ќе биде политички. Заев избрза со изјавата дека треба да се ревидира Годишната програма за култура, а Асаф Адеми секако ќе игра по нотите на својата партија и отаде културните интереси на истата. Или ќе ја заостри реториката и нема да ја ревидира програмата или ќе ги прифати добронамерните совети на премиерот (читај: ќе се доиспазарат за нешто) или ќе си поднесе оставка по своја волја и наспроти волјата на Беса. Сѐ зависи од тоа до каде и како ќе се одреди цената во пресрет на претседателски избори и каков ќе биде пазарот. Лошо звучи, но премиерот во моментов нема мандат кај министерот за култура.

Незаинтересираноста на владеачката партија за културните политики значи оставање на тоа поле на моќ да го пополни некој друг. А вие продолжете да си играте култура.

И среде нашава жабокречина, од нигде никаде се појави Горан. Горан Бреговиќ. Тој дојде да нѐ посети, да ни каже дека музиката на Бах е доказ дека Господ постои, а тој, Горан, го ставиле во престижна публикација за највлијателни музичари. Публикација која започнува со Бах, а завршува со него, Горан Бреговиќ. Горан се појави да ни каже дека си заминал, и дека никогаш повеќе нема да се врати. Бидејќи ние се растргнавме себеси во борба за дел од колачот од престижниот годишен конкурс на министерството за култура на Република Северна Македонија. Не знам. Но знам дека цел живот рокерски сум го „мразел“ Горан Бреговиќ, а сега почнувам да го почитувам.

 Слики: Victor Fota

Извор: DW