„Миленичка“ - тотално филмско лудило

14.02.2019 00:51
„Миленичка“ - тотално филмско лудило

По толку филмови снимени за раскошниот живот во кралските палати, па и на оние кои ги прикажуваат контроверзите и декаденцијата, се појави „Миленичка“ (Favorite), го впери прстот во нив и громогласно се насмеа. Нема да видите полуд филм за кралицата и за нејзините дами. А веројатно ни пореален од овој.

Како фаворит на годинешното доделување на Оскарите се наметна црно – белиот „Рим“ (Roma), меѓутоа, „Миленичка“ исто така има рекордни десет номинации, а притоа е обоен со сите бои. Станува збор за остварување кое на сосема оригинален начин ги третира актуелните општествени теми низ ново исчитување на минатото; филм кој собрал извонредна актерска екипа и во центарот на вниманието ја става жената; кој изобилува со атрактивни сцени од раскошот на палатата и исто толку богати костими; филм кој е интелигентен, духовит и интересен...И кој сурово им се потсмева на сите претенциозни остварувања за кои би ги употрбиле истиве овие описи.

Основата на приказната ја чини односот помеѓу три необични жени.

Првата е кралицата Ана (Оливија Колман), несигурна во себе, детинеста, прилично луда, себична, со кревко здравје и сосема незаинтересирана за управување со кралството, па дури и за војната со Франција која се случува во тоа време. Во тие и во други работи, таа се потпира на својата најблиска пријателка и љубовница, Лејди Марлборо (Рејчел Вајс), отмена, самоуверена и блескава манипулаторка. Проблемот настанува кога Лејди Марлборо во палатата ќе прими нова слугинка, нејзината далечна родинина Абигејл (Ема Стоун), не наслутувајќи дека таа слугинка има многу поголеми амбиции, а за остварувањето на своите цели не избира ниту средства, ниту жртви...

И тука почнува суровата борба за позицијата на „миленичка“ на кралицата во која сите три жени ќе ги покажат своите најстрашни лица и своите најдлабоки стравови.

Е сега замислете како изгледа една таква, во основа чудна приказна кога ќе ја дофати Јоргос Лантимос (Georgios Yorgos Lanthimos), еден од најголемите чудаци помеѓу режисерите, кој го разбранува уметничкиот свет со филмовите како „Очник“ (Dogtooth), „Јастог“ (The Lobster), „Убиство на светиот елен“ (The Killing of a Sacred Deer). Ако сте гледале некој од овие филмови, знаете колку неговите ликови се чудни и непредвидливи суштества и колку е подготвен нивната човечност да ја менува за бизарни фасцинации и морничави идеи за животот.

Во „Миленичка“, само на прв поглед, ги пуштил да личат на луѓе кои навистина постоеле, а потоа ги поставил во својот извртен свет да се поиграат со актуелните приказни за феминизмот, да ја илустрираат гладта по политичка моќ, да го претстават човекот во неговото најубаво и најжалосно издание, а публиката да ја воведат во сосема откачено патување, така што ќе мора да помине малку време пред да ги наредат во главата сите коцки на овој филм. Јоргос Лантимос со добра причина повторно е номиниран за Оскар за најдобра режија.

Интересно е што британската кралица Ана, која владеела со Велика Британија на почетокот на 18 – от век, наводно навистина имала блиска соработничка, Лејди Сара, војвотка од Марлборо, која по една кавга и прекин на пријателството со кралицата, напишала мемоари во кои жестоко ја критикувала.

Сепак, приказната што ја понудија Тони Мекнамара и Дебора Дејвис е многу позаплеткана, подинамична и попровокативна од што било што може да се најде во историските записи. Затоа и се најдоа помеѓу кандидатите за Оскар за најдобар оригинално сценарио.

Сите три актерки се номинирани за Оскар. Оливија Колман за главната улога на лудата кралица, додека Рејчел Вајс и Ема Стоун ја продолжуваат својата битка и надвор од големото платно – овојпат наместо за наклоноста на кралицита се борат за златната статуетка за најдобра споредна женска улога.

Номинациите за најдобра камера, најдобра монтажа, најдобра сценографија и костимографија не се изненадување, како што не изненадува што „Миленичка“ со сите свои адути се пласираше во трката за филм на годината. А според наше мислење – засега е во голема предност.

Извор: Noizz