Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (10)

14.02.2019 10:18
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (10)

Марта Димитров, Разголена душа (Ѓурѓа)

Силна сончева светлина веќе продираше низ белите завеси со машни во боја на зрела вишна. Дури ѝ беше чудно што не чувствува умор од алкохолот што ѝ струеше низ крвните садови претходната вечер. Блага насмевка ѝ се разлеа по лицето од немајкаде. Како да ѝ се враќаше желбата за живот. Гужвите секогаш се поволни кога ризикуваме да се предадеме на летаргија, често и депресија. Самотијата е убава, но во „препишани“ дози. Денот пред синоќешната забава Клара имаше изгубено контакт со реалноста. Беше предозирана од самотија. Гужвата ја „отрезни“.

Се извлече од белата згужвана постелнина и се лоцира под тушот. Ниската температура на водата ја оживеа во моментот кога ѝ се слеа по телото, и тоа ѝ делуваше некако многу поефикасно, отколку живоста на саботното излегување меѓу замаглените освежувачки ефекти, звуците на ноќниот клуб и евтините викендашки лица. Облече само лелеав бел фустан со ружи во боја на зрела вишна и средно високи потпетици. Телото ѝ беше делумно суво од утринското туширање. Очилата за сонце имаа две функции: техничка и стратешка. Техничката примена им беше онаа добро познатата, заштита од ултравиолетовите зрачења. Стратешката беше поврзана со човечкиот фактор: не мора да се сретнува со ничии други очи, или барем другите не би знаеле дека се воспоставил таков контакт.

Го премина булеварот за на автобуската станица да се качи на првиот автобус. Ќе успее да си ги зачува нозете барем 3 станици до центарот на градот. Не планира да шета, само да седи и да набљудува. Изминатите неколку недели веројатно детално го имаше проучено секој сантиметар од нејзиниот стан. Време беше малку да си ги прошири хоризонтите. И да превенира депресија! Автобусот пристигна. Влезе и несвесно седна во вториот ред иако првиот беше празен. Уште понаншалантно ги стави слушалките на уво да ѝ свири некој џез. Брцна во чантата и извади симпатичен нотес со тврда корица во бежово розеникави нијанси со цветови на средина. Вториот пат кога брцна во неа, извади мастилно пенкало од бела пластика, со поклопче. Отвори речиси на среде, до каде што застанала некој претходен пат и почна да запишува вака: „А не може човек да одлучи дека до одредено време ќе биде сам и потоа ќе се предаде на светот, гужвите, гласните друштва, обичните, нормалните, и сите оние што не гаат потреба да бидат сами одредено (подолго) време. Мора да се балансира постојано. Тоа е исто со она кога се одлучуваме да слушаме една единствена мелодија; откако ќе се презаситиме, само момент од слушање на истата може да ни постане кошмар. Музичката листа треба да биде шаренолика. Моментот кога самотијата заради предозираност се метаморфозира во осаменост е критичен и мора да направиме напори да останеме вклучени во паралелата на општото нормално.“

Одеднаш забележа како нечиј показен прст се вперува во последните два збора во реченицата, речиси ги потцртува. Се стресе од страв, речиси ја облеа ладна пот и во истиот момент отсечно ја сврти главата на десно. До неа седеше книжарот. Вџашено зјапаше можеби цели триесет секунди, додека се сети да ги тргне слушалките од ушите.

- Општото нормално... – тој го крена погледот кон неа – веројатно тоа е фразата што долго време се трудев да ја составам. Само мислам дека ако „паралела“ се замени со вистинскиот термин, оваа мисла ќе ти е совршена.

- Со кој? Терминот... со кој термин?

- Не знам. Пишувањето се усовршува со корекциите. Мислите во сурова состојба можат да бидат длабоки, да станат популарни, но корекциите го прават пишувањето ремек дело. Врати се на мислава по ден два.

- Вие сте писател?!

- Книжар.

- Има логика – Клара одговори речиси полугласно, климајќи ја главата повеќе на лево, но потврдно, со недефиниран поглед.

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.