Автобуси на смртта демнат зад секој агол

14.02.2019 14:57
Автобуси на смртта демнат зад секој агол

Во какви возила се одвива јавниот превоз на граѓаните? Прашањето се актуелизира по вчерашната страотна автобуска несреќа која заврши со трагичен биланс од 14 изгубени животи. Според извори во истрагата, возачот на автобусот во сопственост на компанијата „Дурмо турс“ изјавил дека не се сеќава како се случила несреќата. Одговорите треба да ги даде истрагата по увидот направен на местото на несреќата, и по вештачењето на автобусот. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, синоќа изјави дека компанијата „Дурмо турс“ ја имала потребната лиценца за работа и дека нивните возила редовно ги поминувале техничките прегледи. Дали е тоа доволна гаранција?

Говорот на податоците

Ако се разгледаат податоците од контролите што ги спровеле Одделенијата за безбедност на патниот сообраќај на Секторите за внатрешни работи, се добива загрижувачка слика за состојбата на возилата кои вршат јавен превоз. Таква е сликата и за Полошкиот регион, во кој вчера се случи несреќата.

Во акцијата спроведена на 30-ти август 2018 година во тетовско-гостиварско подрачје за контрола на техничката исправност на возилата кои вршат јавен превоз на патници (автобуси и комбиња), од 81 исконтролирано возило полициските службеници од сообраќај исклучиле 11, а кај 18 други констатирале разни видови прекршоци. Поголемиот дел се однесувале на неисправни уреди за кочење, но и други неисправни уреди на возилата.

Неколку месеци претходно - во април 2018 година, од 40 исконтролирани возила во Тетовско, кај 21 биле утврдени недостатоци: 13 имале неисправни сопирачки, 4 биле без извршен технички преглед, а 2 со истечена регистрација. Полицијата од сообраќај веднаш исклучила 15 возила. Во Гостиварско, од 21 исконтролирано возило за јавен превоз, 2 имале неисправни сопирачки, 3 имале други неисправни уреди, 4 немале извршено технички преглед, а едно било со истечена регистрација.

Најчесто - неисправни сопирачки

Состојбата не била подобра ни една година претходно. Во јуни 2017 година, акциската контрола во Гостиварско покажала дека кај секое трето возило кое се користи за јавен превоз била утврдена одредена неисправност на вонредниот технички преглед. Со контролата биле опфатени 31 возило, а од 18-те кои биле испратени на техички преглед, кај 6 била утврдена неисправност на сопирачките, а едно било целосно технички неисправно. Дел од возачите управувале со истечена возачка дозвола и истечна регистрација. Состојбата не се подобрила ни четири месеци подоцна. Во контролата спроведена во септември 2017 година, полицијата исклучила од сообраќај 10 од 19 контролирани автобуси во Тетовско: 4 имале неисправни сопирачки, а на 6 им била истечена регистрацијата. Покрај ова биле констатирани уште 18 други видови прекршоци. Во Гостиварско, од 21 контролирано возило, 15 биле испратени на вонреден технички преглед: кај 3 била утвредена неисправност на сопирачките, кај 2 истечена регистрација, а три не се јавиле на прегледот. Полицијата од сообраќај исклучила 5 возила.

Слично и во Скопје

Резултатите од ваквите контроли покажуваат дека состојбата е идентична и во други општини. Акциска контрола на МВР спроведена лани во август на подрачјето на Скопје, исто така констатирала бројни неправилности: неисправни уреди за кочење, неисправни светлосно сигнални уреди, неисправни уреди за управување, непродолжена регистрација и недостатоци на опрема.

Од 110 исконтролирани возила за јавен превоз, 25 биле упатени на дополнителен технички преглед, 12 возила веднаш биле исклучени од сообраќај, преземени биле 33 мерки за сторени прекршоци, издадени 15 прекршочни платни налози и поднесени 6 барања за поведување на прекршочна постапка.

Извор: https://www.dw.com

ОкоБоли главаВицФото