Јавноста навистина може да поседува сѐ

15.02.2019 02:03
Јавноста навистина може да поседува сѐ

Пол Кругман

Пол Кругман во коментар за Њујорк Тајмс заговара мешана економија. Статијата е замислена како ограничена одбрана на јавната сопственост и производството наспроти оние кои категорично се противат на идејата за јавни претпријатија.

Сметам дека аргументот на Кругман е премногу ограничен. Благодарение на чудата на нашиот финансиски систем, јавната сопственост без проблем би можела да се прошири на поголем дел од економијата.

Еве што пишува Кругман:

Сепак, во последно време се прашувам во која мера социјализмот навистина е дискредитиран? Секако, никој не смета дека на денешниот свет му е потребна реинкарнација на Госплан (агенција одговорна за централно економско планирање во Советскиот сојуз). Но, дали навистина сме сигурни дека пазарите се најдобар модел за сите? Дали приватниот сектор треба да влезе во секоја пора? Мислам дека не. И покрај тоа, постојат одредени области, како образованието, каде јавниот сектор во голем број случаи очигледно е подобра опција, и здравствената заштита, каде речиси ништо не му оди во прилог на приватниот сектор. Соберете ги овие сектори и ќе видите дека се работи за голем дел од економијата.

Кругман продолжува со тврдењето дека образованието, здравствената заштита и секторите на социјалата, во кои вкупно се вработени околу една третина од американските работници, се подобри во рацете на владата. Исто така, лесно ја нафрла идејата дека и на одредени природни монополи, како комуналните услуги, им е подобро во јавна сопственост.

Меѓутоа, кога станува збор за овие прашања, тоа е границата на имагинацијата на Кругман. Заклучува дека „другите области, како трговијата и производството, во поголем број случаи не се чинат соодветни за јавната сопственост.“

Кога Кругман вели дека секторите на трговијата и производството не се соодветни за јавната сопственост, мислам дека страда од недостаток на имагинација за можностите за структурирање на јавната сопственост во наведените сектори.

Мат Бруинг

Јавната сопственост главно доаѓа во три облици:

1. Општи државни услуги како образованието и здравствената и социјалната заштита.

2. Претпријатија во државна сопственост како комуналните услуги, сообраќајните системи и поштата.

3. Фондовите за социјална благосостојба како Alaska Permanent Fund кои во суштина можат да поседуваат што било.

Кругман во својот коментар исклучиво ги анализира општите државни услуги и претпријатијата во државна сопственост, а со оглед на тоа дека тврди дека трговијата и производството не се поволни за да бидат едно од наведеното, заклучува дека не би требало да функционираат во јавниот аранжман. Но трговијата, производството и, во суштина, сѐ што не се вклопува во моделот на општите државни услуги или претпријатијата во државна сопственост, посоодветно е да се организира како фонд за социјална благосостојба.

Државата може мошне компетентно да стане сопственик на трговските и производствените претпријатија со едноставно купување на нивните акции, вршејќи функција на институционален инвеститор. На пример, фондот за социјална благосостојба, кого би го основала федералната влада, би можел постапно да ги купува акциите на Амазон и Волмарт за да влезе во трговскиот сектор, и акциите на ЈуЕс Стил и Џенерал Моторс за да влезе во производствениот сектор. Во последниов пример веќе не се работи дури ни за хипотетска ситуација зашто владата неодамна, за време на финансиската криза, навистина ги откупи речиси сите акции од ЏиЕм, иако дополнително го продаде својот удел.

Генијалноста на модерните финансии се состои во создавањето модел на корпоративна сопственост кој речиси секому, вклучувајќи ја и владата, му овозможува да поседува акции од која било компанија, во кој било сектор и притоа да биде онолку ангажиран (или неангажиран) околу управувањето со компанијата колку што сака. Федералниот фонд за социјална благосостојба, како оној што го заговарам, би требало да може да ја искористи предноста на модерните акционерски институции за да ја прошири јавната сопственост на секој аспект од економијата на САД.

Извор: https://www.jacobinmag.com