Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (11)

15.02.2019 12:23
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (11)

Константин Дораковски, Златниот часовник што го запре времето (Кондор)

Почна новата школска година и во школото се појавија неколку деца од разурнатиот град кои ги прифатиле нивните роднини, баби, дедовци, тетки, додека родителите останале да се справуваат со тешкотиите што ги донесе силниот земјотрес. Неколкумина од новодојдените ученици беа мои врсници во завршните одделенија. Во нашиот клас ги донесоа високиот Едко, како што го завикавме и песмајлијата Јон, едниот нѐ запозна со новите песни од британските рок групи од бит генерацијата, а другиот со бранот на мексиканските песни што сеуште беа популарни, пред тие да се изгубат во напливот на западната музика.

Како да се чувствуваше некоја промена и кај мене, ете сега сум осмооделенец, треба да сум посериозен, повнимателен во однесувањето, а дружењето се префрли во слушање музика кај другарите, за подоцна, во првите години од гимназијата, корзото да стане главна преокупација и забава на нас средношколците.

Кај Едко слушавме музика од плочи на мал грамофон при што со интерес за првпат ги разгледував омотите со долгокосите ликови на популарните рок групи чија музика постепено продираше и во нашите простори, за по извесно време да надвладее, а во текот на гимназиските години да се појават и наши рок групи кои нешто како пееја на англиски со ја, ја, што го заглушуваа со прегласната бучава на гитарите и тапаните, за потоа да надојде и бранот на одржување на гитаријади на локалните групи.

Одмина таа полуматурска година, заврши осмолетката со забава во една од училниците на спрат каде пуштавме музика од грамофон, мало куферче кое имаше рамно тркало, рачка со иглата, две копчиња и горен капак во кој беше сместен малиот звучник од кој едвај да излегуваше некој звук. Се забавувавме главно со музиката од скромната домашна продукција а твистот беше главната игра на вечерта.

Јас бев малку нерасположен зашто се бев скарал со мајка ми, која ми купи нова бела кошула за таа прилика и пантолони со така широки ногавици кои како да висеа на мене како торби, со некоја сивозелена темна полувојничка нијанса на боја која не се ни спојуваше со кошулата. Таков не се ни осмелував да се впуштам во кругот на тие што се тресеа по музиката, да не паднам во очи со такво растрбушено издание, како што си мислев дека изгледам. Некако се притајував настрана да не ме забележат во тие пантолони што ми се чинеа широки како шалвари и ми ја смалуваа мојата самодоверба.

Тогаш не можеше ни да се помисли да се тера некоја мода, особено не за нас машките, зошто скромноста и едноставноста беше одлика за најповеќето ученици, па и за таа свечена прилика најголем број деца беа едноставно облечени без некои модни нагласки. Но, јас не можев да ги смислам таквите мои „шалвари“ кои никогаш потоа не ги облеков.

Ја прославивме полуматурата и беше забавно како што приличи на таквите настани, но тоа беше и разделба со скопската екипа, со другарите, „потресените од земјотреот“, како што ги викавме Едко и Јон, кои по таа забава се вратија во својот град.

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.

 

Слика: Lawrie Williamson