Два метра висока ограда ќе добие депонијата со токсичен линдан

15.02.2019 14:23
Два метра висока ограда ќе добие депонијата со токсичен линдан

Тендерот за оградување на депонијата со линдан во излетничкото место Пеленица во Драчево ќе биде објавен деновиве, а оградувањето ќе се направи во најбрз можен рок, најавуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Ана Петровска, државната секретарка во Министерството, вели дека спецификациите за оградата се готови и дека е прашање на денови кога ќе се објави тендерот.

„Оградата ќе биде од жица, два метри висока и долга 350 метри за да го опфати целиот простор на кој се претпоставува дека има складиран линдан“, вели Петровска.

Иако првично беше најавено дека депонијата ќе биде оградена до крајот на минатата година, а потоа беше пролонгирано до крајот на јануари, Петровска уверува дека тоа ќе се направи набрзо. Тендерот ќе биде првна јавна набавка на министерството за оваа година.

„Веќе и времето се подобрува, претходно имавме проблеми со снегот, не можевме точно да ја одредиме локацијата. Прашање е на денови, ова за министерството е многу висок приоритет“, додава Петровска.

„Мета“ во декември минатата година објави дека во месноста Пеленица, постои илегална депонија на која се наоѓаат неколку илјади тони токсичен отпад линдан кој потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката.

На ова место основните училишта редовно одржуваа детски екскурзии кои Министерството за образование и наука по пишувањето на „Мета“ забрани да се одржуваат.

Линданот е органско соединение кое од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Долготрајната изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Извор: Мета

 

ОкоБоли главаВицФото