Сузан Џеферс: Живот посветен на приказните од детството

16.02.19 00:54

Сузан Џеферс (Susan Jeffers) е една од најпочитуваните илустраторки на книги за деца во САД. По дипломирањето на Институтот Прат, во 1964 година, се вработила во издавачка куќа, но само три години подоцна почнала да работи како слободен уметник. Во 1970 година ја објавува својата прва книга за деца. Добитничка е на престижната „ABBY Award“, признание за најдобра илустрација во САД. Нејзините дела биле изложени и во Метрополитен музејот во Њујорк. Авторка е на илустрации во педесетина книги, а нејзината книга „Brother Eagle, Sister Sky“ била на листата бестселери на „Њујорк тајмс“.

„Сега сфаќам дека секогаш ги правам истите работи. Кога бев мала, моите најдобри моменти беа кога цртав разни слики, потоа читањето приказни со моите родители, играњето со пријателите и седењето покрај реката Рамапо сонувајќи за коњи. Ништо од ова не е променето. Како илустратор на книги за деца постојано ги комбинирам сите овие работи.

Литературата секогаш беше голема поддршка во мојот живот. Приказната за коњот „Црната убавина“ ми правеше друштво додека растев. Сакав да бидам нежна и цврста како што беше тој. Бев инспирирана од храброста на коњот и сакав да ја освојам главната државна награда со мојот сакан коњ, исто како девојчето во книгата. Се сеќавам дека додека седев во црквата, си замислував како ќе ја илустрирам книгата за Снежната кралица, од Ханс Христијан Андерсен што ми ја читаа родителите. Си ја прераскажував приказната во себе секогаш кога ми беше здодевно.
Посакував да бидам храбра како Герта, но потоа мојата постара сестра, Џуди, требаше да ме спасува од Снежната кралицата. Ги сакав овие приказни, тие секогаш ме поттикнуваа да бидам најдобрата што можам да бидам.

Првиот дел од мојата работа е да пронајдам приказна која инспирира слики во мојата фантазија. Тоа е како да се сте танчерка и да чекате музиката да ви ги придвижи нозете. Сè доаѓа оттаму.

Толку многу уживам да истражувам книги како Хијавата, што потоа имам проблеми да се извлечам од старите фотографии и од дневниците во прво лице пишувани од заробениците од Индијанците, кои значат уште повеќе приказни.

Во најголем дел работам со пенкало и мастило и гваш, непроѕирен акварел. Изработувам илјадници мали линии за да ги доловам формите. Ова изгледа тешко, но всушност е најлесниот дел, кој ме релаксира. Најтешкиот дел за мене е да ја раскажам приказната со вистинскиот однос и композиција на ликовите - за да се пренесе вистнската емоција на приказната. Ова бара да се направат голем број мали скици, сѐ додека цртежот не го каже тоа што сакате да го каже. Понекогаш тоа не се случува.

Омилени работи деновиве ми се дресирањето на еден прекрасен коњ по име Ханс и сликањето пејзажи и портрети“, вели Џеферс.

Слики: Thumbelina: Amy Ehrlich, Susan Jeffers