Уште Посеверна Македонија

16.02.2019 03:05
Уште Посеверна Македонија

Има еден долговечен демагошки реторички трик на кој нѐ фаќаат нас антипротивниците: „Лесно е само да се критикува, предложете конкретни решенија ако сте толку умни!“. Се сеќавам на таа празна, а сепак неуништлива реченица уште од митските времиња кога Исус и Тито чекореа по земјата. Па, кога веќе е така, еве ме мене со конкретен предлог за спас од нашите сегашни неволји. Имено, предлагам Македонија да ја анектира Србија и Зоран Заев да стане и наш премиер (а претседателот, овој нашиот, може да го испрати да му прави друштво на Груевски). Додуша, бидејќи Македонија во иднина ќе се вика Северна Македонија, можеби Србија во иднина би можела да се вика и Уште Посеверна Македонија?

Добро, бидејќи малку се пошегувавме, ха ха, сега можеме да зборуваме за истото, но сериозно. Македонскиот премиер даде долго интервју за Н1: прво некаде случајно го забележав и изгледав еден дел, а потоа го побарав и, не без фасцинираност и завист, го изгледав целото интервју. Е, оттаму доаѓаат овие мои ненадејни големомакедонски претензии на територијата на Србија (сепак, роден сум во Скопје): еден ваков каков што е Заев на чело на оваа земја наклонета кон хистерија би имал благотворен терапевтски учинок од широк спектар.

Што ме воодушеви толку кај Заев? Која мисла од големите луѓе ја кажа? Која топла вода ми ја откри? Ништо од тоа: ни топла вода, ни монументални мисли. Само нормален човечки ум и основна и политичка чесност, човечка и граѓанска чест, извонредно прецизно снаоѓање во времето, просторот и контекстот, чувство за сразмер на личните и можностите на неговата земја, прекрасен преглед на ситуацијата, лишеност од штетни илузии и илузии без врска, непостоење или невидливост на суета, пристојност во однесувањето не како малограѓански микофо, туку како активно признавање на интелигенцијата на соговорникот и гледачот - би можел да набројувам уште долго.

Заев дојде на власт победувајќи во борбата речиси буквално гради в гради со корумпираниот, популистички и националистички режим на ВМРО, кој Македонија ја држеше како заложник одвнатре, повеќе или помалку исто како и сите соседи, особено оние јужните, ја држеа како заложник однадвор. Она што го понуди, а може да се каже и дека истото го испорачува, е решавање на проблемите (кои ги направија други): како внатрешните, така и оние со соседите, што во македонскиот случај е мошне тесно поврзано (иако ни со Србија не е значително поинаку). Знаеме што следуваше, од решавање на бескрајниот, погубен, по природа депресивно идиотски спор со Грција, релаксација на односите со Албанците итн. Кога зборуваше за ова и за што било друго, а новинарот (сараевски) од Н1 не го поштеди ама баш од ништо што воопшто можеше да му падне на ум да го праша, Заев зборуваше нормално, прибрано, мирно, аналитички, без заобиколување, не бегајќи од ниедна тема, без празни зборови, јасно означувајќи каде не може (заради разумни дипломатски обѕири) сосема да го открие својот став, а во сѐ останато секогаш мошне директен, иако никогаш прост. Ако на ова телевизиско интервју му беше потребно некакво мото, тогаш јас убедливо би го кандидирал следното: no bullshit. Зашто, тоа е сѐ што демонстрираше Заев во овој разговор, и тоа делуваше како миење со бистра и свежа изворска вода откако некој претходно со часови ве потопувал во помии. И затоа, кога нареден пат некој што се прави паметен ќе ве малтретира или налутено ќе ве праша што впрочем сакате протестирајќи или бунтувајќи се против власта, но и приговарајќи за ова или она на опозицијата, слободно кажете му: па не барам ништо посебно, само некој како Зоран Заев...

Како и Македонија до вчера, и Србија е како болен човек на Балканот, сега секако најголем - не според габаритот, туку по тоа дека е најсериозно болна. Нејзината болест, потенцијално кобна, е ништожноста на нејзините (пред сѐ, но не исклучиво) политички елити: нивниот кукавичлук, себичноста, недостатокот на интелектуалност , кратковидоста, неповратно длабоката компромитираност, аморалноста и подготвеноста да се жртвува сѐ и сите заради малку лична добивка, власт и маст. Нѐ јавнаа најлошите меѓу нас, уште поизразено најлоши од оние од деведесеттите, кога сепак доминираа медиокритетските апаратчиња, додека сега владејат епска небулозност, некомпетентност, паланечка надуеност и мултидисциплинарен битангизам. Земете го само Вучиќ, погледнете како се однесува човекот, како (и каде и кога и за што и...) зборува, каква слика емитува за себеси и земјата што ја оседла; што пак да се каже за неговите гаулајтери, сите по ред инфериорни на неговата депримирачка бескорисност? А, потоа погледнете ги овие што ни се наметнуваат како асови и предводници на опозицискиот отпор - од несреќниот Јеремиќ Вук до Обрадовиќ Бошко! Преку Ѓилас, Стафановиќ и Мала Крсна! Дали од човекот кој на Србија ѝ го запре крвотокот може да се слушне нешто употребливо, камо ли пристојно и во сериозна смисла на зборот точно? Дури и кога ќе му се испушти - без жар и вистинско разбирање - да изговара „правилен“ текст, А. В. тоа го прави сеејќи околу себе толку морбидни, промашени и длабоко погрешни конотации што ќе посакаш повторно да почне да тресе глупости како кога беше потрчко на Шешељ - барем ќе звучи соодветно со сигналите кои постојано си ги испраќа себеси. А дури овие што мислат дека треба да го избркаат така што ветуваат дека за почеток би го поништиле секој негов евентуален (додуша, малку веројатен) „заевски“ пробив од лошата бесконечност на меѓубалканските глупости?

И тогаш во сето тоа ќе влета Зоран Заев, ќе каже и ќе покаже дека не мора така: може и вистински и паметно, трезвено а повторно срдечно, нималку наивно но доследно добронамерно и без маска, па нека биде што ќе биде. И еве го, не му недостасува ништо, не му падна небото на глава, и сѐ уште е претседател на владата. Навистина, да размислиме уште еднаш за анексијата?

Слики: Свирачиња

Извор: Vreme