Кога стварно ќе заглавиш на журка

16.02.2019 19:04
Кога стварно ќе заглавиш на журка

Горе-долу, секоја добра идеја во фикцијата со текот на времето прераснува во цел еден фикциски поджанр. Како, на пример, концептот за временскиот јазол, или исечок од животот што нашиот/нашата херој/хероина мора отпочеток и отпочеток да го преживува и кој најчесто завршува со негова или нејзина смрт... По што се враќа на почетокот на јазолот, во кој останува заглавен/а додека не се исправи оваа или онаа крива Дрина.

Не е точно познато кој прв го смислил концептот. Википедија како еден од најраните познати примери го наведува Doubled and Redoubled, расказ од Мајкл Џејмисон од 1941 во кој главниот лик го снаоѓа проклетство постојано да преживува еден ист ден. Ако посегнеме подлабоко во историјата, можеме за пример да ја земеме и будистичката верзија на пеколот наречена Нарака, каде што душите на мртвите постојано низ еони ги преживуваат своите гревови, сѐ додека не го отплатат кармичкиот долг. Некои би рекле и дека сѐ тргнало од грчката митологија, од Прометеј, кому секоја ноќ му растел нов црн дроб само за секое следно утро орел да му го исклука, и од Сизиф, заглавен во јазолот на залудното туркање камен.

Недоброј телевизиски серии имаат епизоди во кои главните ликови заглавуваат во временски јазол: The X-Files, Doctor Who, Supernatural, Stargate SG-1... Барем три различни телевизиски инкарнации на Ѕвездените патеки имаат таква епизода. А тука се и бројните филмови базирани на тој концепт: од рецентните примери би го истакнал многу забавниот акциски СФ: Edge of Tomorrow, дури и ако не можете да го смислите Том Круз (или, всушност, би им го препорачал баш на оние што не можат да го смислат – зашто тоа ви е единствена прилика да го гледате Том Круз како повторно и повторно насилно страда!).

Но, се знае, сепак, кој е тата-мата филм за временските јазли, буквално синоним за жанрот... А тоа е, секако, Groundhog Day: прва референција по која посегнува секој кога ќе се сретне со оваа или со онаа итерација на концептот, златниот стандард со кој се споредува секоја нова филмска или телевизиска сторија за временскиот јазол. А Russian Doll со таа споредба се носи и повеќе од добро.

Како засведочен спојлерфооб, малку ми е bad што воопшто напишав дека тука станува збор за временски јазол, зашто би сакал секој да може да ја гледа серијата онака како што ја гледав јас, само врз основа на препорака и без никакво предзнаење, мене ми е така секогаш најубаво! Макар што, пак, дури и ако не сте ја гледале, повеќето од вас и онака веќе сигурно знаат за што приближно се работи тука, зашто Russian Doll првиот голем телевизиски брејкаут-хит во 2019 година. Серијата за која сите зборуваат, за која и две недели по излегувањето на првата сезона на Netflix (а две недели за поимите на денешниот интернет се цела вечност!) и натаму безмилосно пишуваат големи есеи и разменуваат фановски теории (како, да речеме, тие дека серијата е всушност за гентрификацијата на Њујорк).

Restart point на временскиот јазол во Russian Doll е журката што за главната хероина, њујоршката програмерка Надија Вулвоков, ја организира нејзина другарка за нејзиниот роденден. Надија следниот ден загинува, за потоа да се врати таму каде што ќе се враќа и секој следен пат кога ќе загине – на почетокот на јазолот, пред огледалото во бањата од станот во кој се случува журката. Тој restart point е, баш како во Groundhog Day, проследен со песна: како што Бил Мареј секогаш се будеше со I Got You Babe на алармот, така и Надија повторливо се „буди“ со Gotta Get Up од Хари Нилсон.

И тука, би рекол, прилегаат некои битни паралели со филмот Groundhog Day – кој сепак генерално се држи до конвенцијата на романтичните комедии, додека Russian Doll со романтичните комедии го дели главно само зборот „комедија“ во жанровскиот опис (comedy-drama, во случајот Russian Doll) и покрај тоа што вас всушност и нема нешто посебно да ве насмее. Groundhog Day плус не отстапува од ведриот тон на романтична комедија, но Russian Doll знае да заскита и во вистински creepy хорор. Временскиот јазол во Groundhog Day е разрешен со ромкомскиот guy gets a girl крај, додека, пак, Надија од својот временски јазол се извлекува благодарејќи на... хммм, како да го кажам тоа без спојлирање... на личниот развој?

На почетокот на серијата Надија делува како архетип што до неодамна беше екслузивен домен на машките ликови – симпатичен ебиветер. И незанемарливо поместување е што сега можеме да имаме и главни женски ликови чиј живот се сведува на бесцелно менување на хедонизмот и анхедонијата, но склоноста на Надија кон опијати е пред сѐ последица од траумите од нејзиното минато, за кои откриваме повеќе во подоцнежните епизоди.

Неа ја глуми Наташа Лион – наедно и една од авторките на серијата – која не крие дека концептот на временски јазол ја привлекол зашто така некако го доживувала периодот од својот живот во кој интензивно се дрогирала. Или, како што ќе рече во едно интервју: „Серијата е индиректен осврт на тоа искуство, на таа мрачна ноќ кога се чувствуваш како да умираш повторно и повторно и како да нема излез, и присилена си да си се спротивставиш сама на себе и да стапиш во контакт со други луѓе, да му свртиш грб на тој еден изолиран, себичен, кавгаџиски начин на живот во корист на поврзувањето со другите, против своја волја, ако сакаш да преживееш.“

Но, добро, сега мојот паничен страв од спојлирање доведе до тоа да излезе дека е ова серија за некаков наркомански пекол или што ли – а не е воопшто! Затоа што Russian Doll е и СФ мистерија што ве тера да голтате епизода по епизода и емотивна приказна за соочувањето со личните трауми и љубовно писмо за Њујорк и уште многу, многу друго. Да се гледа задолжително.

И... ете. Што да ви кажам? Само се надевам дека нема сега и јас да завршам во некој временски јазол во кој ќе мора повторно и повторно да го пишувам овој текст сѐ додека не успеам да смислам доволно задоволителен заклуч-

* * *

Горе-долу, секоја добра идеја во фикцијата со текот на времето прераснува во цел еден фикциски поджанр. Како, на пример, концептот за временскиот јазол, или исечок од животот што нашиот/нашата херој/хероина мора отпочеток и отпочеток да го преживува и кој најчесто завршува со негова или нејзина смрт... По што се враќа на почетокот на јазолот, во кој останува заглавен/а додека не се исправи оваа или онаа крива Дрина.

Не е точно познато кој прв го смислил концептот. Википедија како еден од најраните познати примери го наведува Doubled and Redoubled, расказ од Мајкл Џејмисон од 1941 во кој главниот лик го снаоѓа проклетство постојано да...(ОКЕЈ, ОКЕЈ, ГО СКОПЧАВМЕ „ВИЦОТ“)

 

Извор: kulturpunkt.hr
Превод: Ѓ.З.

ОкоБоли главаВицФото