Социјалната правда е клуч за еколошка транзиција

18.02.2019 02:17
Социјалната правда е клуч за еколошка транзиција

Сѐ уште имаме време да избегнеме климатски хаос, а многумина секојдневно се борат против антрополошкото пропаѓање - уништување на човечките битија „претворени во ѕверови на производството и потрошувачката, во затапени ТВ манијаци“. Во свет со ограничени ресурси, апсурдноста на бескрајната акумулација во интерес на малцинството станува уште појасна кога не знаеме дали ќе го истуркаме крајот на месецот. Тоа што сега горат улиците во главниот град во кој во декември 2015 година беше потпишан првиот светски договор за глобалното затоплување, го открива размерот на социјалната опасност на светско ниво - како и акробациите на француската влада, во медиумите претставена како првак во борбата која ја загрозуваат нејзините клучни политички мерки.

Кога народот почна да се бунтува, тимот на претседателот Емануел Макрон одлучи да го нападне, почнувајќи од најранливите. Иако од педесеттите години се води јавна политика чиј приоритет е патниот сообраќај, а маркетингот и авто-индустријата го воздигнаа автомобилот на позиција неизбежен атрибут на модерниот човек, сега се очекува сметката да ја платат само возачите на автомобили. Најавениот данок на горивото (од кој се откажаа под притисокот на улиците) во иста мера беше применет на сите, додека, од една страна, ограничувањето на трошоците (за домување, превоз, различни потреби) сѐ повеќе ја загрозува куповната моќ на најсиромашните, а од друга, најбогатите се опсипани со привилегии. Врвот на измамата се согледува во фактот дека воведувањето „еколошки даноци“ требаше да надомести дел од средствата вложени во субвенционирањето нови работни места, а не да ја финансира неопходната енергетска транзиција. Екологијата ја замени Европа како изговор за буџетските одлуки.

Итноста од потребата за пресврт во односот кон човечката животна средина веќе не се доведува во прашање. Групата меѓувладини експерти за климатски промени (ГИЕК) во својот последен извештај потсети дека човечките активности од почетокот на индустриската ера веќе предизвикале загревање на површината на Земјата од околу еден степен целзиусов. Доколку се продолжи со истото темпо, помеѓу 2030 и 2052 година, ќе се надмине границата од 1,5 степени, по што ќе биде многу тешко да се контролираат последиците. Степенот на испуштање гасови кои придонесуваат за глобалното затоплување расте, иако итно треба да се позанимаваме со неговото намалување, почнувајќи од јасно утврдување одговорност.

САД се одговорни за 26,3 проценти од вкупната светска емисија на гасови од стаклената градина од средината на 19 век; Европа за 23,4 проценти; Кина 11,8 проценти; Русија 7,4 проценти. Во 2014 година, Катар исфрлаше 34 500 килограми јаглерод диоксид во атмосферата по глава на жотел; Луксембург 17 600; САД 16 400; Таџикистан 625; Чад само 53. Секој Американец, Луксембуржанец или Саудиец кои припаѓаат на најбогатите 1 процент жители во своите држави имаат карбонски отпечаток од 200 тони годишно, што е 2 000 пати повеќе од сиромашните од Хондурас или Руанда. Најбогатите 10 проценти се одговорни за 45 проценти од емисиите.

Зошто нема меѓународни санкции за државите кои се повлекуваат од Парискиот договор?

Кога ни е познат карбонскиот отпечаток на овие виновници, како и начинот на производство кој им овозможил неказнето да се богатат, полесно можеме да замислиме како треба да изгледаат посакуваната транзиција и екологијата насочена кон народот во мера во која трошоците за енергенсите и превозот ги загрозуваат домашните буџети на сиромашните. Исто така, треба да се отфрли идеолошката рамка која ги спречува граѓаните и граѓанките да ја земат својата судбина во сопствени раце, правнички преведен во договори за слободна трговија, како оние според кои се води Европската унија.

Постојат два механизми кои можат да се користат во борбата против климатските закани за судбината на човештвото. Пред сѐ, огромното намалување на нееднаквоста и нејзините причини, што е единствен начин да се создадат заедничка волја и колективен елан кои се неопходни за да се ослободиме од фосилните горива и начинот на потрошувачка обликуван од фрустрациите. Потоа, демондијализацијата, во смисла на регулирање на трговијата врз основа на социјални и еколошки критериуми, која би барала производството на добра и услуги да се усогласи со обновувањето на екосистемот.

Бразил под Жаир Болсонаро, или која друга држава што сака да се повлече од Парискиот договор, двапати би размислила кога таквиот потег со себе би носел ризик од економски санкции, како оние кои без колебање се воведуваат од причини кои се помалку важни од климатските закани. Франција најверојатно би извезувала далеку помалку дрвена граѓа во Кина, а би увезувала мебел, кога работничките плати и еколошките прописи во двете држави би биле на слично ниво - особено кога токсичниот мазут за бродови би бил оданочуван во иста мера како и горивата на бензинските пумпи. Дали сѐ уште можеме да ја сметаме за нормална компаративната предност која им се дава на авионите - превозно средство (за богати) кое загадува најмногу - со исклучување од системот на ДДВ и непостоење даноци за керозин? Исто така, во однос на храната, дали мора да продолжиме да го поттикнуваме извозот на сѐ повеќе преработувани производи чија нездравост е добро позната (шеќер, сол, адитиви, конзерванси итн.), наместо повторно да воспоставиме кратки производни ланци со основни производи засновани на органското земјоделство? Ова не е прашање на потрошувачки избор: заради недостаток од адекватни јавни политики и сериозна регулација повеќето луѓе се осудени на „џанк фуд “, додека органските намирници се резервирани за привилегираното малцинство.

Разумност, енергетска ефикасност, развој на обновливите извори на енергија: проектите кои би овозможиле ослободување од фосилните горива се бројни. Недостасуваат инвестиции. Мерките на фискалната политика на европските влади (сеопшто намалување на даночните стапки на профитот), како и огромните кредити кои Европската централна банка им ги одобрува на приватните банки (2 600 милијарди евра во вредност на обврзници откупени за помалку од четири години), покажуваат дека приватните фирми не можат да одговорат на овој предизвик, зашто порадо исплатуваат невидено големи дивиденди на акционерите (во Франција пораснаа за 23,6 проценти во 2017 година). Истовремено, лудачката кошула на европските договори ги гуши јавните инвестиции и ја ограничува куповната моќ со намалување на „трошоците за работа“. Финансирањето на транзицијата удри во ќорсокак.

Постојано угодување на најбогатите кои почесто се грабливци отколку инвеститори

Најјасниот пример за расцепот помеѓу истакнатите намери и реалноста на јавните политики може да се согледа преку прашањето за домувањето. Од еколошката Гренел (име на меѓупартиската дискусија за важните прашања од јавната политика во Франција) во 2007 година, постои консензус за признавање на важноста на енергетската обнова. Денес постои можност за изградба и реновирање згради така што ќе се намали нивната потрошувачка. Националниот план е започнат во март 2013 година, меѓутоа тој сѐ уште стои во место и е преточен само во неколку членови од законот за развој на домувањето, планирањето и дигитализацијата (познат како Елан закон) усвоен на 23 ноевмри. Повеќе од седум милиони лица живеат во „топлински решета“ и страдаат од енергетска сиромаштија. Реновациите би ја зголемиле удобноста во зима и лето и, во крајна линија, би ги намалиле факторите како јаглеродниот отпечаток и би овозможиле создавање стотици илјади работни места. Сепак, потребни се големи инвестиции, исплатливи само на долг рок, како и мошне комплексно техничко знаење, што значи дека домаќинствата не можат да преземат иницијатива. Единствено јавните или парајавните инвеститори (станбениот фонд, Caisse des depots - јавна финансиска институција на француската влада) би можеле да го надминат недостатокот од приватна иницијатива за да се обноват зградите и становите.

Исто така, даночниот кредит за компетитивност на вработувањето (credit d'import pour la competitivite et l'emploi - CICE) беше главна мерка на економската политика воспоставена за време на мандатот на Франсоа Оланд. Неговиот наследник тоа го претвори во средство за намалување на социјалните издатоци без никакви обврски од страна на работодавачите: тие не мораат да го инвестираат зголемениот профит во реалната економија или еколошката транзиција, ниту да го искористат за да ја намалат сопствената потрошувачка на енергија или суровини...

Од укинувањето на споредните патнички линии на возовите или гаснењето на прекршочните судови, преку „авто-Макрон“ (либерализација на авто-превозот од 2015 година кога Макрон беше на позиција министер за економија и финансии), до намалувањето на патарините за двојно да се зголеми увозот на палмино масло за фабриката Тотал во Ла Меди, бројни се примерите за повлекување на еколошкиот фронт и укинувањата на локалното самоуправување со преместување на јавните служби. Иако се соочува со бунтот на „жолтите елеци“ и разочарувањето на гласачите со различно политичко определување, Макрон не се откажува од она што му е најважно: да им угодува на најбогатите кои се сметаат за инвеститори, а впрочем се грабливци. Иако климатскиот аларм наложува обнова на моќта на државата да интервенира, тој бара и државата да се ослободи од влијанието на лоби групите, отворајќи им можност на граѓаните и граѓанките за колективна акција на ниво прилагодено на конкретни одлуки. Бројот на избори за кои мора да се дискутира и меѓуповрзаноста на прашањата кои мора да се постават бараат многу поодважни институционални средства од најавената „национална дебата“. Потребата за вклучување на целокупното население и изработката на програми за развој би ја оживеале идејата за демократско планирање, кое би можело „најпосле да ги помири и обедини слободата, ефикасноста и социјалната правда“.

Парискиот договор изработи скромна скица за мултилатерално планирање. На декемврискиот состанок ЦОП24 (конференција на Обединетите нации за климатски прашања) во Катовице (Полска) беше усвоен прирачник за управување со неговата примена. Прирачникот овозможува прецизно утврдување на мерата во која земјите се придржуваат до своите доброволно прифатени обврски во врска со емисијата на гасови од стаклената градина. Сепак, бројките не ѝ се дораснати на задачата. Без итни промени, глобалното затоплување ќе изнесува повеќе од 3 степени целзиусови до крајот на векот. Тоа е неодржливо сценарио, особено за земјите од глобалниот југ кои воедно се и најранливи, зашто ја немале предноста да се развиваат во периодот кога биле доминантни фосилните горива. Зелениот фонд за клима би можел да ја надомести оваа историска нееднаквост, пружајќи им поддршка во прилагодувањето и грижејќи се да не ги повторуваат грешките на индустријализираните земји. Тој сѐ уште е далеку од својата скромна цел од 100 милијарди долари годишно. Еколошката правда, засега непостоечка и во Франција, останува неизвесност на светско ниво, иако жолтите елеци се во мода и во некои други земји.

Илустрации: Kasra Design 

Извор: Le Monde Diplomatique

ОкоБоли главаВицФото