Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (13)

18.02.2019 13:09
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (13)

Гојко Ефтоски, Суденик (самостојно издание)

Старешината што ја најавуваше програмата побара од своите колеги да издадат команда „мирно“, како подготовка за настапот на знаменосната единица, која веќе се појавуваше од десната страна на бината и која чекореше по звуците и ритамот на воената музика која одекнуваше низ целата касарна. Откако знаменосците се доближија до другите колони војници, се слушна команда: „за пречек на државното знаме, поздрав на лево“. Оваа команда се однесуваше на војниците што беа построени на платото, зашто знаменосците настапуваа од нивната лева страна. Знаменосците, кои во прв ред во средината го имаа знамето на Република Македонија, со цврст строев војнички чекор поминаа и покрај војниците и покрај свечената бина. Старешините упатија војнички поздрав со застанување во став „мирно“ и со дигната десна рака покрај челото на шапката. Знаменосниот вод застана на крајот од десната страна во однос на останатите построени војници. Следуваше македонската химна. Од звучниците одекна „Денес над Македонија се раѓа...“. Построените војници без никаква команда интонирањето на химната го поздравија во став мирно.Старешините на другата страна и овој чин го поздравија како што доликува да се прави чест на химната на својата земја. Стануваа и застануваа во став „мирно“ и сите други присутни на свеченоста. Во став „мирно“ застануваа и оние што ја чинеа групата роднини и пријатели на војниците што треба да заминат во мировна мисија.

За чудо, шестмината што ја чинеа општинската делегација, останаа како заковани на своите столчиња. Пропуштија да направат чест на нешто свето што се почитува во целиот свет. Во став мирно својата химна достоинствено ја поздравија и преставниците на медиумите. Само камерманите мораа да ја вршат својата работна обврска и со камерите да го овековечат поздравот кон химната. Еден од камерманите се сврте кон останатите новинари, покажувајќи кон делот кај што беше сместена општинската делегација. За чудо, сите шестмина останаа седејќи на своите столчиња. Сите шестмина и во моментот на интонирање на македонската државна химна. Славко, човекот со највисока должност во општината како висок функционер во секторот за внатрешни работи, цело време го помина во разговор на својот мобилен телефон. Што и со кого разговараше, тој знаеше, но тоа никогаш не го кажа. И останатите преставници на општината, особено Ибро, како началник на одделението за одбрана, неговиот заменик Круме, исто така беа со високи функции во општеството. Џафер ја претставуваше исламската верска заедница, како нејзин секретар, а Хасан беше директор на комуналното претпријатие. Единствено Мурат беше стопанственик, кој знаечки им се додворуваше на надлежните и тие многу често го канеа на свечености, што тој никогаш не ги одбиваше.

На присутните потоа им се обрати старешината со највисок чин - генерал на АРМ. Ги охрабри оние што заминуваат во мисијата „Слобода за сите“, побара да бидат на висината на задачата и да се носат со сите атрибути што ги поседуваат преставници на други армии кои ќе бидат на исти задачи.

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.

Фотографија: Dariusz Zawadzki