1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Северна Македонија ја чека грубо будење кога НАТО првпат ќе побара да даде одреден процент од државниот буџет за купување оружје.
Станува збор за Македонија, но од неодамна би можело да се однесува и на Ирска... По дваесет години грчко одбивање и фантастични предлози за новото име за Македонија, со вешт парламентарен слалом се дојде до согласност од двете страни. Двајцата премиери ја вложија своја политичка кариера за запис во историјата. Извесно е дека Ципрас ризикуваше повеќе, ја изгуби коалицијата и се предаде на касапењето на националистите. За разлика од македонската националистичка опозиција, грчата опозиција ја водат богати династии кои токму Ципрас, во долгата историја на грчката политика, прв ги фрли на колена на избори, и тоа двапати. Левичарите со пуританска ориентација низ Европа, кои со високо дигнати носеви ги презираа компромисите на Ципрас, би требало да се замислат за ова: но кој да се занимава со модерната грчка историја!
Како светот толку добро ја поднесуваше државата која се викаше „поранешна“? Од перспектива на денешната офанзива на вистинско лудило во политиката, тоа можеби и не изгледа толку страшно. Ниту на една страна не се остварени „илјадагодишните“ соништа, што исто така е позитивен резултат. Но за жал, основната причина за оваа долга и мачна постапка беше Македонија да стане членка на НАТО и да го пополни сојузничкиот пакет на Балканот, главно претставен преку двојки на можни непријатели, на чело, според воената моќ, со Грција и Турција. Прославата на победата на разумот сепак е депласирана. Северна Македонија ја чека грубо будење кога НАТО првпат ќе побара да даде одреден процент од државниот буџет за купување на оружје за коминтентите на НАТО, заминување на македонските одреди на воени вежби во Латвија среде зима, а можеби и испраќање некој контингент во Венецуела...
И годинешнава прослава на денот на културата во Словенија (8 февруари, денот на смртта на Прешерн) беше проследена со возбуда заради говорот на претседателот на жирито на наградата „Франце Прешерн“, Винко Медерндорфер. Зборуваме за традиција: пред неколку години, на овој ден, со демонстрации и палење на виолончело започна долгата зимска побуна која заврши со паѓање на владата на Јанез Јанша. Потоа следеа протестни изјави на режисерот или учесниците на манифестацијата, сè додека критичкиот и обвинувачки говор на претседателот на жирито за доделување на наградата „Прешерн“ не стана институција наменета за непосредно понижување на првите редови од публиката во салата на Галус, во Цанкаревиот дом.
Како последица на тоа, по прославата политичарите во брзање се заглавуваат на излезната врата за никој да не стигне нешто да ги праша. Оваа година, Медерндорфер ги надмина сите очекувања, и сега повторно сме кај НАТО и судбината на Северна Македонија: тој го кажа ценовникот на возилата што Словенија мора да ги купи од НАТО и како тоа изгледа во споредба со основните потреби на културата. На пример, еден оклопен осмотркалец би бил доволен да се поправи зградата на Словенечкиот народен театар, која се распаѓа, со трошокот за неколку чудни возила би можело да се изгради проширувањето на Народната универзитетска библиотека на кое се чека повеќе од дваесет години, итн.
Поучна приказна за Северна Македонија...
Победата на македонскиот висок политичар во словенечкиот парламент беше обележана со одбивањето на партијата Левица да се придружи кон потврдувањето на договорот за Северна Македонија – не заради името, туку заради НАТО.
Целата расправа околу името на државата Македонија во претходниот четвртина век е совршено налудничава: единствената југословенска република која се воздржа од војна е казнета со неможноста да го употребува и да го востанови своето име: во светот на двоимени држави тоа беше целосен апсурд, зашто никој не ѝ бранеше на Грција да го задржи името на својата северна покраина Македонија.
Според тоа, точното име на југословенската Македонија, слободно можеше да биде Уште Посеверна Македонија. Во дебатата, својот академски углед го изгубија многумина класичари кои предлагаа што е можно поналудничави имиња и страшно се возбудуваа што некој мал словенски народ со социјалистичка историја се дрзнува да чепне во неприкосновеноста на грчката класика. Но, уште поголема и понепријатна срамота изведоа македонските политичари со скапото унаказување на Скопје. Ништо од тоа нема да биде поправено и заборавено со востановувањето на новото име...
И што е на крајот, односно на почетокот на меѓународно прифатената и во НАТО запишаната Македонија? Чекање за влез во ЕУ, додека уште постои? Многу постабилна држава со многу повеќе пари? Соништата никој не ги преиспитува. Сè што ми останува е љубовта кон многу нешта кои се македонски, од јазикот до пријателите, од пределите до музиката, од книжевноста до пазарите, и слободата тоа да го именувам Македонија.
Слики: Небојша Гелевски
Извор: Peščanik 18.02.2019.