Изгубени работи

19.02.2019 13:55
Изгубени работи

Некогаш губев по неколку работи неделно. Тоа имаше врска со младоста, со психопатологијата на секојдневниот живот, а потоа престана. Можеби престануваме да губиме мали работи кога ќе почнеме да ги губиме големите – родителите, земјата, пријателите. Веќе десет години не сум ја изгубил платежната картичка, а некогаш ги губев по десетина годишно. Во своите дваесетти постојано губев клучеви и го заборавав капутот во гардероба или очилата на шанк. Веројатно работите што сум ги изгубил ме опишуваат подобро од оние што сум ги сочувал. Пред некој ден на саемот за антиквитети најдов стар, излитен регистар и поради него ноќта не спиев. Тоа е попис на работи изгубени на глазговската железничка станица во периодот 1918 – 1991. Секоја страница од оваа книга е полна со живот, ако под живот ги подразбираме работите што доаѓаат и си заминуваат (главно си заминуваат).

Пред да стигнам до изгубените гас-маски, да кажам нешто за самата книга. Тврди корици и долги столбови – „Најдено на ден“, „Место на наоѓање“, „Предмет“, „Опис“, „Име, ознака, иницијали, адреси, етикети“, „Наоѓач“, „Место за оставање“, како и самиот ракопис – зборуваат за светот пред виртуелната реалност. Стварноста била уредена по правила и прописи што во 1955 година се ажурирани и вметнати на почетокот од книгата. Британскиот одбор за транспорт, Британската железница (шкотскиот сектор) барала сите изгубени работи да се забележат и во рок од 48 часа да се пратат до Бирото за изгубени работи во Глазгов. „Вредните работи како што се документи, накит, фотоапарати и дурбини мора внимателно да се спакуваат и на пакетот мора да биде назначено ‘Вредност’“. Изгубениот капут „во добра состојба“ мора да се завитка во пак-хартија, а на десниот ракав треба да се прикачи етикета. Т. Х. Холингсворт, комерцијалист надзорник, многу држел до тоа чадорите да бидат цврсто завиткани и закопчани пред праќањето и куферите да не се отвораат. Господин Холингсворт не оставил никаков сомнеж за важноста на тие правила. Во книгата е вметнато писмо од неговиот претходник, В. Крозиер. Историјата не се занимавала со Крозиер ништо повеќе отколку со Холингсворт (макар што Националната галерија на портрети има бромидна фотографија од овој вториот). По долгото патување низ компендиумот од изгубени работи и луѓето почнаа да ми делуваат изгубено.

Прв предмет во мојот регистар е женски чадор со дршка од дрво и коска најден 13 август 1928 година, а последен е зелен велосипед оставен во вечерниот воз за Форт Вилијам на 8 јануари 1991. Не може да се согледа никаква правилност во губењето во текот на 63 години – многу капути, чадори, пакети и марами – ама некои работи горе-долу се излезени од употреба, или е тешко да се замислат како нешто што денес би можело често да се изгуби, на пример, оние гас-маски и воени туники, лулиња, примерок од романот Стара смртност (Old Mortality). Регистарот завршува пред мобилните телефони да станат попопуларни од ракавиците (тие денес најмногу се губат, по клучевите, очилата и чадорите). Она што луѓето пред појавата на Амазон го носеле со себе на патувањата со воз опишува поинаков свет. Во 1934 година, тавче. Четири години подоцна, сина баретка и либела. Потоа, во 1939 челичен шлем. Потоа, во 1942 каки гас-маска и машина за пишување – таа година регистарот имал богата жетва. Четири години подоцна, чантичка од змиска кожа со две книшки со бонови (цел роман!). Потоа, во 1950 бели женски гаќи до колена („најдени во купето од третата класа“) и многу рачни чанти. На Бадник 1955 некој оставил вештачки заби во возот што во десет и половина тргнал кон север, ама за среќа само „горниот дел“. Шеесеттите почнале интересно, со губење „балетски чевлички“, ама потоа приливот пресушува, што значи или дека луѓето подобро ги чувале своите работи или, поверојатно, дека старите системи за изгубено-најдено пропаѓале поради укинувањето на работните места. Во 1976 година некој нашол банкнота од една фунта и ѝ ја предал на службата. Пет години подоцна некој нашол кеса со божиќни подароци: шише виски, парфем Хелена Рубинштајн и два лампиони за елка. Не би можел да се заколнам, ама ми се чини дека тоа сум бил јас.

Бев многу млад кога почнав да губам работи. Едно утро татко ми ме зеде со себе на утринско кафе и ми довери на чување банкнота од пет фунти – сите пари што во тој миг ги имавме. Секако, попат ми паднала. На тоа се сеќавам главно поради изразот на лицето на татко ми и чувството дека го упропастив викендот што толку убаво почна. „За тие пари мора цел ден да работам“, ми рече и го забрза чекорот така што јасно ми даде до знаење дека сум изгубен случај. Сега знам дека најкрупната работа што ја губевме во детството беше тој. Никогаш не беше дома, а кога ќе дојдеше, ќе ни дадеше да чуваме банкнота од пет фунти додека тој седи во пабот. Понекогаш замислувам дека банкнотата сум ја фрлил, а не дека сум ја изгубил. Но сигурно не сум ја фрлил: бев премногу алчен и премногу среќен што го гледам.

Кога првпат патував во Њујорк во својата дваесетта година, зедов погрешна торба на аеродромот Ј. Ф. Кенеди и ја носев сѐ до хостелот YMCA во 34-та улица. На деветтиот кат, среде горештина и влага какви што никогаш порано немав почувствувано и додека завиваа полициски сирени од улицата, ја отворив торбата и видов дека е полна со сари и со егзотично суво овошје. Имаше тука и фотоапарат. Не познавав никого во градот и се прашував што прави некој без облека, кредитна картичка и храброст за комплетно трансвеститско искуство. Стоев во облеката во која допатував и размислував за тоа како би изгледала замената на идентитетот. Што ако не сум ја изгубил торбата туку сум се нашол себе? Што ако мојата изгубена торба сега му припаѓа некому друг – сите тие бели маици, црни фармерки и Џо Блогс пуловери? Препознав во ова спасителски проблем, првиот од многуте, и уживав во обрасците на неразумните, шашави можности додека со метро се возев во Квинс во потрага по својата торба.

Некои луѓе таквите работи ги сфаќаа многу посериозно од мене. Покојната Џени Диски ми даде еден ракопис од својот роман и ме замоли за мислење за него. Тогаш се селев и ракописот се најде во кутија, а не знаев во која. Ѝ се јавив на Кени. „Кај мене е многу несредено. Дали би можела повторно да ми го отпечатиш романот, Џени?“

„Не доаѓа предвид“, рече.

„Стварно сакам да го прочитам. Само не знам каде е.“

„Ако некој ти го даде својот роман на читање, стави го во фиока“, рече. „Кога ќе најдеш време, извади го и прочитај го. Ама немој да го изгубиш.“

„Не го изгубив.“

„Го изгуби, го изгуби“, рече таа.

Мене ми се чинеше дека нејзиниот став е достоен за воодушевување, ама дека е неправеден. Таа би ми одговорила дека е тоа типично машко резонирање. Јас верувам во случајот речиси исто онолку колку и во скриените намери. Да, понекогаш ги губиме работите затоа што сакаме да ги изгубиме или затоа што не ги сакаме доволно за да ги штитиме, ама понекогаш нешто губиме просто затоа што немаме среќа.

За жал, многу изгубени работи ни се всушност земени, а поради земените работи може да ни се промени целиот живот. Сетете се на чадорот на Леонард Баст од романот Крајот на Хауард (Howard’s End), кој Хелен „сосема ненамерно“ го зела во Квинс Хол; речиси сѐ во романот се урива поради таа малечка случка. По исчезнувањето на чадорот Баст прво го „јаде сомнеж“ дека е украден, ама му олеснува кога од визитната картичка на Маргарета ќе сфати дека Шлегелс живеат на точна адреса. На патот до нивната куќа, додека Маргарет зборува за Моне и Дебиси, „тој сепак не може сосем да го заборави својот украден чадор“. Така почнува тоа. Потоа Хелен ќе го омаловажи неговиот чадор исто така ненамерно како што го зела и г. Баст ќе побегне без чај. Да го врател некој неговиот чадор, наместо лековерната Хелен да побегне со него, работите немало да отидат толку далеку и целата драма би се свела на белешка во стариот регистар за изгубени работи.

Не престанав да мислам на г. Крозиер, изгубениот човек од мојот регистар. Човек може да се изгуби додека се бара нешто изгубено – ми се случувало така заталкан – па многу ме утеши Универзалниот регистар на железничките службеници, 1919 (направен од С. Р. Бландстоун, издавач на Железнички инженер). Во него открив дека Крозиер се викал Вилијам и дека неполни 48 години работел за железницата. Почнал како млад приправник на станицата Гласфорд во Ленаркшир. Потоа напредувал низ станицата на централниот појас за на крајот да стане глазговски железнички управител за Лондон, за внатрешноста на земјата и за Шкотска. „Крозиер одигра важна улога“, пишува Скотсмен по неговото пензионирање во 1936 година, „во транспортот на луѓе и воен материјал во текот на целата војна“, и за заслугите од кралицата го доби OBE одликувањето (Службеник од висок ред во Британската Империја). Умрел 1961 година. А потоа, како чадорот и старите куфери што некогаш ги чувал на главната глазговска станица, овековечен е со неколку потези на перото и мирно заборавен. По одредена точка во животот има во тоа нешто утешно. Очекувам дека набрзо пак ќе почнам да губам работи. Кога следниот пат ќе изгубам шал размислувајќи за личноста што го нашла. Замислувајќи како го предава во службата и како некој прави белешка за тоа, а некој друг чита шеесет години подоцна. На личноста што го изгубила шалот веќе одамна нема да ѝ биде потребен, ама некому друг од него ќе му биде потопло.

Извор: London Review of Books
Преземено од: pescanik.net
Фотографии: Peikwen Cheng

ОкоБоли главаВицФото