Ѓоргиев: Толкувањето на минатото треба да се денационализира

19.02.2019 14:27
Ѓоргиев: Толкувањето на минатото треба да се денационализира

Историски икони како цар Самуил, Гоце Делчев, Илинденското востание се меѓу личностите и настаните за кои ќе се дебатира дали да се препорача заедничко чествување на четвртиот состанок на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за
историски и образовни прашања формирана согласно Договорот за добрососедство што ќе се одржи на 19 и 20 февруари во Скопје.

Директорот на Институтот за национална историја, професорот Драги Ѓоргиев информира дека практично се очекува да се продолжи со работата по темите од претходно одржаниот состанок во Софија, пред сè, за цар Самуил, како и на забелешките на учебниците по историја од V и VI одделение, кои веќе се направени и се разменети меѓу двете страни со цел да се надминат проблематичните толкувања.

Материјалот, потсетува Ѓоргиев, го опфаќа периодот на праисторијата, за антиката и за средниот век, при што различните толкувања практично почнуваат со средниот век. Тука, пред сè, се толкувањата за браќата Кирил
и Меториј и за Самуиловата држава, два елемента каде што се најголемите разидувања во самите учебници.

Според него, целта на Комисијата е сето тоа толкување на минатото од пред илјада и повеќе години да се денационализира, да не им се дава на тие настани и личности национална конотација од современ аспект,
односно нашето денешно национално чувство да не се рефлектира 1.000 години наназад, бидејќи објективно такво чувство и не постоело во тоа време.

Не можете вие да го национализирате свети Климент или свети Наум, или браќата Кирил и Методиј. Тие се христијански просветители, духовни лица на кои не може вие да им дадете националност. Тие дејствувале во
одредени држави, во Византија и во бугарската средновековна држава, меѓутоа нив тоа не ги прави ниту Бугари, ниту Грци, ниту Македонци во современа смисла. Целта е да им се даде на идните генерации кои ќе учат
од бугарските и од македонските учебници идеја за космополитизмот на тие луѓе, за некои општи вредности кои тие ги оставиле на следните генерации, а не да ги присвојуваме како теснонационални херои. Во таа
смисла ќе одат и дискусиите околу учебниците“, вели Ѓоргиев.

Тој појаснува дека една од нашите главни забелешки е третирањето на Македонија уште од средниот век како неослободена бугарска земја, за што и ќе се дискутира, како и толкувањето на Самуиловата држава и можноста за нејзино заедничко одбележување. Верува дека во Комисијата ќе најдат заеднички јазик да го формулираат сето тоа и оти учебниците и во двете земји може да претрпат промени.

„Ние се согласивме дека цар Самуил ја наследува бугарската царска традиција, меѓутоа не може на таа држава – средновековна ненационална и надетничка империја, да ѝ се даде национален карактер, во смисла дека
е тоа бугарска национална држава како што е бугарската држава од 1878 година, согласно бугарскиот национален историски наратив. Тоа е средновековна држава со сите свои карактеристики кои во суштина немаат национален карактер. Постои држава, меѓутоа, во тоа време не
постои нација во современа смисла и ние ќе настојуваме во тој правец да ја претставиме таа држава во учебниците во Бугарија и во Македонија. Бугарската средновековна држава опфаќала повеќе групи и култури и
терминот Бугари од тоа време, всушност, повеќе претставувал политоним, отколку етноним, слично како и терминот Ромеи, и имал надетничко инклузивно значење во политичка смисла.

Главната цел е да не се национализира средновековието од денешен аспект, да не се рефлектира нашето национално сфаќање на нациите од 21 век во 11 век. И тоа е еден од главните проблеми воопшто во историографијата на Балканот. Ние минатото на нашите нации го гледаме во континуитет од неколку илјади години што е научно неиздржливо и неаргументирано. И тука е спорот околу чествувањето на Самуил каде што заглавивме, а тоа ќе биде разгледано и во учебниците: што помалку да се национализира тоа минато“, подвлекува проф. Ѓоргиев.

Смета дека цар Самуил треба да го чествуваме заедно бидејќи, нагласува, тој постои и во меморијата на бугарскиот народ и во меморијата на македонскиот народ, поседува голема симболика во двата историски
наративи и традиции поради што може да биде мост на поврзување околу кој треба се согласиме, мост што ги поврзува денешните народи и културите на современите држави на Балканот и особено на Македонија и Бугарија.

„Неговата престолнина е на територијата на денешната современа македонска држава, постојат артефакти, постојат легенди и во нашата и во бугарската меморија. И тоa е мостот што треба да нè поврзе и без никакви дилеми да го чествуваме тој цар, како што се чествува Карло Велики кај Французите и Германците, кој ги поврзува двата народа и никој не прашува дали бил Германец или Французин. Несериозно е да прашате од каква националност бил цар Самуил“, вели Ѓоргиев, кој додава дека некои истражувачи неговото потекло го поврзуваат и со Ерменија. Најголемите проблеми, сепак, вели, се очекуваат во разгледувањето на настаните и личностите од 19 и почетокот на 20 век, периодот на појавата на културни, духовни и политички движења кои се јавуваат на територијата на Македонија.

Протагонистите на овие движења, меѓу другото, за себе кажуваат дека се и Бугари, меѓутоа тие дејствуваат на оваа територија, посебно политичките дејци кои се појавуваат подоцна и кои се борат за автономијата на Македонија. Всушност тоа се личности кои пројавуваат политички сепаратизам во однос на Бугарија уште во времето на османлиската држава, меѓутоа во своите мемоари, во своите изјави кажуваат дека се Бугари.

„Тука има сериозни разидувања во двете историографии и повторно сметам дека без сериозни дискусии, без сериозно толкување на изворите придржувајќи се на академските принципи, и без желба да се погледне храбро во слабостите на сопствените историографии предизвикани, пред сè, од политички и идеолошки причини, ние нема да може да дојдеме до решение. Мора да се почитуваат академските принципи, изворите, но и сфаќањето и толкувањето на тие извори и терминологијата. Ние мора да дискутираме за тоа што во 19 век и во почетокот на 20 век на територијата на Македонија, која во тоа време е во рамките на османлиската држава, означуваат термините Бугарин и Македонец, кои се присутни во изворите. Дали тие имаат национална содржина или се тоа црковни или политички термини? Дали може да препознае политички идентитет кај одредени луѓе кој се јавува паралелно со националниот идентитет? Сето тоа ќе биде предмет на дискусија“, посочува Ѓоргиев.

Тој период ќе биде најмакотрпниот и најдолготрајниот, а секое брзо политичко наметнување одлуки и решенија, вели, ќе нè донесе во ќор-сокак.

„Не може тие прашања да се решат со политичка одлука. Она што ние како комисија, па дури и јавноста во Македонија го чувствува е чувството на триумфализам во Бугарија, дека сега е моментот да се докаже дека Македонците до 1944 г. беа Бугари, а по таа година станаа Македонци. Ако тоа е идејата со цел да се наметне еден таков заклучок во кој едната страна ќе се прикаже како победник, тогаш Комисијата нема да има резултати“, дециден е директоротот на Институтот за национална историја. Категоричен е во ставот дека мора да ѝ се даде време на Комисијата одредени работи да се разгледуваат подолг период, па дури и да се одржуваат конференции и советувања за некои најчуствителни проблеми, како што е на пример Илинденското востание, и потоа евентуално да се даде препорака до Владата.

Според него, политичкиот притисок кој се чувствува повеќе од бугарска страна врз работата на Комисијата треба да се олабави и да ја остават Комисијата да работи без временски ограничувања и без рокови. Во тој контекст ги гледа и последните пројави од бугарска страна изнесени од шефот на бугарскиот тим Ангел Димитров за Гоце Делчев, дека тој е Бугарин, но дека може да го слават и двата народа. Ѓоргиев подвлекува дека Делчев е споделена личност и дека расправата за неговата етничка припадност би била беспредметна и анахрона.

„Колку што колегата Димитров може да каже дека Делчев е Бугарин, исто толку јас можам да кажам дека тој е Македонец. Изјвата повеќе ја гледам како поентирање во бугарската јавност во смисла дека ете ние сме на таа национална позиција: Делчев е Бугарин, Илинденското востание е бугарско. Ние не отстапуваме од таа позиција и Македонците мора да го признаат тоа. Доколку тоа е така, тогаш тоа не дозволува простор за суштински разговор и не води кон ефективна работа на Комисијата. Како што реков, Делчев е споделена личност меѓу македонската и бугарската и историографии и истории. Постојат документи во кои Делчев самиот се изјаснува како Бугарин, меѓутоа, исто така, постојат и документи во коишто пишува дека тој е Македонец. И повторно доаѓаме до таа ситуација како да ги толкуваме тие термини. Значи, тоа покажува дека во еден дел од изјавата на Димитров јас се согласувам дека ние може да го чествуваме Делчев како значајна личност за македонскиот народ и Делчев како значајна личност за бугарскиот народ и тука нема ништо спорно околу тоа бидејќи таквото чувство е присутно и кај двата народа. Доколку ние се зафатиме како комисија да докажуваме дали Делчев бил Бугарин или Македонец, тогаш нема никаде да стигнеме, бидејќи тоа беа дискусиите помеѓу македонската и бугарската историографска елита во изминатите 60-70 години, да докажуваме кој е Бугарин, кој е Македонец“, вели Ѓоргиев.

Делчев е, вели, личност која е родена во Македонија, која живее и се бори за независна или за автономна Македонија, која е член на една внатрешна организација која Македонија како територија ја претвора во татковина на тие луѓе што живеат тука и од тој аспект, посочува, ретко може да се најде поголем Македонец од него. Делчев е сигурно една од најголемите македонски национални легенди. За него нема дилеми дека Делчев е споделена личност, споделена историска легенда која е втемелена во македонската државност, меѓутоа е и дел од бугарскиот национален историски наратив и дека од тој аспект може да го чествуваме и тука и таму. Но притоа да се почитуваат двата историски наративи и двете историски перспективи за Делчев.

Но, според него, се доведува во прашање ангажманот на Комисијата околу препораките за заедничките чествувања за личности за кои политичарите тоа веќе го прават. Комисијата воопшто нема дадено мислење до владите, ниту во Бугарија ниту во Македонија дали Делчев треба да се чествува заеднички или не, но политичарите веќе тоа го практикуваат и во извесна смисла тоа ја доведува во прашање работата на Комисијата во тој сегмент.

„Дали ние треба да даваме сугестии до Владата за заеднички чествувања кога веќе политичарите тоа го практикуваат? Зошто им е потребно толкување од нас? Веќе го чествуваат и Делчев и Самоил и браќата Кирил и Методиј (минатата година беа заедно во Рим). Во тој контекст се доведува во прашање Комисијата во тој сегмент кога тоа веќе се практикува“, вели Ѓоргиев. Тој уште еднаш подвлекува дека смислата на Комисијата е да созаде академски основи и да успее да ги надмине некои од симболичките конфликти и контроверзи што постојат во историграфиите, со цел да не се создаваат нови генерации оптоварени со историски знаења кои ќе ги разделуваат. Решението го гледа во критичка анализа на историографските наративи во двете држави и во взаемно почитување на граѓаните и културите на двете држави.

Според мене, решението, договорот се наоѓа на средина. Не може бугарската страна да очекува дека ние ќе прифатиме сè согласно бугарскиот историски национален наратив. Исто така, не можеме ние историјата од 19. и почетокот на 20. век да ја претставуваме како кристално јасна македонска национална историјаи да го негираме присуството на бугарското национално и политичко влијание во интелктуалниот и политичкиот македонски сепаратизам. Тоа е перидот кога, всушност, започнува процесот на постепеното и макотрпно издвојување, најпрвин политичко, а потоа и национално, на Македонците, на Македонија, на појавата на македонизмот и тоа бугарската страна не може да го негира, како што ние не можеме да тврдиме дека постои континуитет на македонска нација од времето на цар Самоил до денес. Тоа се работите околку кои двете страни треба да се усогласат, да отстапат, да прифатат одредени податоци и толкувања, за да дојдеме до решение кое ќе биде во функција на двете држави, на двата народа за да продолжиме напред, без да бидеме заложници на историјата“, вели Ѓоргиев иако и самиот е историчар.

 Извор: МИА

ОкоБоли главаВицФото