„Медена земја“ по триумфот на „Санденс“ ќе се прикажува во кината во САД и на „МакеДокс“

19.02.2019 14:48
„Медена земја“ по триумфот на „Санденс“ ќе се прикажува во кината во САД и на „МакеДокс“

На прес-конференција тимот на „Honeyland“ соопшти дека филмот ќе има и две затворени проекции наредниот месец во Скопје.

„Honeyland“, застапуван од „Сабмарин ентертеинмент“ (Submarine Entertainment), деновиве потпиша договор со американската компанија за производство и дистрибуција на филмови, „Неон“, која ги откупи правата за прикажување на македонскиот филм во Северна Америка. Оваа компанија најави дека остварувањето ќе се прикаже во 15 од топ 50 пазари на континентот, вклучувајќи ги и Њујорк, Лос Анџелес и Сан Франциско. Изминативе неколку години „Неон“ дистрибуира познати наслови како Colossal; I, Tonya; Borg vs McEnroe; Revenge; Ingrid Goes West; Monsters and Men; Border и други.

Како што најави екипата, филмот ќе има две затворени проекции на 12 и 13 март во скопското кино „Милениум“ . За пошироката јавност ќе биде прикажан на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што се одржува во август.

„Медена земја“ („Honeyland“), кој е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, на годинашното издание на престижниот филмски фестивал „Санденс“ („Sundance“) во Парк Сити, Јута, САД ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм. Тамара Котевска, една од режисерите на проектот, на средбата со новинарите рече:

„Трите награди добиени на „Санденс“ беа потврда за три жестоки дебати кои најчесто се водат на тема филм во мојата земја: Прво, дали голем филм може да се направи со мала екипа? Дефинитивно, да. Второ, дали филмот во Македонија и пошироко има некаква светла перспектива? Дефинитивно, да. И трето, дали филмот може да ги смени животите на обичните луѓе? Дефинитивно, да“.

Љубо Стефанов, кој заедно со Котевска го режираа „Медена земја“, изјави:

„Honeyland“ е почнат како мала идеја, која нашиот мал тим со тешка и упорна работа од повеќе од три години ја доведе до тоа што денес го прославуваме ‒ три награди на еден од најпрестижните фестивали на светот. Ова ми е само потврда дека на идеите, колку и да делуваат неверојатни треба да им се даде шанса, и што е најважно ‒ да се преземе ризик“.

Снимателите Фејми Даут и Самир Љума беа наградени за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography).

„Да се учествува на ваков голем фестивал, најголем на светот за независен филм, е искуство како ниту едно друго. За мене претставува почеток на ново професионално поглавје во кариерата. Драго ми е и не можам да кажам дека не ме радува фактот што дваесетина години вложен труд конечно беа наградени со една ваква престижна награда, и тоа од луѓе кои не беа инхибирани од нашиов македонски микрокосмос. За жал, овие работи како, на пример, да се препознае вложениот труд, тука во Македонија, се базираат на квантитативни вредности, а не на квалитет. За мене, оваа награда, како посветен филмски работник – само ме поттикнува да работам дотолку попосветено. Сепак, светот ја виде мојата работа и ме награди за тоа. Иднината е таму каде што ме препознаваат, во интернационални ангажмани“, рече Фејми Даут.

„Наградите на престижниот фестивал за независен филм „Санденс“ кој ги освои филмот „Медена земја“ се нешто што секој филмски работник потајно си ги посакува. Најзначајна за мене како снимател е токму специјалната награда од жирито за кинематографија која нѐ става на пиедесталот, рамо до рамо со врвни кинематографи од светот. Искрено, се надевам дека оваа награда ќе ни овозможи пред сѐ повеќе работа, како во нашата држава, така и на меѓународни проекти“, рече Самир Љума.

Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

„Кога тргнувавме на „Санденс“ знаевме дека со нас носиме нешто големо, и токму поради тоа како да знаевме дека овој филм ќе донесе награда, но не очекувавме дека ќе се вратиме со три, меѓу кои и главната награда. За мене „Санденс“ е мост за две релации ‒ глобална и индивидуална. Глобалната значи дека по овој фестивал имаме можност да нѐ види и слушне светот, да ни ја слушне маката, а ако имаме среќа може и нешто ќе се смени или барем ќе се помрдне. Индивидуалната значи нови контакти, нови проекти, нова комуникација со врвни уметници од светот. Со „Санденс“ почна една приказна на која можеби не ѝ се гледа крајот“, истакна Атанас Георгиев, продуцент и монтажер на филмот.

Првпат во историјата на „Санденс“ еден документарен филм е награден со три признанија. Ова е и првпат македонски долгометражен документарец, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција и да освои награди на овој фестивал, и токму поради ова е од големо значење за македонската кинематографија.

Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.

„Кога првпат го видов филмот, останав без зборови. Поради неговата уметничка убавина и поради моќта на пораката. Откако се исклучија светлата, ми требаше момент да се вратам од светот на Атиџе, во реалниот свет. Атиџе ни праќа мудра порака: „Задржи половина од медот за себе, а другата половина остави им ја на пчелите“. Тоа е порака од жена која што живее во симбиоза со природата и знае како да преживее без да ги загрози другите битија. Лично сум убеден дека, и индивидуално и заеднички, сите можеме да дадеме придонес кон заштитата на природата. Атиџе ни покажува како тоа да го постигнеме. Да го слушнеме нејзиниот повик“, истакна заменик-амбасадорот на Швајцарија во Република Македонија, Стефане Томажијан.

„Медена земја“ („Honeyland“) раскажува приказна за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која се обидува да ги спаси пчелите и природниот баланс во природата, кога семејството на номадски пчелари се населува на нејзината земја и ѝ ја загрозува егзистенцијата.
Honeyland, на својата официјална веб-страница honeyland.earth, започна со добротворна кампања за поддршка и помош на протагонистите во документарецот. Со секоја нарачана тегла мед добиен на одржлив начин ќе се донираат средства што ќе се искористат за подобрување на условите за живот, пред сѐ на децата што се појавуваат во филмот, а доколку има можност и на останатите личности, па дури и на целата средина што ги опкружува и во која живеат.