Право на грешка

19.02.2019 16:35
Право на грешка

Некој греши, некој длабоко греши. И тука има само две варијанти: или грешиме ние, подразбирајќи го тука мнозинството реформски ориентирани културњаци, или грешат они, кои и да се, односно оние кои „случајно“ или намерно ги кочат реформските процеси во државава! Трето нема, средина нема.

И понатаму, ако врвот на званичната македонска политика – Владата на Р(С)М и Собранието на Р(С)М – усвоиле најважен стратегиски документ што ги посочува неопходните реформи во културата и Акциски план што истите ги операционализира по години, тогаш кој е тој фактор со доволна сила и моќ тоа да го игнорира?
Ако Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018-2022 година констатира дека „Финансирањето во културата е заробено од централизираната волја на политиката, која настојува да создава партиска култура и уметност“ односно дека „Ваквите тенденции особено дојдоа до израз во изминатата деценија влечејќи ја културата назад и оневозможувајќи вистински развој“, некој овде мисли дека тие реченици се само лажливо лижавче за македонските уметници и културни работници?

Ако истата таа Стратегија е децидна дека „Распределбата на државниот буџет за култура не се темели на оцена на спроведените програми, ниту на поставување јасни цели и критериуми“ (што и годинава се потврди!), дека „Финансиските средства се распределуваат нетранспарентно“ (што и годинава се потврди!), дека „се нагласува потребата и стратегиската определба за демократичност, транспарентност, отчетност и стручност во одлучувањето, како и ослободување на процесот на распределба на средствата од партиски влијанија“ (што и годинава се потврди!), „обезбедување соодветна финансиска поддршка што ќе гарантира висок квалитет и стандарди на продукција и што ќе го зачува достоинството на авторскиот труд“ (што и годинава се потврди!) итн., тогаш зошто некој мисли дека има право да се подигрува и да ги манипулира овие цели?

И, повторно: кому овие цели и реформи не му одговараат и кои се тие сиви и (божем) невидливи сили што упорно нè влечат назад?

Сакам да кажам: секој има право на грешка. Дури и повеќе од еднаш. Тоа право го имаат дури и (нај)високи државни функционери, ако навистина станува збор за – грешка. Ама, можете да згрешите еднаш, двапати, па ајде и трипати, ама не може цела програма да ви е – грешка. Ете, нека биде грешка „Златно славејче“, ама колку такви „славејчиња“ пеати ли пеат фалш во оваа „Програма“? Толкаво право на грешки – множина, се разбира – нема никој, никаде.

Значи, јавноста, особено културната, е по правило толерантна и го почитува правото на ненамерна грешка. Потенцирам – ненамерна, и таа, повторно, се случува еднаш, двапати … ама не сто, двесте, триста пати, и тоа во еден единствен документ!? Тогаш веќе преминува во нешто друго, а тоа друго треба / мора да го квалификуваат високи државни органи. Дури и не само од политички аспект, туку и од малку поинаков, оној кој што утврдува друг тип на одговорност.

Зашто, ако се слушаат слухови – јас не сакам да ги потенцирам, ама баш никако, но мислам дека набргу и тие јавно ќе се обзнанат! – дека и членовите на комисиите се чудат на „резултатите“ кои што божем ги утврдиле, тогаш тука има место за многу нешта а не само за – политичка одговорност! Но, најмалку што сакам е да прејудицирам одредени состојби или идни потези, владини или други. Но дека некој мора да се позанимава со оваа работа и од некаковдруг „аспект“, тоа е несомнено! Дури, би рекол, овде станува збор за склоп на многу нешта, а најмалку – за грешка!!!

И овде не можа а да не го наведам ставот на реномираниот Димитар Башевски кој му држи вистинска демократска лекција на министерот Адеми. Сакам да кажам: зошто никој не ги чита овие искажувања на сериозни македонски интелектуалци, зошто никој не ги зема предвид при решавањето на вакви крупни, да не речам круцијални прашања за македонската култура? Зарем правото на (тристакратна) грешка на министерот е нешто повредно и поголемо од ставот на еден, а во случајов и не само еден реномиран македонски интелектуалец? И како, и зошто, „грешките“ на највисоките македонски функционери се случуваат безмалу исклучиво на планот на финансиите и вработувањата? А кога говориме за културата тоа е полето каде злосторничкото здружение го достигна врвот и мислевме дека по смената на власта барем во таа насока нема да има враќање назад. И токму затоа Стратегијата е така и толку јасна во тој поглед, па и ригорозна, ако сакате, барајќи целосна промена на начинот на размислување за системот на финансирање во културата. Не дека тој е најважен, не е, иако кај нас, практично, државата е најмоќниот / единствениот финансиер па следствено тој дел е подложен и на најбројни манипулации.

И овде ми се наметнува една компарација: да се правеа вакви „грешки“ низ т.н. Преспански процес, ќе беа еднакво толерирани од страна на Владата, Собранието и др.? Или културата баш и не е толку важна? Колку за пример, во една прилика, еден голем човек според неговите културни димензии и познавања, па и заслуги, ако сакате, а се вика Љубиша Ристиќ, рече: „Стратегијата во културата е, спротивно на вообичаеното мислење, основ на секоја друга стратегија во државата: кој ја решава кризата во културата, ќе има можност да ја реши и кризата во општеството“. Претерано? Не би рекол. Ристиќ знае за што говори, повеќе од било кој. Особено овде, во ова балканско културно мочуриште!

На крајот, неволно, но сепак, ќе се вратам на веќе претходно спомнатиот гласен молк на еден голем дел од македонската компетентна културна јавност и морам да искажам личен став во однос на таканаречените реакции апропо катастрофалниот исход на годишната Програма. Еден голем дел од таа јавност секојдневно маршираше во времето на „Шарената револуција“ низ скопските улици барајќи промени (и реформи) и во културата. Денес, тоа ја тангира само Ирена (Стериовска), на пример? Денес тој ист дел од таа иста компетентна културна јавност избира да седи дома и – молчи? Ја оправдува „грешката“ на министерот, бара оправдување и за својот молк, што ли? Или мисли дека е сепак сè во ред? Ако е така, и тоа треба да се каже, јасно и гласно. Или фактот дека голем дел од таа јавност, дури и наспроти во многу случаи очебијниот конфликт на интереси, сепак се наоѓа на списоците на добитници на средства од Министерството за култура им ги блокира гласните жици? А нели така и пуфлата во нејзиното време си ги обезбедуваше навивачите и ракоплескачите? Или тоа брзо се заборави?!


Слики: The Royal Art Lodge
Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com/

ОкоБоли главаВицФото