ФООМ го поздравува финализирањето на Предлог-законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

19.02.2019 17:53
ФООМ го поздравува финализирањето на Предлог-законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Фондацијата Отворено општество – Македонија го поздравува процесот на финализирање на Предлог-законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во кој се внесени измените за кои се залагаше Фондацијата во процесот на подготовка на Предлог-законот. ФООМ повеќе од 11 години во континуитет стратешки работи на унапредување на правото на слободен пристап до информациите, препознавајќи ја важноста граѓаните да ја следат работата на власта, односно да бидат во можност да откријат корупција или лошо работење при креирањето на политиките, како и да бидат во можност да носат информирани одлуки.

Граѓаните ќе можат да бараат отчет за работењето на политичките партии

Од особена важност е проширувањето на листата на иматели која се утврдува во новиот Предлогзакон. Поточно, во новиот Предлог-закон, вклучени се политичките партии како иматели во делот на финансирањето. Со ова дополнување сите информации за финансирањето на политичките партии, односно приходите и трошоците, ќе бидат информации, кои партиите ќе ги обезбедат во законскиот рок. На овој начин на граѓаните, новинарите и здруженијата им се овозможува и правото на жалба во случаите кога политичките партии нема да обезбедат пристап до приходите и трошоците.

Можните злоупотреби на класификацијата на информации, сведени на минимум

Досега немаше прецизна дефиниција за тоа што значи јавен интерес, а со тоа беше оставена можноста за различни толкувања, па дури и за одбивање институциите да дадат информации. Со новиот Предлог-закон, јасно е дефиниран јавниот интерес со што ќе се мери дали интересот кој го штити институцијата е поголем од јавниот интерес, а истиот ќе повлијае на можноста за давање дури и на заштитени информации. Воедно, намалена е листата на исклучоците од слободниот пристап до информации, што значи намалување на можноста за злоупотреба на класификација на информациите.

Формирање на ефикасна Агенција која ќе го штити правото за слободен пристап до информации

Со Предлог-законот, на местото на петчлената Комисија, се предвидува формирање на Агенција која ќе го штити правото за слободен пристап до информации и ќе постапува по жалбите. Формирањето на Агенцијата ќе значи и подобрување на ефикасноста во пристапот до информации од јавен карактер, што е од особена важност имајќи го предвид фактот што сегашната Комисијата е без кворум (или беше на раб на кворум за работа) неколку години.

 Дополнително, со новиот Предлог-закон уреден е начинот на кој Министерството за финансии во целост ќе го објави трошењето на државниот буџет преку Трезорот на нивната веб-страница. Понатаму преработени се прекршочните одредби и истите се целосно усогласени со новата законска рамка за прекршоците, а на второстепениот орган, кој одлучува по жалбите (досега Комисијата) му e дадена надлежноста да води и прекршочна постапка.

Пристапот до информации од јавен карактер е право на граѓаните и ознака за современо демократско општество. Донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во оваа конкретна форма, усогласена со сите релевантни засегнати страни, го приближува македонскиот правен систем до европските и светските стандарди во областа на слободното информирање. Истиот ќе овозможи сузбивање на корупцијата, и ќе го зголеми интегритетот на институциите и довербата на граѓаните во нив.

Со донесувањето на Законот, Македонија ќе направи чекор напред кон креирање на демократско, отворено општество каде граѓаните се активно вклучени во процесите на креирање политики и донесување одлуки, а властите се отчетни и транспарентни во своето работење.

Целосниот текст на Предлог-законот можете да го најдете на следниот линк.