Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (15)

20.02.2019 09:18
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (15)

Катарина Јовчевска, Заробеник во сопствениот живот (Академски печат)

Тука започна сѐ, откако тркалото на судбината се заврте и ме донесе токму тука, во градот Куманово, во старата жолта куќа, куќа на моите дедо и баба, куќа во која прв се родил мојот татко, а беше петтото дете од вкупно десетте деца кои беа одгледувани во многу тешки времиња и услови. Но сепак луѓето беа посреќни и си помагаа меѓусебно иако не се надзираше подобро утре или иднина.

Старата куќа беше изградена од камен, кал и плот и мојот живот повеќе не беше ист од денот кога стапнав во неа. Две илјади километри беа зад нас, убавиот и безгрижен живот од сказните го оставив таму далеку на север, во градот Малме и го заменив со сосема неизвесна иднина, тежок и макотрпен живот. Длабоко во мене останаа само неколку слики како дел од еден шарен мозаик од сеќавањето на едно мало тригодишно детенце на: другарчињата Мартин, Тереза и Александар и другите другарчиња од градинката Videdal, посетата кај роднините и пријателите, прошетки низ убавите паркови, мојот страв и плач кога камионот натоварен со сиот мебел и нашиот кафеав автомобил од марката „опел“ беа подготвени за тргнување за Југославија. Тоа беа денови кога луѓето од цела Југославија тагуваа за заминувањето на другарот Тито, беа излепени плакати со неговиот лик по шофершајбните на автомобилите и камионите и беа развиорени југословенски знамиња и како низ магла се сеќавам... Тоа беше еден хаос од сообраќаен метеж и шаренило од автомобили, камиони и автобуси и расплакани луѓе долж цела Југославија, а сето тоа надополнето со силните звуци од сирените на камионите кои ги параат ушите. И денес се прашувам каква иднина татко ми очекувал од моментот кога веќе го немало другарот Тито, а се слушале гласини дека сѐ ќе се распадне по неговото заминување, но тој на тоа не се ни осврнувал. Го слушал само своето срце кое му кажувало дека е време да се врати во својата татковина. Тоа чувство било посилно. Мислел дека знае сѐ и може сѐ. Тоа ти е младост лудост, не размислувал за последиците од таквата одлука. Љубовта на мојот татко кон неговиот татко била голема, а исто така и кон мајка му која сепак важела за строга но и одговорна личност која ги држела сите деца и сите конци. Неговиот татко веќе бил стар и болен, крај кого не останал ниту еден син од вкупно четирите сина и шесте ќерки. И тоа многу го погодувало. Се чувствувал осамен без ниту еден син или внуче покрај себе од толку многу деца, иако дедо ми Петко со баба ми Павлина често низ годините доаѓале на посета кај своите деца во Шведска но тоа сепак не било исто. На мојот живот овде во татковината никогаш и не се навикнав, живот што ми беше наметнат. Каде требаше да имам вистински живот за кој татко ми мечтаеше и сонуваше во годините на животот и работата во Шведска. Почнав да го осознавам и да сфаќам дека можеби и нема да се вратам повторно во детството во местото каде што бев родена. Тој сонуваше и живееше за Македонија, а јас целиот мој живот со мислите бев таму далеку во Шведска. И секогаш го замислував и споредував тој живот таму, по кажувањето од моите родители, со овој што и не беше некој живот (да му се плукнам) со проблеми и недоразбирања во семејството од самиот почеток на кој мораше да се навикнам и да го прифатам.

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.

Слика: Berthe Morisot