Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (16)

21.02.2019 10:44
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (16)

Ненад Јолдески, Пливање спротиводно (Или-или)

 

Како малечка Артемида ги презираше јагулите зашто ѝ личеа на црни змии и ја плашеа, иако таа чудесна риба беше како нивни семеен симбол. Фасцинацијата зеде најголем замав кога Џејмс се опседна со јагулата по смртта на неговиот татко од кого, всушност, ја наследи куќата, кога таа имаше девет години. Производ на таа воодушевеност што тогаш жареше со полна сила, а денеска тлееше благо но постојано во неговата душа, беше една дебела збирка песни што тој му ја посвети на својот татко. Артемида, за разлика од брат ѝ Ричард, кој цел живот се гордееше со својот татко, никогаш не ја прочита, ниту таа, ниту која било друга од книгите на Џејмс, зашто и беа чудни и неразбирливи. Во годините пред болеста и смртта, дури и нејзината мајка го подгреваше фамилијарниот интерес кон јагулата, а нејзиниот полубрат Ричард правеше школски проекти на часовите по биологија, потпомогнат од двајцата, додека Артемидa стоеше настрана згрозена од сивиот влекач. Уште тогаш ја замрази куќата на реката Делавер, која ја посетуваа редовно. Ја правеше да се чувствува изолирано, отуѓено и тажно.

Џејмс најмногу мразеше кога таа ја споредуваше јагулата со змија и еднаш помина цела ноќ објаснувајќи ѝ дека јагулата е симбол на движењето во вода, на плодноста, и дека во некои култури е свет чувар на домот. Дека змијата и јагулата се љубовници пијани од страст, сметале во антички времиња, и срамота е денеска некој да тврди такво нешто, особено таа - неговата ќерка.

Но сѐ тоа беше залудно, тоа лигаво суштество, супер мигрант што ползи по копно и плива во вода, нејзе ѝ предизвикуваше морници исто како змија, тогаш и многу години подоцна кога на факултетот за фотографија, заедно со глумицата во филмот „Лимениот барабан“, ќе поврати на сцената со јагулите зариени во коњска глава.


На нејзиниот четиринасетти роденден случајно ги најде резултатите од биопсијата на својата мајка и научи дека таа бавно венее и умира. Неколку недели потоа ја најде исцрпена во креветот, додека Џејмс седеше со наведната глава покрај неа и ја држеше за рака. Тогаш ѝ го кажа она во кое сѐ повеќе почнуваше да се сомнева - дека Џејмс не е нејзин биолошки татко. Тогаш ѝ се причини дека им олесни на тројцата. Мајка ѝ западна во бунило, Џејмс остана со наведната глава и воздивна. Не ѝ рече ништо. Ниту дека отсекогаш ѝ бил татко и дека ќе продолжи да ѝ биде, ниту дека му е жал, баш ништо. Тогаш конечно дозна што криеше таа голема црна дупка што таа ја насетуваше, а мајка ѝ дотогаш ја прекриваше со зелени гранчиња и ѝ забрануваше да се добере до неа. И конечно сфати дека мајка ѝ не ја мрази земјата поради смртта на своите родители, кои загинале во сообраќајна незгода на пат за Скопје, каде што требало да се качат во авион и да ги посетат во Њујорк, како што ја залажуваа дотогаш, туку дека, пред сѐ и над сѐ, таа го мрази него - нејзиниот вистински татко.

Потоа, единствените информации што успеа да ги извлече за претходниот живот на мајка си и за својот биолошки татко беа дека тој се вика Владимир и дека ги напуштил пред таа да се роди, дека најверојатно сѐ уште живее таму некаде на Балканот, во Македонија. Тоа беше тоа. Не ѝ го кажаа ниту презимето, ниту градот, ниту фотографија од него, баш ништо.

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.