(Рас)кажувајќи ја бесконечноста

21.02.2019 13:09
Рас(кажувајќи) ја бесконечноста

Кон „(Бес)конечни модели на расказот“ од Сања Михајловиќ-Костадиновска,
во издание на „Бегемот“, Скопје

Насловот од збирката „(Бес)конечни модели на расказот“, на Сања Михајловиќ-Костадиновска ѝ послужил како платформа за спарување спротивставени термини. Првиот пар е составен од двете последни именки. Тука зборот „модел“ потсетува на оперативниот чин на средување и усреднување, со безлично пакување во калапи. Наспроти него е зборот „расказ“ кој упатува на креативниот чин на творење и отворање, со интимно распакување низ зборови.

Вториот пар е сочинет од спротивни придавки, со проширената „бесконечни“ и нејзиното (дефинитивно) подмножество „конечни“. Противречната употреба на претставката „без“ (која звучно се изедначила во „бес“) е бонус, зашто и таа треба да означува одземање, а во состав на придавката служи за бескрајно придодавање. Па сепак, во едно вакво соочување, паровите од насловот меѓусебно не си попречиле, ниту еден со друг се ограничиле. Напротив, тие суштински се сврзале, ем се надоврзале. Поврзувањето е органско, а последователното редење раскази изгледа природно, но планско. Тоа потсетува на биолошки процес во кој воедначено спакуваните гени, се распакуваат како бесконечни варијации од луѓе и карактери.

Тргнувајќи од ваквата паралела, а целејќи кон повеќеслојноста на расказите, овој осврт се отвара пред читателот низ целини кои (по своите наслови) потсетуваат на биолошки процеси, а (во својата суштина) припаѓаат на главнината, од тринаесетте циклуси во оваа збирка. Целините се пригодно групирани во дел посветен на писателите, и посебен дел за читателите, иако расказите од книгата ги третираат еднакво, и креативните процеси низ кои минува писателот (кога создава дело), како и креативните промени кои ги доживува читателот (кога чита едно дело). При тоа, во првиот дел, целините носат имиња на етапи од синтезата на генетски материјали, а во вториот дел тие се насловени според анализата на човечките карактеристики.

Раскази за креативните процеси кај писателот

Иницијација е период на огнено крштевање на расказот. Тогаш идејата е кревка и неразвиена, па расказот се оформува како зачеток во зародиш, или како рудиментиран запис. Бидејќи е прва фаза, таа е пригодно претставена низ првиот циклус „Почетнички раскази“. Тој ги вбројува сите раскази за: идеи со блескаво осмислен почеток, а вечно недоврешен („Вртимушка“) или никогаш оформен („Жижица“) завршеток; идеи чиј крај го сменил почетокот, па никогаш не можат да се вратат на ниво на изблик, и својот првобитен облик („Млечно запче“); идеи чија смисла на почетокот е заробена во прибелешки, за потем да ечи слободно низ прикаски („Куќичка за птици“).

Транскрипција е препис на мислата во збор. Се исчитува низ циклусот „Функционални раскази“ бидејќи во оваа фаза писателските и писарските способности се вистински обединети во функција на трескавично (за)пишување и материјализирање на мислата. Тука се сите мигови кога по расказот посегнуваме со цел да ѝм дадеме: облик на некои несредени и недоречени идеи („Игла и конец“ и „Хефталка“); заеднички дом на насобраните зборови („Жлеб“ и „Штипки“); оддишка на несаканите, вознемирувачки и обеспокојувачки мисли („Чергиче“ и „Леѓен“); слобода на застарените, одвишни и непотребни теми („Стари чевли во нова кутија“ и „Чепкалка за заби“).

Транслација е период на преод од текст до обликуван расказ, и превод на зборови во осмислен исказ. Тоа е напредна фаза, составена од неуморно дотерување и постојано усовршување на расказот. Претставена низ циклусот „Патувачки раскази“ таа наликува на пакување пред патување, бидејќи во оваа фаза прибегнуваме кон бескрајни „селектирања, отфрлања, премислувања, подредувања“ на материјалот со кој располагаме („Количка за багаж“). Од зборовите кои останале ги одбираме најпотребните, грижливо ги средуваме во реченици и го прилагодуваме стилот („Несесер“), пакувајќи го во конечен облик, постојано следени од чувството на некомплетност („Куфер“). И во една таква надреденост врз буквите и интерпункциските знаци, врз зборовите и сложените реченици, создаваме расказ кој „почнува онаму каде престанува да постои“, расказ кој е истовремено продукт на „заминување и на одминување“, на селективно бришење, но и на селективно запишување („Знак каде што завршува еден град“).

Елонгација е период на згусната и заокружена нарација. Оваа фаза е насликана низ циклусот „Ситни раскази“ бидејќи тогаш нараторот е загледан во ситните детали од големата слика. А, токму тие привидни ситници, го заокружуваат стилот на писателот, но и впечатокот кај читателот. Заради нив добиваме јасна слика за секоја раскажувачка постапка, па лесно знаеме да разграничиме дали прозата е соголена, исповедничка ем за авторот олеснувачка („Мрсул“); дали е вешта, намамувачка („Мамец“) или провоцирачка („Голо пупе“). Дали наликува на хаику, па е куса, мудра и освежувачка („Кесичка чај“). Или е налик на вербална вежба што почнува како збороигра, а води до брза здосадувачка („Гума за џвакање“). Оваа фаза означува крај на еден раскажувачки циклус.

Инхибиција е стоп-фаза. Верно го следи завршениот и му претходи на новиот раскажувачки бран. Претставена е низ циклусот „Суеверни раскази“ зашто е период исполнет со мали ритуали и лични суеверија на авторот со цел да се надмине писателскиот блок. Тој може да се јави заради немарност и расеаност („Талог за кафе“), или прекумерна опседнатост и засегнатост со некоја тема („Урочливи очи“). Тоа е воедно призив на ново вдахновување, и вовед во некое ново раскажување.

Раскази за креативните промени кај читателот

Сетилна рецепција е првичен и површен прием на четивото. Соодветствува на сетилна дразба, па затоа е опфатена во циклусот „Деликатесни раскази“. Тоа е фаза на вчитување, и необработени впечатоци од првото исчитување. На почетокот нѝ помага да го одредиме квалитетот на дразбата (т.е. прочитана проза), а набрзо и да го истенчиме сопствениот праг за дразба (т.е. естетскиот критериум за проза). Во оваа фаза може да дознаеме дали расказот е умерен и угоден („Сладолед“ и „Лубеница“) или претеран, патетичен, па можеби и здодевен („Тулумба“ и „Сол и црн пипер“).

Емотивна реакција е доживување на прочитаното. Циклусот „Иритирачки раскази“ е соодветен за состојбата по прочит на силен и впечатлив расказ, зашто тој може да разбуди антагонистички, прогонувачки, па дури и вознемирувачки чувства. Тоа се чувства кои на еден кус миг посветен за кус расказ, му ја даваат моќта да го прекине текот на мислите („Мевце во заб“), следот на постапките („Каменче во чевел“), и да ги отвори очите („Трепка во око“).

Перцепции и реминисценции се воочувања, што следат по соочувањето со четивото. Најблизок е до циклусот „Вселенски раскази“, оти тоа е период за општи заклучоци и сумирање впечатоци. Тогаш дознаваме кои раскази задираат во колективното несвесно („Супернова“), а кои во личното и трауматичното („Кратер“). Тоа е сознанието што ќе нè следи долго по секој впечатлив прочит, и ќе нè гони во нов читателски подвиг.

Раскази за секоја прилика

Оваа збирка крие неколку трикови.

Прво, насловот најавува само модели на раскази, а циклусите откриваат раскази за модели на расказот, групирани според моделот кој го прикажуваат. Нивната содржина пак, открива раскази за раскази, кои се модели на расказот. И така слој по слој, ред по ред, (рас)кажувањето се продлабочува во бесконечност и недоглед.

Второ, расказите се групирани според тип на асоцијативност и разбудена алузивност т.е. според нивното преносно значење. Но, истовремено, расказите се групирани и според практичната применливост т.е. нивното буквално значење. Затоа, еден расказ може да послужи и како текст за чинот на писателско созадавање, но и како потсетник при пакување („Несесер“ и „Куфер“) или бон-тон прирачник за етикеција на однесување („Хотелско сапунче“). Може да биде расказ за читателските доживувања, но и рецепт за приготвување („Кесичка чај“). Оваа двозначност се пренесува и на циклусите. Во рамки на еден циклус, списот раскази не е само попис на тематски врзани приказни, туку и на сродни случки и состојби. За илустрација можат да послужат насловите од циклусот „Иритирачки раскази“ кои сеопфатно ги попишале/раскажале најчестите непријатности во секојдневието: мевце во заб, каменче во чевел, прдеж во лифт, трепка во око, дамка на маица, паста за заби при крај, скинато копче, резервна гума, коњско опавче, пепелник, плускавец. Кога се губи границата меѓу симболичното и алегоричното од една страна, и практичното и буквалистичкото од друга, расказот станува повеќенаменски, повеќеслоен и посуштински.

Конечно, збор-два за релацијата автор-текст-тема и нивните (бес)конечни варијации. На оваа оска, стилските вежби на Рејмон Кено, низ 99 антологиски примери ги открија (бес)конечните можности во писателскиот третман на иста книжевна тема. Од друга страна, показните вежби на Сања Михајловиќ-Костадиновска, претставуваат 79 практични примери дека недобројните варијации во авторскиот пристап кон една тема, можат дополнително да бидат умножени од безбројни варијации во моделирачкиот пристап кон еден текст. Од таму, не изненадува откритието дека различните стилски вежби на Кено, кај Михајловиќ-Костадиновска можат да постојат и во рамки на еден единствен расказ. Таков е расказот „Квака“ што на кус простор прави долг преглед на различни раскажувачки стилови вклучувајќи: страшен и смешен, реалистичен и фантастичен, криминалистичен и авантуристичен, а најпосле и конзервативен (бајковит) како и постмодерен оглед.

И воопшто, сите куси, едноставни раскази имаат повеќеслојни, згуснати значења. Затоа оваа збирка наликува на џепна енциклопедија за прозни минијатури, и микро-музеј за расказни модели, макети и скулптури.

Слики: Grace Heejung Kim

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото