Фикус, кактус, орхидеја

21.02.2019 15:44
Фикус, кактус, орхидеја

 „Се апсат луѓе врз [основа на] изјави на сомнителни лица… Уапсените лица не се виновни“, изјави Христијан Мицкоски непосредно по приведувањето на Вељановски, Јанакиевски и Ристовски. И додаде дека е тоа заради теророт (ова е моја слободна, збирна интерпретација) што го спроведува власта врз населението во Македонија. Другото, кога веќе се беше качил на говорница, Мицкоски го посвети на авансирање на партиската пропаганда за изборите.

Се чини дека е ова климаксот на погрешната политика на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена, макар и по цена на сопствено глупирање, да не се дистанцира од насилствата на 27 април. Работата стигна до таму што сега, без никакво големо изненадување, Обвинителството ќе се обиде, на правен начин, да докаже дека зад насилствата, како организатор, инспиратор и финансиер, стои тогашниот врв на партијата, на чело со Груевски. Велам „на правен начин“, бидејќи политички и на последниот и најнеинформиран член на таа партија, како и на целото останато граѓанство во Македонија, од почетокот му е јасно дека Обвинителството е во право. Во политичка смисла, нема во ова сознание никакво прејудицирање на вина, бидејќи луѓето во Македонија, во просек, имаат здрава памет.

Овој, од сите можни, најпогрешен гамбит што одбра да го игра Мицкоски по доаѓањето на чело на партијата, веќе ја чинеше ВМРО-ДПМНЕ да остане на маргините на историските процеси што од таа априлска вечер во 2017 година, до денеска, се случија со Македонија. „Оверката“ им ја направи дури и Трамп со своето писмо до Заев. Тоа е политичкиот историски супстрат што ќе остане запаметен и за следните генерации, а не анегдоталните говоранции по прес-конференциите и другите видови на разно-разни сегашни партиски собири на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Мицкоски и колегите од сегашното раководство не собраа сила да се издигнат над своите суети и сопствените, очигледно, скромни политички формати, но и интересите за опстанок на оние кои им помогнаа да дојдат на власт во партијата. Се однесуваа како да водат дуќанче за продажба на сандалки и бели чорапчиња, во време кога опонентите им облекоа железни опинци за да направат меѓународен пробив што ќе ја одреди судбината на земјата на подолг рок. Сандалките со бели чорапчиња загубија.

Денеска, во таа партија се изработуваат по неколку различни анкети неделно кои ги мерат реакциите на јавноста во однос на актуелната ситуација во земјата, а во тие вкрстени статистики, во зависност од тоа кој како ви ги толкува, веројатно има тенденции што можат да се интерпретираат како сегментирана етничка поддршка за сегашната политика на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, на Мицкоски би требало некој да му објасни дека ниту еден политички лидер во светот не е роден со читање резултати од анкети. Зошто? Бидејќи анкетите можат да помогнат во менаџирање на некоја дадена ситуација, но не можат да придонесат да имате визија, ако ја немате. На англиски, тоа се вика: Running by the polls, not by the goals.

Лидерите, пак, се разликуваат од менаџерите по тоа што првите имаат визија, а вторите само способност да организираат и раководат процеси за остварување туѓи визии.

ВМРО-ДПМНЕ денеска нема лидерска визија. Има колекција од демагошки пароли за тоа колку е лоша оваа власт. Водството на партијата не знае каде ја гледа државата во нејзините суштински стратегиски ориентации – а нема ни поим како би стигнале до таму. Се заглавија во менаџирање на кризата во која се најдоа по заслужениот пад од власта и продолжуваат да чепкаат – како со стапче во лепешка – во буништето на дневната политика преплавена со обвинителни акти, апсења и безброј судски рочишта.

Затоа и ќе ги загубат претседателските избори. Бидејќи не е доволно да понудиш фикус да се замени со кактус, кога на земјата ѝ се потребни орхидеи.

 


Монтажи: Свирачиња
Извор: Цивил Медиа