Дали траумата може да се наследи

22.02.2019 00:17
Дали траумата може да се наследи

Научници од Калифорнија кон средината на октомври објавија истражување за затворениците во Американската граѓанска војна во кое се наведува дека кај машките деца на злоставуваните воени затвореници биле утврдени 10 проценти поголеми шанси да умрат отколку кај нивните врсници на која било возраст.

Авторите заклучиле дека ова откритие е во согласност со „епигенетското објаснување“ кое претпоставува дека траумата може да остави хемиски белег кај гените, кој потоа се пренесува на следните генерации. Тој белег не им нанесува штета на гените - нема мутација - туку го менува механизмот заради кој гените се конвертираат во функционални протеини, или механизмот заради кој доаѓа до експресија на гените.

Полето на епигенетиката е популаризирано пред една децанија, кога научниците утврдија дека децата кои во матката биле изложени на Холандската гладна зима, период на глад пред крајот на Втората светска војна, носеле одреден хемиски белег, односно епигенетски потпис, на една од своите гени. Научниците подоцна утврдиле врска помеѓу тоа откритие и разлика кај здравјето на децата во подоцнежниот период од животот, вклучувајќи и зголемена телесна тежина.

Возбудувањето растело, а истражувањата се множеле - за потомците на преживеаните од Холокаустот, на пример - кои укажувале на наследноста на траумата.

Тие истражувања сугерираат дека наследуваме некаков белег од искуствата на нашите родители и нивните родители, особено од нивното страдање, кои го модификуваат нашето здравје, но и здравјето на нашите деца.

Меѓутоа, таа хипотеза предизвика полемики меѓу истражувачите. Оние кои ја критикуваат оваа поставка сметаат дека биологијата каква што се имплицира во наведените истражувања не е плаузибилна, додека епигенетичарите, од друга страна, тврдат дека нивните докази се цврсти.

Оние кои детално се занимаваат со ова прашање сметаат дека критиките се избрзани. Истражувањата на глувци се наведуваат како доказ за пренесувањето на траумата.

„Ефектите што ги откривме се мали, но впечатливо конзистентни и значајни“, вели Може Зиф, професор по фармакологија од Универзитетот Мекгил во Монтреал.

„Науката функционира токму на овој начин. На почетокот е несовршена, но напредува со сѐ поголемиот број истражувања.“

Полемиката се врти околу генетиката и биологијата. Директните ефекти се однесуваат на следното: кога трудницата консумира алкохол, тоа може да доведе до фетален алкохолен синдром. Тоа се случува затоа што стресот што го трпи мајчиното тело делумно се пренесува на фетусот, што директно влијае на нормалниот развој во матката.

Меѓутоа, никој не успева да објасни на кој начин можат да се пренесат промените во мозочните клетки од злоставувањето на потполно оформениот сперматозоид или јајце клетка пред оплодувањето. И тоа е само еден од предизвиците. По зачнувањето, кога ќе се сретнат сперматозоидот и јајце клетката, почнува природен процес на чистење во кој се бришат најголемиот дел од хемиските белези.

Најпосле, додека се развива оплодената јаце клетка, паралелно се одвива и симфонијата на генетското прегрупирање, додека клетките се делат на мозочни, кожни и други. Како трауматскиот потпис го преживува сето тоа?

Една теорија се темели на истражувањата на животни. Неодамнешните истражувања извршени во Медицинското училиште во Мериленд, кои ги водеше д-р Трејси Бејл, се занимаваат со одгледување бели глувци во тешки услови (со тресење на кафезите или оставање светло ноќе), што влијаело на однесувањето на гените на глувците во смисла на промена на начинот на кој тие се соочуваат со порастот на хормоните за стрес. Таа промена е поврзана со промените во начинот на кој нивните младенчиња го поднесуваат стресот: младите глувци послабо реагираат на хормоните во споредба со тестираните глувци, вели Бејл.

„Ова се јасни, конзистентни тврдења“, наведува таа. „Ова поле драматично напредуваше за само пет години“.

Илустрации: Zhongwen Hu

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото