За парите и за уметноста

22.02.2019 01:57
За парите и за уметноста

Еден наш млад уметник напиша: култура (или уметност) гледана преку призмата на парите не е култура (или уметност). Извлечена е точна констатација од суштинска мисла доведена до логичен заклучок! Сликите кои уметникот ги изработува специјално за продажба секогаш се, некако, допадливи. Оти, ја преминува тенката линија: создава комерцијални слики, не уметнички. Нема компромис во креативниот чин, па да се изработува малку уметничка, малку комерцијална слика. Може да се направи аналогија со двата концепта за естетиката на пејзажот, односно призорот од природата кој носи естетско уживање, дефинирани од енвиронменталната естетика: уживањето во категоријата на питорескен пејзаж на некоја типизирана сцена која често преминува во кич, наспроти призор на недопрената од човекот природа, или на дивината како подлабока природна смисла. Во естетиката на дивината, и барите и „неугледните“ ливадски цвеќиња и грмушките и молњите и возвишените снежни планински врвови, саваните и прашумите, имаат еднакво (естетско) значење.

Но, дивината е монотона и досадна или стравотна за оние кои одбираат само сцени со залез на сонцето под палмата крај морето, со идеална температура на водата, дремење на лежалката цел ден и пивкање сок од тропските овошја (се разбира, и тука има големо уживање и убавина, не велам, не). Езерото не го сакаат со „валканите“ трски и со тревите и цвеќињата кои растат на брегот и со „одвратните“ алги кои им се заплеткуваат во нозете кога пливаат. Да заклучиме: човекот „природно“ ја сака удобноста на конформизмот и кичот, а не возвишените идеи и идеали, за кои треба да гине секој ден. Не сака ниту „обични“ нешта, туку само спектакуларни и грандиозни.

И пак да се вратам на парите и уметноста. Од 2009 година кога не добив финансиски средства за изложбата Езеро мое, јас повеќе не конкурирам на конкурсите на Министерството за култура. Така незаинтересирана за кариера, слава, престиж, популарност и слични нешта, воопшто не се ни обраќам на галериите и музеите за да покажам дека постојам. Тоа ме чини многу, имено, ако делото не е изложено, односно „институционализирано“ (демек) исто како и да не постои. Не ми е грижа за такви правила во дефинирање на „уметноста“и „уметникот“.

Се грижам само за работата која го отелотворува идеалот на слободата и вистината и убавината. И во таа смисла не правам компромиси. Но, не сум ни против изложби, и тоа би го правела со големо задоволство. Сепак, не прифаќам какви било ограничувања на духот и на формите низ кои (треба да) се реализира уметноста. Од концептуалните уметници и уметниците на перформансот и хепенингот, кои се изборија за флуидноста на уметничкото дело, тоа го научивме. Сега да се враќаме назад, во тврди состојби, некакви фетиши? Односот меѓу историчарите на уметност, кураторите, кустосите и уметникот, исто така, треба да се промени.

Мислам на односот теоретичар – уметник, не толку на односот институција – уметник кој го сметам за спореден и помалку важен. Можеби тие две страни треба да се сретнат на половина пат едни кон други, почитувајќи се повеќе. Малку и едните и другите да излезат од својот концепт во сфаќањето на уметноста, оти во фузијата на различното сфаќање на уметничкото дело резултатите се фантастични. А, толку експлоатираниот поим „проект“ веќе не го ни употребувам. Толку е банализирано значењето на овој термин од милиони „проекти“, и не само во културата, што ја изгуби смислата. За мене многу разни едноставни и скромни нешата се уметност (на живеење). И овој текст е една форма на изложба, најфлуидна и најдиректна до тој којшто ќе го отвори сајтот.

Ама, ништо не може да се спореди со возбудата кога сликите така распоредени на подот во галеријата „се креваат“ и се поставуваат на ѕидовите. Во тој момент нешто се случува во просторот – тие создаваат амбиент. Уште повеќе, кога во тој амбиент се нурнуваат љубителите на сликарството, сликите се реализираат во полн сјај ( и авторот преку тој настан и публиката).

До работ

На планетата ѝ се заканува тотална еколошка катастрофа, а ние не гледаме подалеку од носот и се грижиме само за себе и за својот „проект“. Македонија е далеку од свеста за сериозноста на проблемот со загадените океани, озонските дупки поради неконтролирана сеча на шумите на Амазон, видови кои исчезнуваат или заканата од фашизам или нуклеарна војна, но, да се нема елементарно чувство за чист простор, за чиста средина, да се нема елементарна еко-култура е исто толку страшна катастрофа од локален карактер. Во сите епохи разни револуционери имале силно чувство за неопходноста од промени. Тоа не е новитет. Но, работ до кој стигнавме во оваа епоха ( и на глобално и на локално ниво) е новитет! Сите форми веќе се изцрпени, изживеани, па ако сакаме да напредуваме, а не да продолжиме по инерција (во автодеструкција), потребен е квантен скок во (само)свеста и воедно во нејзините форми на израз.

Постојано се прашувам зашто во западната науката сè уште се прифаќа авторитет кој нема увид во подлабоки вистини за креацијата и во повисоки димензии на постоењето? И, зашто човекот се студира (се дефинира) најпрвин и главно како општествено битие, а потоа како природно и духовно? Таканаречениот татко на западната психоанализа навистина ги откри скриените нишки/спреги на/во патријархатот, но, токму и благодарение на неговата психоанализа сега сме потполно заплеткани во лавиринтите на несвесното и никој не гледа излез во догледно време. Не можеме проблемите на патријархатот да ги решаваме кога во основа на нашата размисла ги имаме теориите кои се исто така патријархални. Треба да се одлепиме од нив, да ги отфрлиме ан блок и да се свртиме кон сосема други концепти, да се катапултираме во посеопфатна вистина и визиија.

На сличен начин естетиката на грозното, грдото и ужасното која, несомнено, жестоко ги критикува денешните состојби во светот, уште повеќе ја интензивира грозотијата и злото. И не посочува решение на проблемот. Така само се закопуваме во уште поголема мизерија и духовна беда. Уметноста сите искуства ги интензивира. Ако нешто сакаме да промениме, првин треба тоа да го преобразиме (да го неутрализираме негативниот набој), а потоа да му се вратиме на проблемот со повеќе опции за негово решавање, и малку хумор да внесеме и позитивна енергија.

Зашто интелигенцијата од Западот (како да) не сака да ги пречекори ограничувањата кои ги поставува западната култура, немоќна да се измолкне од духовната и морална криза тоне во замрсени, сложени, нерешливи ситуации, зачепувања на енергијата? Не покажува интерес да се запознае со други концепти, кои евентуално, се излез од нејзините непродуктивни стереотипи во сфаќањето на човекот, светот и универзумот? На пример, во динамичниот концепт Тао, јин и јанг се вовлекуваат и испреплетуваат едното во другото, животот кон кој се стреми човекот е хармонија без непремостливи јазови и исклучувања.

Мислам дека треба да се свртиме кон чисто еко-космолошки и примордијално-длабоки универзални концепти, колку апстрактни толку и органски, според кои женскиот и машкиот принцип се во космичка игра, вткаеност и фузија (како основа за градење на теоријата и врз која како појдовна точка ќе се анализираат постоечките проблеми). Зашто да се ограничуваме само на западната мисла и култура и воопшто само на антропоцентрични концепти? Кога човекот е далеку од совршено суштество? Според Ведантата, човекот на овој степен од еволуцијата е бебе од една година во духовна смисла. Тој не е образец, или барем не е реализирано битие во однос на својот потенцијал за да биде образец со кој треба да се поравнуваме. Тој е битие во постанување (being-in-becoming).

Но, полесниот начин е кога се ограничуваме на еден светоглед, кој и покрај сите недостатоци, е наш, добро познат? Така ни е подобро, макар страдале мачно од истите тешки проблеми кои постојано ни се повторуваат, отколку да истражуваме нови култури и нови простори кои ни го освежуваат умот и виталот?

Колку е поширок хоризонтот на нашите очекувања, или колку повисока и посовршена вистина си поставуваме како цел кон која постојано се стремиме да ја спознаеме во нашиот живот, толку поголема сила и позитивна енергија и неизмерни пространства добиваме како амбиент и како визија...

Слики : Татјана Миљовска, од серијата Езерото Манасаровар, 2018/19

 

 

ОкоБоли главаВицФото