Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (17)

22.02.2019 12:37
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (17)

Ирена Јорданова, Послушен брод што плови (Или-или)

 

Кога првиот пат си заминав од него, се креваше на плоштадот, како Исус лебдеше во близина на една клупа со раширени раце, додека луѓето вчудовидено го гледаа, снимаa, а јас сакав да видам дека не можам да го поднесам, да го исмеам внатре во себе, да ја побарам омразата, да ја кренам како бран да го удри и да го распарчи еднаш засекогаш. Ама гледав во лицата на луѓето, во нивните широко отворени очи. Сите тие луѓе околу него чувствуваа дека не постојат, заборавија на своите животи, на своите сакани, блиски, деца и родители, го гледаа како лета, зашто тоа беше вистина, тој леташе пред нивните очи. Им одзеде неколку минути од животот, ме гледаше од височина и самозадоволно се смееше, не знаеше дека доаѓам за да ми се згади од него еднаш засекогаш. Можеби и знаеше, зашто честопати знаеше премногу, зачудувачки премногу.

Гомнар скапан.

Така во главата ми одѕвонуваше, секогаш и секогаш. Се смееше и ме гледаше, уживаше во моите растечени мисли, разлеани по лицата на публиката, срочени во моите зеници јасно, јасно како благо изгрејсонце, не многу рано наутро. Ниту нежно, воопшто, напротив, многу грубо, сонце што пече рано наутро, така проклето.

Сакав да му го заебам трикот, да ги скинам сите невидливи жици и сѐ што употребува за да биде илузијата успешна, а внатре горам како вулкан подготвен да ја исфрли лавата надвор, на чуден начин се гордеам со него.

Стока.

Многу, многу сакав да го убијам. Пред да го запознаам, не го познавав тоа чувство, беше како изрека: „Сакам да го убијам овој човек“, така кажана попатно.


Не, навистина сакав да го убијам.

До кога вака?

„Засекогаш“, се смееше недоквакано.

Проклето суштество.

До повраќање, ете така, умри.

„Не тропај глупости, веќе аман!“ - Марина секогаш згрозено реагираше на моите испади. „Едноставно е, ќе си ги спакуваш куферите и ќе си заминеш“, ме убедуваше.

А магијата?

А?

А?


Може ли да го убијам пред да си заминам? Веќе никој не ме слушаше.

Повеќе ништо не е едноставно.

Ја барам едноставноста, ми треба, ја посакувам. Изгледа знаеше дека има силни желби, посилни од моите, проклетникот, можеби навистина зборуваше со ѕвездите, си раскажуваа приказни, им кажуваше што му треба, а тие му одговараа на желбите.

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.