Фин јазик е сјај за усни

22.02.2019 12:46
Фин јазик е сјај за усни

 

Се разбудив во афект.


Намести го шахот. Ми се игра со коњ.


Свирам на ненаштиман инструмент. Не сум контрол фрик.


Фин јазик е сјај за усни.


Реков извини без пардон.


Пијам чај од коприви, лепи громе мој.


Сѐ уште ме мачи како чевличките на Пепелашка не се претворија во опинци на полноќ.


Извадив дозвола за поседување тенкоминец.


Убиј ја и ќе те сака до смрт.
 

Еволуцијата нѐ искористува.


Ниедна од моиве грешки не се погоди од тие што може да им се случат и на најдобрите.


Преправај се дека се познаваш.


Ќе се фалев дека се палам на паметни и убави, но скромноста е врелина.


Би ти понудила помош, но не сум сигурна дека не ти треба.


Те сакам Достоевски и назад.


Можам да сум ограничена до бескрај и назад.


Ана Каренина не сака неВронски мрежи.


Ти би рекол дека си ми реалност. Јас би рекла дека си го живеам сонот.
 

Венера има убава клитосфера.


Им прилегам на повредите.


На лице место за уште една брчка.


Не е сѐ во изгледот. Само тоа што ми треба.


Имам вештачки трепки зашто симулирам светоглед.


Глава е стресна работа.


Дур да сфатиш дека умот ти е игра, некој веќе ти го свртел.


Таман се адаптирав ме информираа дека сум луда.
 

- Ме боли половината.

- Oд кога ти викам дека јас сум ти подобрата половина.


- Ме сакаш?

- Neinмногу.


- Најмил си ми.

- Лажеш!

- Жими сѐ најмило!


- Не те сакам повеќе.

- Повеќе од?


- Како заработуваш за живот?

- Кој не ме знае скапо ме плаќа.

 

Драма едночинка

Ја купи со љубов и ја обеси на корниз.

(завеса) 

 

Слики: Julie Cockburn

 

ОкоБоли главаВицФото