Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (18)

23.02.2019 14:07
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (18)

Кица Колбе, Земја на бегалци (Или-или)

 

Уште таа го памети јасно тоа неделно попладне, кога Тодор ги сликаше за таа фотографија. По егејскиот неделен ручек, ориз со кокошка и супа од киселец, сите роднини тргнаа во поворка по патот кон полето спроти фабриката за брашно. Поворката го следеше татко им и фотографот Тодор. Тие одеа пред нив и ја носеа масата. Таа, на која сите штотуку ручаа заедно. Кога сите стигнаа во полето со трњето и боцките, Тодор и татко им ја кладоа масата сред полето. Дедо им Дине го носеше фотографскиот апарат толку внимателно, како тој да беше пушка. Што секој миг може да пукне. Бабите и другите роднини ги носеа столовите. И баксите со шарените хартии и со писмата од Америка. Мајка им го држеше бебето, брат им Климент, в раце. Сестра ѝ Маре се држеше за фустанот на мајка им. Таа, чупката, го носеше дебелиот, сино-бел чаршав, со вкрстени риги во вид на мали и големи квадрати. Тој сетне беше послан среде полето, врз ретката трева. Врз чаршафот седна дедо им Дине. А до него, лево и десно ги седнаа чупките. Сè според инструкциите на фотографот Тодор. Баксите им ги кладоа во скутот на Маре и на Фросе. Маре во истиот миг гласно вресна. Таа никогаш не сакаше да се слика. Не сакаше таа ни да седи на чаршафот. Најмногу не сакаше таа да ѝ ја извадат цуцлата од устата.

„Не препца на кадро со цуцла“, ја убедуваше мајка им.

Сестра им Маре вресна најсилно што можеше. Ја оставија да се слика со цуцлата. Се гледа и на сликата дека Маре е налутена и расплакана. Таа, поголемата чупка, Фросе, додека ги сликаа, се плашеше само од тоа да не одлетаат хартиите и писмата од отворената бакса. Во очите јасно ѝ се чита стравот. Ги склопи таа рацете една врз друга врз писмата, за да ги заштити од ветерот. Во тој миг нешто блесна во апаратот, закачен на ногарки во земјата пред нив.

„Ајде! Готови сте, душички“, викна радосно Тодор, нивниот приватен фотограф.

„Ајде, ве кадросае, мили на баба! Нека ви е на здравје“, им рече баба им Гина и ги бакна во темето.

Дедо им Дине остана да седи врз ќебенцето. Сега му го кладоа в скут од страв препалениот Климче. Тој само широко, но со многу благост, ги оџагори големите зелени, толку чисти детски очи.

„Ајде, и Климче се кадроса“, викна Маре додека таа скокаше на една нога по патот. Зборуваше Маре секогаш сосе цуцлата во уста.

Тоа беше единствениот луксуз во нивниот фамилијарен живот во земјата на бегалците. Нивниот приватен, фамилијарен фотограф. На фотографијата не се гледаат бабите во црнина, седнати на столчињата среде полето. Ниту минувачите, застанати на патот, да гледаат сеир. Ниту масата, до која седеше мајка им, свртена кон нив со грбот. Таа во тој миг го доеше брат им Климе. Ѝ се радуваше на глетката.Тие нешта не се гледаат на фотографиите. Ама таа, Фросе, ги памети уште, како да беа вчера. Затоа што таа сите нешта таму, во земјата на бегалците, ги доживуваше силно и трајно. Отсекогаш знаеше Фросе дека таа земја не е обична земја.

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.