Промоција на збирката раскази „Последните голтки“ од Елизабета Баковска

25.02.2019 02:21
Промоција на збирката раскази „Последните голтки“ од Елизабета Баковска

Во МКЦ вечерва во 20 часот ќе биде промовирана збирката раскази „Последните голтки“ од Елизабета Баковска.

За книгата ќе зборуваат Оливера Ќорвезироска и Тихомир Јанчовски. Раскази ќе чита Ана Василева. Фотографиите од книгата ги изложува Сашо Димоски.

Последните голтки е најновата, втора збирка раскази на Баковска, по „Четири годишни времиња“ од пред 14 години. Поднасловот ѝ е „раскази за суштински нешта, вторпат“, наспроти поднасловот на првата збирка: „раскази за суштински нешта“. Во неа има два циклуса: Раскази во трето лице и Раскази во прво лице, при што во првиот циклус се поместени 9 подолги раскази, а во вториот – 10 покуси. Иако поделбата е направена така да нѐ залаже дека во првиот дел се неличните, измислените приказни, а во вториот – обратното (личните, неизмислените), сепак тоа не е издрживо како основна подлошка за интерпретирање. Повеќе би рекла дека првите се малку помалку, вторите – малку повеќе лични. Сѐ на сѐ, „Последните голтки“ е книга на и за сеќавањето, некаков тефтер од минатото потпикнат под масата на сегашноста, за да ја направи постабилна, за да не се клати“, пишува Оливера Ќорвезироска.

Елизабета Баковска (1969) дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на Институтот Евро-Балкан. Преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика.
На македонски јазик ги превела Надин Гордимер, Вилијам Фокнер, Бора Ќосиќ, Давид Албахари. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на англиски, шпански, романски, бугарски, словенечки, српски, црногорски јазик.

Објавени книги:
- Житие на нашата љубов, поезија (Маседониа Прима, 2003)
- Четири годишни времиња: раскази за суштински нешта, раскази (Блесок, 2004)
- Состојби на духот и телото по триесеттата, поезија (Блесок, 2005)
- На пат кон Дамаск, роман (Слово, 2006)
- Варварите сè уште пишуваат поезија, поезија (самостојно издание, 2015)
- Сопствена соба, сопствено гето: женското писмо во современата македонска проза, книжевна теорија/критика (самостојно издание, 2016)
- Тринаесет осврти за книжевни и слични дела, книжевна критика (Блесок, 2018)
- Последните голтки: раскази за суштински нешта, вторпат, раскази (самостојно издание, 2018).

 

 

ОкоБоли главаВицФото