Споделба или поделба

13.10.2010 10:18
Споделба или поделба

Да можеа да ги бираат своите паши на избори,
нашите претци ќе можеа да живеат
во горе-долу ист општествен систем со нашиов.

Што е тоа јавен простор? Вака лаички кажано, јавен простор би требало да ти биде некаква физичка површина која им припаѓа на сите, ете да се изразиме и ние со јазик близок до нашите учебникари. Но, колку и да сме пропатриотски ориентирани и научени да си ги цениме сопствените умови и традиција, сепак да си потпрашаме кај подокажани зналци на оваа тема: Розалин Дојч (Rosalyn Deutsche) наведува дека јавен простор: „...е не само она што се однесува на постоечки физички урбани површини, како што се паркови, плоштади, улици и слично... јавниот простор може да се дефинира (и) како збир на институции каде граѓаните се ангажирани“. Според неа, јавниот простор ги вклучува и уметноста и архитектурата кои се исто така обележани со ваква граѓанска споделеност, но и сфери на заедничка активност и комуникација. Јавниот простор е резултат на постојана динамика, на премини и трансфери, па она што некогаш било приватен простор, творба или посед, може да премине во јавен. Со други зборови, јавниот простор покрај својата физичка димензија, има и своја симболичка или над-физичка компонента. Јавниот простор може да се однесува и на сферата на медиумите, како уште еден показ за тоа какви сè манифестации јавното може да има.

Ако некако вака оперативно ја стокмиме овде потребната дефиниција за јавниот простор, како пак да им пријдеме на нашите тековни состојби на овој план?

Сведоци сме дека оние кои се сметаат за победници во нешто-си, најчесто политиката, јавниот простор го доживуваат како простор за поделба, а не споделба. Тоа е простор за освојување и завластување, а не простор за сплотување. Јавниот простор е добро кое победниците ќе си го поделат меѓу себе. Јавниот простор треба да се освои физички, па потоа да му се даде симболички печат за надмоќта на оној кој го владее и кој ќе остане што е можно подолго. Како таа посесивна перцепција на јавниот простор функционира ни стана јасно и со последните преуредби на главниот град и јавниот простор во него, како и со скорешното поткусурување на политичките моќници и нивното „фер договарање“ за поделби на јавниот простор.

Колку и да се бараше дебата, таа сепак се покажа како неможна во ваквото царство на директна примена и потврда на моќта. Јавниот простор остана примарна сфера каде се манифестира своевидна репримитивизација на јавното како простор за симболичка манифестација на моќта, надмоќта и власта. Освојувачката логика надвладува и во останатите спомнати сфери на јавното, како што се културата, медиумите, итн. Сè тоа треба да биде освоено и ставено под своја шепа. Контролата е единствен тип на однос кон јавното.

Намените на јавниот простор од практична природа, или пак можностите тој да биде основа за градење на заеднички граѓански, културен и национален идентитет, се подбутнати настрана. Иако јавниот простор е срцевината на заедништвото и сплотувањето на заедницата, тоа кај нас не е случај. Кога беа упатени критиките од страна на албанската заедница дека во новото преуредување на јавниот простор нема ништо „албанско“, реакцијата беше единствената можна: добро, ќе поделиме и ќе ви доделиме нешто од тој јавен простор. Повторно проработува примитивната освојувачка логика на „поделба на пленот“, која прави длабок засек во правец на поделба на јавното и силно дистанцирање од процесот на споделба. Нам нашето, вам вашето, толку колку што ви следува, моќта рационализирана низ некакви бројки. Јавното како простор за заедништво и споделба се целосно погазени. Кога ќе ја примените таквата логика на посесивно поделување и обележување на јавното, веднаш предизвикувате реакција од оние кои се чувствуваат поразени и погазени, па оттаму и реакциите на политичките соперници, и сите други кои не ја прифаќаат ваквата инвазија на јавното. Инвазиската логика не може да изврши сплотување ни на внатре-етнички план, а камоли да го направи тоа на национален план.

Проблемот не е во тоа што етничкото или идеолошкото бараат свои манифестации, признанија и обележја, проблемот е во тоа што се застанува на нив, се ретардира општото, националното, или надетничкото, а потребната надградба која треба да даде простор за заедничка идентификација целосно отсуствува. Не е проблем да има македонско, албанско, турско, српско, и така редум, проблемот е што нема сврзно ткиво на заедничкото. Имаме натрупано „органи“, но нема функционална поврзаност на различното, на одделното и добиваме некаква франкенштајновска творба од заедница, општество, па и нација ако сакате.

Кој треба да се грижи за споделувањето? Во одбрана и борба на секој на своето, го загубивме заедничкото, секако и најважното. За него вреди и да се потсетуваме, но и да се бориме со сите цивилизирани и демократски средства.

 Не се вели претци туку

 Не се вели претци туку предци. Тоа е исклучок од правилата за едначење по звучност ми се чини. Проверете во Правописен речник! Поздрав
 
Коректура!
 

 Се бара најнизок зеаднички

 Се бара најнизок зеаднички именител...
 

ОкоБоли главаВицФото