Неопходно е да се регулира менувањето на гените

27.02.2019 02:51
Неопходно е да се реегулира менувањето на гените

Пред една година, д-р Метју Портеус, генетичар од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, примил неочекуван мејл од млад кинески научник кој барал двајцата да се видат.

Неколку недели подоцна, Хе Џануки стигнал во канцеларијата на д-р Портеус и соопштил нешто неверојатно. Рекол дека добил дозвола од кинескиот етички одбор да изведе вештачко оплодување со човечки ембриони кои генетски ги модификувал. Експеримент кој никогаш претходно не бил објавен и кој, патем, е илегален во многу земји.

„Четириесетина минути му зборував колку тоа е погрешно, колку е непромислено“, вели д-р Портеус.

Д-р Портеус не го пријавил д-р Хе, затоа што мислел дека успеал да го разубеди, а и не бил сосема согурен кому би требало да се обрати во Кина. Истото го направиле и другите двајца американски научници на кои им се доверил д-р Хе.

Сега, речиси три месеци откако д-р Хе го потресе научниот свет со соопштението дека ги создал првите генетски модификувани бебиња - близнаци, родени во ноември - најголемите научни и медицински институции во светот се обидуваат да усвојат меѓународна регулатива за да се спречат ваквите неморални експерименти.

Меѓутоа, научниците не успеваат да се усогласат на кој начин треба да се направи тоа. Дури и креаторите на Криспр, инструмент за менување на гените кој го користел д-р Хе, предложуваат сосема поинаков пристап.

Некои научници сакаат целосна забрана за менувањето гени. Други сметаат дека забраната би била претерана и дека би било невозможно да се наметне. Некои предложуваат научните списанија да не ги објавуваат истражувањата за модифицирање ембриони. Други велат дека тоа решение е неефикасно.

Меѓутоа, повеќето научници се согласни дека здравствените и образовните институции би требало да реагираат што побрзо. Светската здравствена организација формира панел кој ќе развива глобални стандарди во оваа област според која ќе треба да се водат националните влади.

Лидерите на Националната академија за медицина и Националната академија на науките во САД, заедно со Кинеската академија на науките, предложија со академиите од другите земји да работат на развивањето критериуми.

Секоја земја би требало договорените мерки да ги имплементира и да ги примени на национално ниво, иако во повеќето земји веќе постои релевантна регулатива.

Не се стравува дека само бебињата подоцна би можеле да имаат непредвидени здравствени проблеми, или дека ќе има обиди да се создаваат генетски модификувани бебиња за одредени физички особини, интелигенција или спортска подготвеност. Научниците се загрижени заради реакциите на менувањето на гените кое не вклучува ембриони и има поголем потенцијал да лекува или да спречи болест.

Хе Џануки

Не само што некои американски научници знаеле за намерите на д-р Хе, туку еден и го поддржал во тоа. Неговиот некогашен советник на Универзитетот Рајс во Тексас, Мајкл Дим, рекол дека бил присутен кога во Кина д-р Хе добил согласност од двојките кои учествувале во проектот. Универзитетот Рајс моментално спроведува истрага.

Д-р Хе, кој сега е во своите триесетти години, ѝ стана познат на пошироката јавност откако во ноември ѝ се обрати на јавноста преку видео снимка.

„Бев ужасната; ми беше физички лошо“, вели Џенифер Дудна, творец на Криспр.

Хе рече дека кај ембрионите ги блокирал гените кои предизвикуваат развивање ХИВ кај луѓето, што од медицински аспект е сосема непотребно имајќи предвид дека постојат поедноставни и побезбедни начини за превенција од ХИВ.

Податоците кои ги претстави д-р Хе покажуваат дека менувањето на гените кај бебињата можеби предизвикало непредвидени генетски измени кои предизвикуваат извесни здравствени имликации. Се сомнева дека д-р Хе не ги упатил докрај родителите на генетски модификуваните бебиња за ризиците од овој експеримент.

Уште еден Американец со кој разговарал д-р Хе, д-р Вилијам Хурлбат, професор по етика на Стенфорд, истакнува дека тој во разговор со кинескиот научник изразил негодување, предупредувајќи го дека „тоа би можело да му штети, да го понижи“.

Ако д-р Хе работеше во системот на американските универзитети и институции за финансирање, научниците ќе можеа да предупредат за неговите намери, вели д-р Франсис Колинс, директор на Националниот здравствен институт.

Кинескиот систем е толку комплексен што американските научници не ни знаеле „на кој начин и кого да предупредат“, додаде д-р Колинс.

Обидите да се воспостави координиран меѓународен одговор го достигнаа врвот на крајот од јануари кога кинеските власти соопштија дека со истрага е утврдено дека д-р Хе „тешко ги прекршил“ државните закони, според наодите на кинеските државни медиуми.

Како што е соопштено, тој ја фалсификувал дозволата од етичкиот одбор, користел небезбедни и неефикасни методи за менување на гените, но и намерно ја избегнал супервизијата и лесно би можел да се соочи со кривични пријави.

Универзитетот за наука и технологија во Шенџен го раскина договорот со Хе.

Најпрвин не беше познато дали ќе има некакви последици за кинескиот научник. Во последните години Кина вложуваше милиони во науката со цел да ги врати кинеските научници како д-р Хе кој завршил докторски и постдипломски студии во САД.

Најмалку едно големо научно списание одбило да го објави истражувањето на д-р Хе пред самиот да соопшти што постигнал, а научниците полемизираа дали треба да се објави проектот.

Иако д-р Хе рече дека негова мотивација била да ги заштити луѓето од ХИВ, тој исто така очигледно сакал одобрување од водечките научници. Неколку месеци пред да се родат близнаците со изменети гени, тој сакал да го посети Фенг Џанг, вториот творец на Криспр. Состанувајќи се со него во неговата лабораторија во Бостон, му ги покажал податоците за менувањето на гените кај ембрионите во лабораториски услови, што д-р Џанг не го возбудило премногу зашто неколку научници веќе постигнале нешто слично. Но, д-р Џанг остро ги критикувал „големите проблеми“ во резултатите на д-р Хе. Хе не го споменал оплодувањето со изменети ембриони, вели Џанг.

Некои експерти сметаат дека најдобар начин за спречување на погрешната употреба на изменетите ембриони е координирана акција во која ќе бидат влучени сите јавни и приватни актери кои се занимаваат со нови научни технологии, а меѓу кои се и регулаторните агенции, канцелариите за патенти, фондациите и осигурувачките куќи. Неодамна, Р. Алта Чаро, биоетичарка од Универзитетот во Висконскин, препорача „обемен екосистем на јавни и приватни субјекти кои ќе ги зауздаат несовесните меѓу нас“.

Прв чекор би можела да биде меѓународна комисија која ќе ја предводи американската академија за наука и медицина; голем број земји веќе се согласија за формирање ваква комисија, вели д-р Виктор Џау, претседател на Националната академија за медицина во Вашингтон.

Актуелните стандарди посочуваат дека изменетите ембриони можат да се користат за оплодување само со цел спречување или лекување „сериозни болести или инвалидитети“ во случаите кога нема „разумна алтернатива“.

Д-р Џау сака поодреден пристап, односно точно дефинирање на случаите во кои е оправдано да се користат изменети ембриони.

Тој истакнува дека комисијата би можела да предложи забрана на оплодувањето на ембрионите со изменети гени.

„Доколку го изговорите зборот на буквата ’з’, тоа има малку повеќе моќ“, вели за забраната д-р Колинс од Националниот здравствен институт и додава дека за нејзиното укинување би бил неопходен меѓународен договор и дека одредени земји не би можеле да ја укинат. „Мислиме дека тоа сега е во ред“.

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото