ЕВН ги крие парите на граѓаните од таксата за улично осветлување

28.02.2019 01:19
ЕВН ги крие парите на граѓаните од таксата за улично осветлување

По трагите на еден ревизорски извештај

Граѓаните на Република Македонија и правните субјекти секој месец на име комунална такса за улично осветлување уплаќаат во просек месечно повеќе од 2 милиона евра на ЕВН, односно повеќе од 27 милиони евра годишно.

Средства, кои понатаму ЕВН треба до денар да им ги врати на општините за подобрување на инфраструктура во уличното освелување кое, според законот, е во надлежност на општините.

Ревизорскиот извештај на Државна ревизија за 2017 (Годишен извештај 2017) година укажува дека овие средства нетранспарентно се објавуват, дека општинините немат целосен увид во точната сума на уплатените средства од страна на граѓаните и деловните субјекти и дека со право можат да се сомневат во висината на точниот износ кој ЕВН го предстваува и го префрла на нивните сметки.

Таксата за улично осветлување се наплаќа на секој регистриран струјомер во висина од 149 денари за домаќинствата и 278 денари за деловните субјекти.

Сè би било во ред и транспарентно кога ЕВН би се согласила да каже колку струјомери се регистрирани на територија на секоја општина. Така секоја општина би знаела со колку средства во буџетот месечно располага за оваа намена.
Покрај сите барања, молби, жалби, состаноци, работни групи, заклучоци... ЕВН, од превземањето на државната компанија ЕСМ (Електростопанство на Македонија) и понатаму го крие овој податок од општините, а граѓаните со право негодуват до единиците на локалната самоуправа и прашуват- кој е виновен за темните улици.

Да одиме по ред

Во текот на истражувањето се обративме до сите релевантни фактори за да ги откриеме причините и да ја подигнеме видливоста на овој проблем со што би помогнале тој да се реши во полза на граѓаните и јавниот интерес.

Сериозно предупредување

Државниот завод за ревизија (ДЗР) експлицитно во својот извештај констатира меѓу другото: „По основ на комунална такса за улично осветлување, општините во Република Македонија од страна на ЕВН Македонија АД Скопје не добиваат податоци за: бројот на обврзници по категории (број на броила) согласно тарифниот број 10 од Законот за комуналните такси; извештај за месечниот износ на прибраните средства поединечно и кумулативно; шестмесечен извештај за реалната состојба со бројот на броилата и известување за ненаплатени побарувања по основ на оваа комунална такса.

Имено, во постојниот Закон за комунални такси не е пропишана обврска на доставување на наведените податоци, а за надминување на оваа состојба од страна на ЕВН Македонија и ЗЕЛС е склучен Меморандум за соработка. И покрај склучениот Меморандум за соработка помеѓу ЗЕЛС и ЕВН Македонија АД Скопје, од страна на ЕВН не се почитуваат договорените обврски од член 6 од Меморандумот за доставување на горенаведените податоци и извештаи. Ефектите од вака воспоставената пракса се рефлектираат на комплетноста и точноста на остварените приходи по овој основ, кои општините ги евидентираат во сметководството единствено како прилив без конкретни податоци за истиот. Со цел да се обезбеди комплетност и транспарентност во наплатата на сопствените приходи на општините, ревизијата смета дека е потребно законодавецот да изврши дополнување на законското решение во функција на надминување на истакнатите слабости. Согласно Закон за државна ревизија ЕВН требаше во рок од 90 дена да го извести ДЗР за превземените мерки во врска со наодите и препораките што нее направено“. (Годишен извештај 2017, поглавје Комунални такси, стр.56).

На оваа тема разговаравме со Љиљана Стојанова помошник на главен државен ревизор, и Јадранка Бошкоска, советник на главниот државен ревизир за ревизија.

„Тоа што го прави ЕВН е резултата на системска слабост во Законот за комунални такси посебно во делот кој се однесува на средствата за јавно осветлување кои ЕВН ги наплатува од граѓаните. На овој начин општините се на некој начин оштетени, бидејки не им се прикажуват транспарентно прибраните средства од страна на ЕВН а општинте немат можност да влезат во документрација на ЕВН и да проверат колку средства се наплатени на територија на нивната општина од граѓаните на име Комунална такса за улично осветлување. Од тој аспект општините кога добиват приходи кои им ги префрла ЕВН се паушални износи и општините не знат и немат увид колку броила има на нивна територија, колку на име комунана такса се наплатени средства и дали таа сума е идентична со она која ЕВН им ја префрла за одржавање на уличното осветлување“, вели Љиљана Стојановска помошник на главен државен ревизор.

Се добива впечаток дека ЕВН на општините им префрла само онолку средства колку им е доволно да ги платат сметките за потрошена електрична енергија на име улично осветлување. Но не се работи само за покривање на сметките за струја потрошена за улично осветлување, туку општините од тие пари треба да вложуват и во инфратструктура и нови инсталации и подобрување на улично осветлување. Во поедини општини во тек е интензивна градежна активност, се вселуват станари во нови згради а со тоа се зголемува и бројот на нови корисници на елекгтрична енергија и нови обврзници кои треба да ја плаќат комуналната такса за уличното осветлување. Меѓутоа, општините со месеци добиват паушален износ од страна на ЕВН. ЗЕЛС некако успеал да го убеди ЕВН да потпишат меморандум за потранспарентна работа во овој сегмент, но тој не се почитува од страна на ЕВН. Затоа општините и барат спецификација колку ЕВН има корисниците - регистрирани струјомери и колку добива секој месец од секоја општина по оваа обврска.

„Ние како ДЗР немаме механизми да наредиме или да санкционираме некого, нашиот извештај констатира и предупредува, дава мислење како да се успостави подобра соработка помеѓу ЕВН и општините. Врз основа на извршена ревизија ние констаираме дека постојат пропусти и препорачуваме како проблемот да се реши, како што е констатирано и во нашиот извештај препораките од страна на ЕВН не се прифатени. Единствено решение и излез од оваа ситуација е како што сме заклучиле и во извештајот на ДЗР за 2017 година да се покрене постапка со која ЕВН ке биде приморана транспаретно да ги нформира општините за точен износ на наплатената такса да ги информира општините за точен број на регистрирани струјомери и секој месец на сметка на општините да уплатува точен износ на наплатена Комунална такса за ова намена“ вели Стојанова.

Излез од оваа ситуација, како што е препорачано и извештајот на ДЗР за 2017 година општините, ЗЕЛС и ЕВН и законодавецот да седнат на заедничка маса и да се обидат решението да го пронајдат во измена на законската регулатива според која се наплатува комуналната такса за улично осветлување.

ЕВН ја крие вистината

Повикувајки се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се обидовме од ЕВН да добиеме методологија според која секој месец одредуват висина на средствата кои им се префрлуватат на општинските сметки за редовно одржување на улично осветлувања. На првото барање се обидоа да да ни „фрлат прашина во очи“ и добивме одговор и на прашање кое не сме го поставиле. Во писмениот одговор од 20 декември минатата година потпишано од Маја Димитриевиќ Митовска, правник во ЕВН, ЕВН се повикува на Закон за комунални такси и објаснува: „Во врска со вашето барање за пристап до информации од јавен карактер, ве известуваме дека во Закон за комунални такси (Службен весник на РМ бр. (наведени се сите бројеви) во член 20, Комуналните такси се плаќаат според Законски предвидена тарифа за комунални такси, Тарифен број 10 кој го уредува користењето и одржувањето на јавното осветлување според типот на потрошувачите. Имено наплатата на таксата за користење и одржување јавно осветлување ја врши Трговското друштво за дистрибуција на електрична енергија и истата ја уплатува на Општините, Општините на град Скопје на чије подрачје е извршена наплата“.

Практично ни објаснија она што и ние и граѓаните го знаеме, дека мора да се плаќа редовно комунална такса за улично осветлување и дека тие пари се префрлуваат на општините. Но ние баравме одговор по која методологија ЕВН ја одредува сумата на пари кои се префрлаат на општините, бидејќи таа очигледно не е компатибилна со бројот на потрошувачи на електрична енергија по општините. Незадоволни од овој одговор, повторно се обративме до ЕВН повикувајќи се уште еднаш на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, јасно нагласувајќи им дека бараме да ни ја објаснат Методологија според која ја одредуват висината на средствата што месечно ги уплааќаат на сметка на секоја општина на име одржување на улично осветлување.

На 31 декември минатата година, од истата правничка во ЕВН, во писмена форма, преку мејл го добивме следниот одговор: „Ве известуваме дека нема посебна методологија врз основа на која ЕВН одредува колкав износ ќе префрли на општините, туку целокупниот наплатен износ по основа на комунална такса на месечна основа се префрла на соодветна општина, согласно Закон за Комунални такси“, со потпис - Службено лице за посредување при остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, дипл. правник Маја Димитриевиќ Митовска.

Што вели законот за комунални такси

Општи одредби Член 1. Со овој закон се уредуваат комуналните такси што се плаќаат за користење на определени права, предмети и услуги од јавен интерес од локално значење од страна на правните и физичките лица кои вршат дејност и од граѓаните. Под корисник на јавно осветлување од ставот (1) точка 10 на овој член се подразбира секој имател на броило од категоријата „домаќинство” и секој имател на броило од категоријата „останата потрошувачка”. Обврзник на комунална такса Член 4 Обврзник на комунална такса е физичко и правно лице и граѓаните кои користат определени права, предмети и услуги за чие користење е пропишано плаќање на комунална такса. Определување на висината на комуналната такса Член 5 (став 1). Комуналните такси се утврдуваат во еднаква висина за сите обврзници кои вршат иста дејност или занимање, односно за сите обврзници од иста категорија. Според Законот за комунални такси, граѓаните и првни лица на секое регисгрирано броило за потрошена електрична енергија должни се на ЕВН месечно да плаќаат 149 денара за домаќинства и 278 денара за броила регистрирана на име правни лица.

Според минатогодишните податоците на Државен завод за статистика во Македонија се регистрирани околу 71.500 активни деловни субјекти, а според пописот на станови, домаќинства има околу 800.000. Претпоставуваме дека секој стан има струјомер и обврска за плаќање на комунална такса за улично осветлување. Ако овие бројки се помножат со висината на комуналната такса, излегува дека ЕВН секој месец по овој основ инаксира од граѓаните и правните лица (трговски друштва) повеќе од два милиони евра, или годишно повеке од 27 милиони евра средства кои треба да бидат вратени на општините за да улиците на нивната територија не бидат во темнина.

ЗЕЛС во битка со ЕВН

Интересите на 81 општина во Македонија во овој повеќе од една деценија стар спор на релација ЕВН општини се обидува да ги заштити и ЗЕЛС (Заедница на единици на локална самоуправа).

„Изморени сме од маратонски состаноци, ад -хок комисии, заклучоци, меморандуми ... Уште од 2006 година, веднаш по потпишувањето на договорот помеѓу Владата и ЕВН почнаа проблемите на релација ЕВН-општини. Општините кои сами инвестирале во одредени капацитети за редовно снабдување на граѓаните со електрична енергија, граделе инфраструктура за улично осветлување, трафо станици... се најдоа во ситуаиција сето тоа да го подарат на ЕВН и да плаќаат за одржување“, вели Душица Перишиќ извршен директор на Заједница на единиците на локална самоуправа на Република Mакедонија (ЗЕЛС).

Конечно во 2015 и 2016 година, по безброј состаноци на ад -хок комисии, ЕВН се согласила да ги достави до ЗЕЛС бараните податоци, односно да воспостави софтер преку кој ЗЕЛС и општините ќе имат увид во број на регистрирани струјомери на територијата на секоја општина, односно ќе знаат колку корисници од нивна општина заедно со сметката за струја плаќаат и комунална такса за улично осветлување и колку пари можат да очекуват од ЕВН. Заеднички било заклучено дека тоа е и практично и правично решение. На тој начин општините би можеле транспарентно да се појават пред своите граѓани и да им објаснат со кои суми на пари располагааат секој месец за улично осветлување. Меѓутоа, од 2015 година до денес општините и ЗЕЛС немат увид во тој систем, практично се измамени од страна на ЕВН.

„Последната информација која од ЕВН пристигна во ЗЕЛС е дека не можат да обезбедат увид во овие податоци бидејќи на тој начин би се повредил Законот за заштита на лични податоци на граѓаните“, вели Перишиќ.

Корисна алатка

Повикувајќи се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме толкување на ваквиот став на ЕВН од Дирекција за заштита на лични податоци и го добивме следниот одговор, потпишан од директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци Горан Трајковски: „Во врска со вашето барање - толкување „дали во случај ако ЕВН го достави на општините бројот на претплатници тоа би било нарушување на Законот за заштита на лични податоци, Дирекција за заштита на лични податоци Ве известува за следното:
Согласно член 1 од Законот за заштита на лични податоци ( Службен весник на Република Македонија бр 7/05, 103/08, 124/10, 135/11, 43/14, 153/15, 99/16 и 64/18) со овој закон се уредува заштита на лични податоци како основни слободи и права на физички лица, а особено правата на приватност во врска со обработка на лични податоци.
Оттука Ве известуваме дека Дирекција за заштита на личните податоци оценува дека: Во тој контекст, податокот - број на регистрирани корисници на електрична енергија во одредена општина, не е информација, односно индикатор врз основа на кој би можело конкретно физичко лице - субјект на лични податоци да се идентификува според прописите за заштита на лични податоци“, вели во своето писмено известување директорот Трајковски.

Едноставно кажано, ЕВН не може да се сокрива и да се правда дека потадоците кои општините и ЗЕЛС ги барат се тајна со чие откривање би се нарушила приватноста и би се прекршил Законот за заштита на лични податоци на граѓаните. Дирекцијата јасно објаснува дека со откривањето на бројот на корисници на електрична енергија (бројот на струјомери), кои според Закон за комунални такси го плаќат уличното осветлување, нема да се наруши ничија приватност и да се прекрши Законот за заштита на лични податоци. Според Дирекцијата, ЕВН е должен тие податиоци да ги даде, и тоа не само на ЗЕЛС или општините, туку и на секој кој ќе ги побара преку слободен пристап до информации од јавен карактер. Повреда на заштита на лични податоци би била само во случај ако општините барат име и презиме кој претплатник се „крие“ зад секој струјомер, но тоа не го бараат.

Како што велат во ЗЕЛС тие податоци дури би требало да бидат јавно објавени на веб старницата на ЕВН, бидејќи со нив не се открива идентитетот на корисниците, туку само бројката на регистрирани потрошувачи на електрична енергија на територија на секоја општина.

Сакаме увид во нашите пари

Општините се крајно коректни кон ЕВН, моментално ни една општина нема долгови кон ЕВН за потрошена електрична енергија за улично осветлување.
„Ние остануваме на нашиот став дека ЕВН треба секој месец да ни достави преку договорениот софтвер точна информација колку граѓаните им платиле комунална такса за улично осветлување, а ние тие податоци да ги дистрибуираме до сите општини во државата. Така најтрансперентно и ние како Заедница која ги застапува инетерсите на општпните и општините кои ги штитат гинтересите на граѓните би имале точен увид во прибраните средства“, велат во ЗЕЛС.

Најеклатантен пример на нетранспарентно однесување на ЕВН е општината Крива Паланка.

„Според прецизната евиденција која ја водиме за прилив на средствата од ЕВН кои се строго наменски за одржување на уличното осветлување се гледа дека сумата која ни ја префрла ЕВН се разликува од месец до месец. Со оглед дека општината има стабилни потрошувачи на електрична енергија и дека нивниот број е практично непроменет со години, а наплатата на потрошената електрична енергија од страна на ЕВН е буквално стопрецнтна, би требало секој месец да добиваме иста сума пари. Меѓутоа, еве на пример за месец мај, ЕВН за нашата општина има префрлено наменски средства за улично осветлување кои се наплатени од граѓаните на име комунална такса 934.674 денари, а во јуни месец 924.610 денари, во месец јули 1.000.282 денари, а во месец август 907.996 денари, во септември 899.463 денари, и во октомври, минатата година, 999.817 денари“, вели Драгица Митровска од одделението за финасии и буџет на Општина Крива Паланка.

„Вакви осцилации во висината на префрлените средства, во услови на константен број на корисници, ЕВН не може да ги оправда со ништо. Поради тоа ние инсистираме и тоа би било најправедно, најтранспарентно и најчесно и ние, како и ЕВН да имаме евиденција на бројот на корисници на електрична енергија односно бројот на обврзници (струјомери) на територија на нашата општината. Со вакво нетранспарентно работење, ЕВН отвора сомнеж дека средствата кои ги добиваме на општинската сметка не се реални“, вели Митровска.

И Валандово е една од општините каде ЕВН има скоро стопроцентна наплата на потрошена електрична енергија. Но како единица на локалната самоуправа, можат само да претпоставуваат колку има приближно регистрирани струјомери на нивна територија, односно корисници на електрична енергија кои според регистрираните струјомери плаќаат комунална такса. И тие како членка на ЗЕЛС бараат ЕВН секој месец да им достави податок колку бројила се регистрирани во нивната општина и колку се врз таа основа наплатени средства на име комунална такса.

„Само на тој начин секоја општина може да си планира инвестиционен циклус за подобрување и одржавање на уличното осветлување“, додава Перишиќ. Таа нагласува дека општините не можат да го прифатат образложението на ЕВН дека се работи за тајност на податоците со чие откривање би се повредиле нечии лични податоци.

Во Прилеп покрај тоа што немат увид во висината на наплатената комунална такса, ЕВН им доцни со префрлање на средствата за улично осветлуваосветлување, па улиците се во мрак, како што вели раководителот на секторот за финансии и буџет во Општина Прилеп, Драган Звездакоски, потенцирајќи дека од таа комунална такса се инвестира во електрични инсталации и осветлување на градот и неговите знаменитости.

„Комуналната такса што ЕВН треба да ни ја префрла на месечно ниво се движи меѓу 3,2 и 3,8 милиони денари, исплатата на овие средства некогаш доцни и по три месеци“, вели тој. Во неколку наврати на ниво на ЗЕЛС со претставници од ЕВН било разговарано за подобрување во редовноста на наплатата и за користењето на нивниот софтер на податоци со кој и општините би имале увид во броотј на корисници.

Владата молчи

Државниот завод за ревизија во извештајот кој е доставен и до Владата, сугерира таа да покрене постапка за измена на Законот за комунални такси за да се поправи оваа неправда кон општините. Се обративме до надлежната служба во владата со прашање: дали го добиле, дали го разгледале и дали донеле некакви заклучоци во врска со извештајот на Државен завод за ревизија по ова прашање. Но не добивме одговор.

Договорот за купопродажба на државното претпријатие ЕСМ – дистрибуција на австриската компанија ЕВН е склучен во март 2006 година помеѓу Владата на Република Македонија и австриската компанија ЕВН. Според основните начела на транспарентна Влада, овој договор би требало да се наоѓа на интернет страницата на Владата, но ние не успевме таму да го најдеме. Веројатно владата за тоа имала „причини“, бидејќи овој договор од денот на неговото потпишување го следат многу контроверзи, преписки и меѓусебни обвинувања на релација Влада - ЕВН.

Со барање за слободен пристап до информации од јавен карактер се обративме до генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија да ни го обезбедат купопродажниот договор за продажба на ЕСМ дистрибуција на ЕВН. По неколку дена добивме одговор дека стручните служби на Генералниот сектретаријат на Владата на РМ го разгледале барањето и информираат дека: „Имајќи ја во предвид содржината на предметното барање, истото го препратиле до Министерство за економија, согласно член 18 став 1. Од Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер“.

За да не ни се случи двете институции преку „наш грб“ да водат преписка, истиот ден и ние, со барање за слободен пристап до информции од јавен карактер се обративме до Министерството за финасии. На 10 јануари оваа година, го добивме преписот на оригиналниот договор на англиски јазик кој е потпишан и заверен кај нотар Емилија Харалампиева, на 20 март 2006 година.

Во него не е прецизно регулирана методологија како ќе се соработува со општините околу уличното осветлување, освен што на 97 страна од договорот е објаснето дека на 13 фебруари 2006 година, еден месец пред потпишувањето на договорот со владата, менаџментот на странската компанија донел одлука да се отпишат каматите на име долгови за потрошена електрична енергија за улично осветлување во висина од 19.701.895 денари. Во 2010 година имало многу крупни несогласувања помеѓу Владата и ЕВН. По многубројните несогласувања меѓу Владата на Република Македонија и ЕВН се најде методологија за решавање на проблемите.

Тогашниот премиер Никола Груевски го поздрави договорот меѓу Владата и ЕВН и очекува тој да резултира со решавање на сите отворени прашања. Тој во изјавата за медиуми вели: „По долги разговори меѓу преставници на ЕВН и Владата добро е што се најде методологија како да се решат проблемите во иднина. Постоеја крупни несогласувања и, по мое мислење, едно несоодветно однесување на ЕВН. Во меѓувреме компанијата направи сериозни чекори, дојде до промена на нивниот менаџмент, и по долги разговори информиран сум дека работите се поставени во правилна насока, во смисла на решавање на сите отворени прашања. Мислам дека доколку двете страни го почитуваат тоа што начелно е договорено како методологија за излез од проблемите, а ние сигурно ќе го правиме тоа, за половина до една година ќе се дојде до решение на сите посериозни отворени прашања“, изјави Груевски.

Проблемите за жал не се решија.

Во август 2009 година, вицепремиерот Зоран Ставрески и тогашниот министер за економија Фатмир Бесими изјавија дека австриската компанија ЕВН Македонија не го испочитувала делот од купопродажниот договор за ЕСМ, кој предвидувал инвестиции од 96 милиони евра
во наредните три години.

 

 

 

 

 

Овој проект е финансиран од UK aid преку Владата на Обединетото Кралство; со тоа што ставовите презентирани во истиот, не секогаш ги одразуваат официјалните политики и ставови на Владата на Обединетото Кралство.