Живот загрозен од океанска бучава

28.02.2019 02:26
Живот загрозен од океанска бучава

Бавни, незграпни, бродови кружат по океанот, носејќи помеѓу 12 и 48 воздушни топови кои ги испраќаат ударите на воздухот под притисок во длабочините на океанот. Звучните бранови удираат во морското дно, проаѓаат низ него и се враќаат назад на површината, кадешто ги собираат хидрофоните. Акустичните модели формираат тродимензионални мапи кои покажуваат каде би можело да има нафта и гас. Сеизмичките воздушни топови ја создаваат најголемата бучава што човекот некогаш ја произвел под вода.

„Воздушните удари се испукуваат на секои десет секунди“, вели Даглас Новачек, професор на Универзитетот Дјук во Северна Каролина. „Овие удари можат да се детектираат на оддалеченост од 4000 километри, тоа едноставно се огромни, навистина огромни удари“, вели тој.

Звучните тестови за барање нафта и гас се најновиот пример на растечкиот проблем на создавање бучава во океаните и овие удари неретко доведуваат до покренување тужби против некои компании, но и против некои држави.

Дел од научниците тврдат дека бучавата што ја создаваат воздушните топови може да предизвика постепена, па дури и моментална смрт на морските суштества, од оние најситните па до најкрупните – китовите, делфините, рибите, октоподите, па дури и плакнтонот.

Другите последици за морските животни се оштетување на слухот, крварење во мозокот и заглушување на комуникациските звуци неопходни за опстанок.

Стручњаците стравуваат дека бучавата го нарушува морскиот екосистем, односно влијае на намалувањето на популацијата на одредени видови, бидејќи толкавото ниво на бучава негативно влијае врз исхраната, размножувањето и меѓусебното комуницирање на животните.

Истражувањето од 2017 година покажало дека силната експлозија што е дури е послаба од сеизмичкиот воздушен топ, уништила две третини од планктонот во радиус од еден километар.

Тие мали организми на дното на синџирот на исхрана претставуваат основен извор на храна за сите морски суштества, од големите китови до најмалите ракови.
„Истражувањата покажуваат целосно отсуство на знаци на живот во близина на воздушните топови“, вели Мајкл Џасни од групата за заштита на животната средина, „Совет за одбрана на природните ресурси“.

Секој сеизмички удар од воздушниот топ, под водата достигнува и до 260 децибели што еднакво на сила од 200 децибели во атмосферата. (Лансирањето на спејс шатл, на пример, достигнува сила од 160 децибели). А бидејќи водата е погуста од воздухот, звукот под вода патува околу четири пати побрзо.

Кристофер Кларк, истражувач од лабораторијата за оринтологија, Корнел од Њујорк многу сликовито ја опишува таа бучава како „жив пекол“ за целиот подводен живот.

Компаниите што праќаат бродови во потрага по нафта и гас во САД ги негираат тврдењата за штетноста на сеизмичките удари и наведуваат дека ефектите од бучавата можат да се сведат на минимум со внимателно следење на ситуацијата и гасење на топовите во присуство на чувствивтелните видови како што се северноатлантските црни китови.

Нема повеќе од од петстотини примероци црни китови. Тие веќе страдаат од последиците на загревањето на океаните. Размножувањето на овој вид драстично се намалило, а исто така, сеизмичката бучава може да ги замаскира звуците на бродовите што може да предизвика судири помеѓу нив и китовите.

„Продолжениот хроничен стрес за кој било вид е погубен“, вели Новачек.
„Тој ги поттикнува надбубрежните жлезди да произведуваат адреналин и хормон на стресот што предизвикува губење на телесната тежина и имуносупресија“.

Звучната комуникација е примарна во морскиот екосистем кадешто видливоста е ограничена. Многу видови на китови комуницираат со звуци. Експертите за овие животни наведуваат дека некои видови китови и орки пленот го ловат со помош на ехолокација.

Звуците што ги произведуваат товарните бродови и морнарскиот сонар, исто така, претставуваат закана за поморскиот екосистем. Бучавата ја маскира и комуникацијата помеѓу семејствата на китови што влијае негативно врз ориентацијата на животните, исхраната, грижата за младите, а експертите сметаат дека бучавата и значително ја зголемува агресијата. Досега е загушена 80 отсто од комуникацијата помеѓу некои видови.

Околу 20 000 познати видови риби имаат сетило за слух, а околу 800 видови го користат звукот за лов и парење.

Океанската бучава може да има и економски последици: истражувањата во Норвешка покажуваат дека комерцијалните риболовци се враќаат вопристаништата со 40 до 80 отсто помалку уловена количина риби за времетраењето на истражувањата на морското тло.

Малубројни се законските регулативи за оваа област, а експертите сè уште трагаат по решението за овој проблем. ОН неодамна одржаа исклучително значаен симпозиум токму на оваа тема со која се занимаваат бројни научници и други стручњаци.

Од друга страна пак, пристаништето во Ванкувер, Канада, започна со програмата ECHO (Enhancing Cetacean Habitat and Observation) со која апелира на поморците да ја намалат брзината на бродовите и на тој начин да им помогнат на океаните и на оние што ги населуваат.

„Последиците од бучаата врз морските цицачи се неверојатно големи, а таа бучава предизвикува негативни последици и за сите други морски видови во синџирот на исхраната“, упорно повторува Џасни.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото