132 луѓе во Македонија сè уште се водат како исчезнати

28.02.2019 12:40
132 луѓе во Македонија сè уште се водат како исчезнати

Полициски власти ги отфрлаат како невистинити информациите за наводни киднапери и препродажба на човечки органи во Македонија, а кои во јавноста се поврзуваа со неколкуте исчезнати лица изминатите денови, од кои подоцна дел од нив беа пронајдени. Демантираат и дека во земјава има зголемување на бројот на исчезнати лица. Ова доаѓа откако на социјалните мрежи минатата недела се прошири веста за сомнителни случаи, а граѓаните искажуваа загриженост за нивната безбедност и слободно движење.

Најостро ги демантирам дезинформациите и шпекулациите во кои се злоупотребуваат актуелните случаи на исчезнати лица.Tоа се лаги и дезинформации. Ниту има случаи на киднапирање ниту пак на лицата што во последните неколку случаи си го одземаа животот им недостигале органи“, рече министерот Оливер Спасовски на прес конференција.

Министерот Спасовски вели дека во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94 отсто.

„Апсолутно неточни се и наводите дека расте бројот на исчезнати лица. Напротив, статистичките податоци недвосмислено покажуваат дека и ова е лага. Во 2018 година имало 370 пријавени исчезнати лица, а на пример, во 2014 имало 574. На оние пак што шират лажни и со ништо непоткрепени приказни за трговија со човечки органи би сакал да им порачам: ‘Не помагате’. Дел од овие случаи, за жал завршуваат понекогаш како самоубиства, како што имавме во последниот период“, рече Спасовски.

Од Министерството за внатрешни работи за Гласот на Америка велат дека од 2014 до 2018 година податоците покажуваат дека од 2008 пријавени случаи за исчезнати, пронајдени живи или мртви биле 1876 лица. Тоа значи дека за 132 од нив се уште се трага. Најголем бројот на исчезнати се на територијата на главниот град Скопје и тоа 990 лица, од кои по 109 се уште се трага.

Но, на веб страницата на Министерството за внатрешни работи на листата на исчезнати стојат имињата само на 64 лица со нивни податоци и фотографии. Помеѓу нив се и четири малолетни деца од кои најмалото има само три години. Последниот запишан e 65-годишниот скопјанец Абдул Алибен, кој како исчезнат бил пријавен на 1 февруари оваа година. Најдолго пријавено исчезнато лице кое стои во регистарот е од 1992 година.

Неколкумина граѓани пак пред Собранието на Македонија со транспаренти протестираа за 26 годишен Пино Секундо, кој исчезна на 10 декември 2018 година. Неговата мајка, Маја Трпковска, побара од надлежните институции да се заложат за пронаоѓање на нејзиниот син.

„Додека не го најдеме Пино, јас ако треба секој трети ден ќе протеситрам и ќе соберам уште повеќе луѓе. Јас ќе продолжам секој ден, а ако треба ќе се врзам и со ланец пред врата затоа што ова не е влада. Ова се луѓе што ги интересира само за нивните деца. Да беа нивните деца, јас сум сигурна дека цела Македонија ќе ја превртеа. Но, бидејки не е нивно, нив им е гајле“, вели Трпковска.

На протестите дојде и Бекир Аслан, кој е татко на Арбен Аслан на кој секаква трага и глас му се губи на 23 јануари оваа година.Тој последен пат бил виден како влегува во нечие возило.

„Во комуникација сме цело време со нив, но нема повратна информација. Тој е родител, татко на две малолетни деца. И немал никакви проблеми со здравјето. Не може само една екипа да работи на овој случај, треба да се вклучат и други институции или треба за вакви работи да направат и кризен штаб“, вели Аслан.

Експертите по безбедност велат дека многу луѓе не можејќи да се справат со стресот и економските проблеми гледаат само еден излез, а тоа е заминување од дома и барање начин како да го изгубат животот.

„Во последниот период се случува поинтензивно исчезнување на лица кои заминуваат од дома и им се губи секоја трага. Овој период не е многу поразличен од претходните периоди. Секогаш имало лица кои од различни побуди ги напуштале своите домови или престојувалишта. Она што го карактеризира овој период е послабата активност на откривање односно пронаоѓање на исчезнатите лица“, коментира Злате Димовски за Гласот на Америка.

Димовски посочува и на одредени проблеми кои се јавуваат при пронаоѓање на исчезнати лица.

„Она што недостасува се позорникарните полициски службеници кои сè уште не се успеаја институционално да се вратат на улиците за да можат преку комуникацијата со граѓаните да добиваат податоци. Исто така, треба да се намалат полициските процедури и брзо да се добиваат и разменуваат информациите. Доколку се зголеми довербата на народот во полицијата, ќе се зголеми ефективноста и ефикасноста во функција на откривање на исчезнатите. Мора да се интензивира и употребата на соработниците и информаторите во полициската работа. Од целиот спектар на оперативно - тактички мерки и дејствија полициските службеници треба да ги употребуваат најсоодветните и најцелисходните. Во оваа смисла полициските кучиња може да помогнат многу во откривањето“, вели Димовски.

Експертите препорачуваат Министерството за внатрешни работи да ја интензивира и соработката со Агенциите за приватно обезбедување, кои се многубројни и имаат можност да видат, слушнат, забележат или пронајдат лица. Тие пак велат дека мора да бидат под постојана обука и правилно да постапуваат согласно позитивната законска регулатива. Потребно е да се користат и средствата за јавно информирање и сите други можности за брзо доаѓање до информации, но и брза реакција по дознавање на некаков факт за случајот.

„Министерството за внатрешни работи потребно е да излезе со официјална информација за причините и последиците од интензивниот начин на исчезнување на лица и наоѓање на нивните безживотни тела и во тој контекст да даде повик за внимание од страна на сите граѓани на идентификуваните закани“, вели Димовски.

Од Министерството за внатрешни работи, меѓу другото, апелираат доколку некое лице се утврди за исчезнато треба да се соработува со полицијата, да се разменуваат информации за пријателите и роднините на исчезнатото лице, местата кои често ги посетува, здравствената состојба или начинот на однесување во блиското минато. Веднаш да се обратат во најблиската полициска станица.

„Полицијата активно и посветено работи на истрагите за сите тековни случаи на исчезнати лица. Ширењето на страв и лажни гласини не помагаат никому, а најмалку на фамилиите кои имаат празно место на масата“, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

 Извор: Гласот на Америка